19 октомври 2006

Блогот на Рибаро

[лекториран]

Блогот на Рибаро е еден од македонските блогови од сервисот Блогерај, со растечко влијание, што се одразува и на неговата посетеност. Во однос на содржините, авторот Јане Ѓорѓиоски има еклектичен пристап, презентирајќи мислења и творби на најразлични теми, од блогот како медиум до презентирање сопствена и поезија од други автори.

Карактеристично за блогот на Рибаро е што за линкови до други блогови во блогролот користи банери-сликички што сам ги изработува, а истата практика ја применува и за други видови линкови. Ова го забавува вчитувањето на блогот, но му дава карактеристичен шмек. Некои од таквите банерчиња се појавуваат двојно: и во десната и во левата колона, за што нема преголема потреба.

Употребливоста на постовите од овој блог може да се подобри со користење поуедначена големина на фонтови и употреба на празниот простор меѓу редовите и графичките елементи.

Авторот го уредува и блогот „Јас Јуриј Г.“, кој своите содржини ги црпи од истоимената книга на починатиот поет Горан Иванов Крстевски (1971-2003), обезбедувајќи нова форма на достапност на поезијата.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: друпал
Дизајн: комбиниран
Навигација: графичка
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: ribaro.blog.com.mk

13 октомври 2006

Долгата опашка

[лекториран]

Долгата Oпашка е термин со кој се опишуваат деловните и економски модели на компании како Амазон или Нетфликс. Потекнува од статистиката и се однесува на дистрибуции кај кои прво има популација со висока амплитуда, по која следува „долга опашка“ од настани со ниска амплитуда, кои кумулативно може да бидат повеќе или потешки од оние „високите“.

Во однос на Интернет, Долгата Oпашка (The Long Tail) првпат е употребена од уредникот на списанието „Вајерд“ Крис Андерсон во 2004 година, врз база на есеј од Клеј Ширки, кој забележал дека релативно мал број блогови имаат многу линкови кон нив, додека до долгата опашка од милиони други поединечни блогови водат релативно малку линкови.

Андерсон, кој во меѓувреме има напишано и книга на темата, тврди дека иднината на продажбата е на производи за кои има мала побарувачка или обем, но кои колективно може да се продадат во поголемо количество од некои хит-производи. Во основа, се работи за премин од масовен пазар кон милиони ниши. Овој пристап, во комбинација со каналите за дистрибуција што ги отвора користењето Интернет, отвора огромен потенцијален пазар во сите стопански гранки.

Покрај издавањето на книгата, Андерсон има отворено блог на кој ги следи темите изложени во неа, презентирајќи нови примери за примена на концептот во реалниот живот. На блогот се достапни и написи и извадоци од книгата, полезни за вовед во концептот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: тајппад
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: longtail.typepad.com

06 октомври 2006

Стрипот „Слободен пад“

[лекториран]

„Слободен пад“ (Freefall) е популарен стрип што излегува на Интернет [веб-стрип], чиј автор е Марк Стенли. Во него е изложена хумористична научнофантастична сторија за неволјите на вселенскиот брод „Дивата кокошка“ чиј екипаж го сочинуваат Сем Старфол - симпатичен вонземски трчилаж, Хеликс - детинест робот и Флоренс Емброуз - припадник на генетички модификуваниот вид „Боуменов волк“ (т.е. антропоморфно суштество од родот кучиња).

Стенли го објавува стрипот од 1998 година и досега се објавени над 1.300 ремени. Стрипот оригинално бил црно-бел, но првите 388 стрипа се достапни и во верзии обоени од неговите читатели. Од 21.4.2006 година стриповите официјално ги бои Џорџ Патерсон.

Сторијата го опишува животот на Флоренс, чесен и работлив технички инженер, која е грабната да работи за не-баш-етичкиот Сем. Од почетокот на стрипот, Флоренс се обидува да го поправи вселенскиот брод на Сем, истовремено трудејќи се да не полуди поради глупостите што ги прават Сем и Хеликс. Лошата репутација на Сем на планетата Џин на која се заринкани е толкава што властите го обвинуваат за каква било лоша случка појава во нивното општество. Тој носи скафандер со нацртан смешен лик, но наводно неговото вистинско тело личи на сипа.

„Слободен пад“ одржува доба репутација во однос на научната основа, која авторот се труди да ја одржи на реалистично ниво, без употреба на уреди од типот deus ex machina (односно „магични“), како што е „ворп погон“, „вештачка гравитација“ или „зраци за транспортирање“. Стрипот содржи и интерни шеги на сметка на „Ѕвездени патеки“. На пример, регистарскиот број на бродот е 1071-CCN, што е обратно од оној на „Ентерпрајз“ NCC-1701.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: трипати неделно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: стриповски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски
Адреса: freefall.purrsia.com