13 септември 2004

Историја на Македонија

Веб-сајтот „Историја на Македонија“ е „посветен на 2.500 години долгата историја на Македонија и македонската нација“. Неговата цел е да ги продолжи вековните стремежи за спротивставување на странските соседски пропаганди, чија цел е бришење на посебниот македонски идентитет. Средствата со кои се служи се документирање и презентирање научни и други текстови, како и насочување каде може да се најдат уште слични материјали (книги, други сајтови).

Содржините се поделени во рубрики, според периоди (античка, римска, отоманска, поделена, независна Македонија) и отворени прашања (конфликтите со грчките и со албанските националисти, македонските малцинства и симболи), а некои од написите се во форма на одговори на често поставувани прашања.

Посебен оддел исполнет со извадоци од академски и антички извори е и посветен на посебната етничка припадност на античките Македонци.

Овој веб-сајт беше недостапен од Македонија поради тоа што хостинг-компанијата каде што беше поставен забранила пристап од македонски адреси до своите сервери по ставањето на нашата земја на квазикомерцијалните црните листи на ризични хакерски подрачја. Поради тоа, сопственикот на сајтот Даниел Велјановски решил да најде нов хост со малку поотворен поглед на Македонија, по што го реактивира сајтот во текот на минатата недела.

Она што може да се поправи на сајтот се уфрлување клучни зборови и опис во кодот на страниците, отворањето на некои страници во нови прозорци, неколкуте мртви линкови (особено оној за статистиките), ставање линкови на сите сликички од десно (конзистентност), и можеби приспособување на дизајнот (кој инаку е многу фино изведен од графички аспект) на НЗС за ширина на екранот – 800 пиксели, или овозможување да се растегне на 100 проценти.

Содржините главно се дадени во прегледна, лесно читлива форма, така што може да им бидат од голема полза на сите љубители на оваа област, кои дискусиите на вакви теми сакаат да ги дополнат со цитати од авторитети. Шанса за тоа на глобално ниво ќе се појави многу скоро, со излегувањето на филмовите за кралот Александар Трети Велики Македонски (одберете барем две од звањата). Љубителите на стратегиските видеоигри исто така би можеле да ги искористат овие знаења кога му се жалат на стратегискиот партнер на Владата на РМ, „Мајкрософт“, што во неговите производи („Ејџ оф емпајерс“, „Рајз оф нејшнз“) се застапува тврдиот грчки став за идентитетот на античките Македонци.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текст/графика
Навигација: стандардна
Клучни зборови: нема
Бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.historyofmacedonia.org

Нема коментари: