07 април 2005

Лулу – за тековните и за идните писатели

[лекториран]

Лулу е веб-сајт што им овозможува на креативните луѓе да ги продадат производите на својот труд.

Слично како веќе рецензираниот Кафе-прес, преку Лулу може да објавите книги, постери, календари и други содржини преку системот печатење по порачка (print on demand). Доколку имате напишано дело, го испраќате во дигитална форма до Лулу, а потоа, кога некој ќе сака да ја купи книгата, на пример, луѓето од Лулу му печатат онолку примероци колку што е подготвен да плати.

Освен печатени материјали, Лулу овозможува и продавање софтвер, а и е-книги и други видови дигитални записи. Тука спаѓаат и фотографии, кои се дистрибуираат исклучиво во дигитална форма, како и музика (достапна за симнување од сајтот по плаќањето).

И додека Кафе-прес има предност што вашите дела може да ги залепи на чаши за кафе, подлоги за глушец и маички (по тоа се најпознати), Лулу се фокусира на создавање заедница, со интеракција меѓу авторите и купувачите (ако сакаат), преку посебни авторски веб-страници (потсајтови) и блогови, дискусиони форуми, засилени со добра инфраструктура за е-трговија, како пребарување по типови продукти и сл.

Во рамките на САД, Лулу испорачува преку „Федекс" и редовна пошта, а во странство само преку редовна пошта, така што нарачките може да се очекуваат во рок од 2 до 8 работни дена (зависно од одбраните и соодветно доплатените опции).

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: само на насловна
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.lulu.com

06 април 2005

Американско-англиски идиоми

[лекториран]

Целта на овој веб-сајт е да пружи објасненија за најчесто користените идиоми во англискиот јазик, особено неговата американска варијанта. Иако овој јазик е „светски", постојат голем број културно поврзани изрази, кои често не им се јасни ни на родените говорители, а камоли на оние што го учат како странски јазик.

За илустрација, истражувањето на фондацијата Метаморфозис од 2004 година откри дека 68.6 отсто од населението во Македонија недоволното познавање на англискиот јазик го чувствува како хендикеп во однос на користењето компјутери.

Особена предност на „сајтот за идиоми" се прегледноста и изборот. Иако не е сеопфатен, на него може да се најдат објасненија на низа чести, но мистериозни идиоми, кои често ги слушаме по филмовите.

Таков е на пример „финтата 22" (catch-22), „измислен во роман на Џозеф Хелер од 1961 година, во којшто едно бирократско правило зависи од друго, кое пак се повикува на првото". На концизен начин се дадени и главните приказни за настанокот на популарните „ОК" и „квиз".

Администраторот е отворен за забелешки од посетителите (по електронска пошта), кои потоа стануваат дел од објасненијата на термините и фразите. Во дизајнот се вметнати едноставни, но ефектни илустрации, кои го зголемуваат пријатниот впечаток, а новите прилози во списокот се соодветно обележани.

Овој веб-сајт е дел од „Мрежата на здодевноста,“ која нуди „забавни занимливости за кога ви е здодевно".


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: само на насловна
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.idiomsite.com

05 април 2005

Официјалниот веб-сајт на градот Сиетл

[лекториран]

Сиетл првобитно било име на индијански поглавар познат по својот еколошки говор (внесете „Chief Seattle" на Гугл). Потоа името го добило едно приморско гратче на Тихи Океан, кое се развило преку обезбедување услуги за китоловци и други морнари, особено „женско друштво" (според Курт Кобејн). Потоа Сиетл прераснал во важен индустриски, уметнички и туристички центар, познат по среденоста, достапноста на природни убавини и како родно место на гранџот.

Градскиот сајт им е пред се наменет на граѓаните на Сиетл и информира за услугите што ги нудат локалната самоуправа и нејзината организациска структура (сосе адресар за контакти со службениците), работата на градоначалникот и Советот (со видеозаписи од заседанијата), овозможува плаќање сметки за комуналии и јавни услуги и сл.

Цел на градот е „да стане национален водач во користењето технологија за драматично проширување на граѓанското учество и јавната расправа". Посветеноста на локалната самоуправа, која се огледа и од документите достапни на сајтот, во комбинација со тоа што 75 отсто од граѓаните имаат пристап на Интернет од дома (50 отсто од нив широкопојасна врска), овозможила забележителни резултати на полето на е-демократија.

Градскиот веб-сајт им е посветен и на туристите, за кои се обезбедени информации за знаменитостите (гробот на Брус Ли, куќата на Бил Гејтс) во посебен оддел, кој нуди „виртуелни тури" и е преполн со релевантни линкови, како оние до Зоолошката градина и Аквариумот. Преку поврзаниот сајт (www.seeseattle.org) може да побарате на домашна адреса по пошта да ви испратат информативен пакет.

За сите горенаведени на градскиот сајт е поставен и календар на настани, кој може да се пребарува и сортира според датум и вид на случувања.

Веројатно како последица на историскиот развој, до овој веб-сајт водат уште неколку адреси (cityofseattle.net, www.seattle.gov).


Дополнување: еднократно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ и други
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: минимално
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ci.seattle.wa.us

04 април 2005

Десетте години на „Јаху“

[лекториран]

Неодамна порталот „Јаху" прослави десет години постоење. По тој повод, тие објавија посебен потсајт посветен на стоте „моменти" (и во скопскиот младешки сленг овој збор се користи како синоним за „случувања") што, според нив, го одбележале овој период. Тие се однесуваат и на настани од историјата на компанијата, но и на нешта коишто влијаеле на вкупниот развој на Интернет и на вебот, своевидна ретроспектива на „нетот" (мрежата), односно „нетроспектива".

Иако како примарно средство за создавање на веб-сајтот е избран „Флеш", правилата на употребливост се запазени со подготвување верзија на сајтот во „обичен" ХТМЛ-формат, кој ги покрива сличните функционалности во комбинација со Јаваскрипт и користење слоеви.

Секој „момент" е всушност посебен напис, опремен и со можност за посетителите да остават свои коментари. Во нив содржината е дадена преку концизен текст, карактеристична фотографија/илустрација и линкови до споменатите личности, ентитети или веб-сајтови.

За оние поупатените во развојот на Интернет, кои „беа таму на времето", овој сајт може да послужи како носталгичен споменар, од којшто сепак ќе научат дополнителни работи. Сите оние кои допрва се запознаваат со новите технологии би било добро да го прифатат како задолжителна лектира и од стручен аспект, но и како средство за развивање на нивната „општа култура".

Јаху неодамна отвори и сервис за блогирање, а според најновиот Плагин, и мрежа за развој на слободен софтвер, како начин за стекнување нови идеи и решенија.


Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш, ХТМЛ, ЈС
Дизајн: графички
Навигација: приспособлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 0/10 (тазе сајт)
Јазик: англиски
Адреса: birthday.yahoo.com

02 април 2005

355

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

01 април 2005

354

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

01 март 2005

Макс-АДСЛ за 880 денари (ама во Хрватска)

[лекториран]

Хрватскиот телеком „Т-ком" има програма за промоција на широкопојасна интернет-врска со исто име како и онаа на МТ.нет. Нивните сајтови за оваа намена се слично конципирани, со информации за тоа што е АДСЛ (кај Хрватите и со упатства за поврзување и на Линукс), понудените пакети и приклучни уреди.

Обата сајта содржат и апликација што, ако внесете телефонски број, ви кажува дали на таа линија може да се постави приклучок. Притоа, хрватската варијанта е поупотреблива, оти на неа јасно пишува за што служи („Провјера АДСЛ доступности"), додека на македонската пишува „АДСЛ-локатор", што можеби е разбирливо за вработен во фирмата, но е сосема мистериозно за лаици (основната целна група). Дури во известувањето што се отвора во нов прозорец (лоша практика) станува јасно за што точно станува збор.

Од друга страна, пак, на хрватскиот сајт има претерана употреба на анимирани елементи во Флеш, така што доста бавно се вчитува, освен ако не се користи токму АДСЛ, па испаѓа дека промоцијата е наменета не за нови, туку за стари корисници. Тој впечаток го потврдува и рубриката за препорачани сајтови. Не до толку претрупаниот сајт на МТ.нет е подостапен за корисници што користат обична модемска врска.

Клучен елемент на оваа услуга е месечната претплата. Најевтиниот пакет во Хрватска чини околу 880 денари (99 куни), а кај нас 2.348 денари (со вклучен ДДВ), односно 2,7 пати повеќе во апсолутна вредност.

Споредбата со стандардот ја потврдува народната мудрост дека сиромавиот плаќа (4,32 пати) поскапо. Според „Книгата со факти за светот" (The World Factbook) од веб-сајтот на ЦИА, хрватскиот бруто-домашен производ по жител е 1,6 пати поголем од македонскиот : 10.600 наспроти 6.700 долари годишно (GDP per capita, purchasing power parity).


Дополнување: автоматско
Брзина: бавно
Функционалност: добра
Код: Флеш, ХТМЛ
Дизајн: графички/рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазици: хрватски
Адреса: www.tportal.hr/maxadsl

25 февруари 2005

Опус деи (оцрнети во „Кодот на Да Винчи")

[лекториран]

Опус деи (Божје дело) е католичка верска организација во која членуваат или со која се служат некои од негативците од романот „Кодот на Да Винчи" на Ден Браун. Мисијата на организацијата е помагање на луѓето да „го пронајдат Бог во работата и секојдневниот живот".

Основачот на Опус деи, Хоземарија Ескривиа (1902-1975), Католичката црква (www.vatican.va) го има прогласено за светец во 2002 година, со што тој има повисок ранг на пример од Мајка Тереза, која се уште не е светица, туку има титула на блажена. Генерализираните и не толку имплицитни обвинувања за нетолеранција, лихварство и волја за моќ по секоја цена изнесени во романот, повикувајќи се на сајтот на ОДАН (www.odan.org) имаат далеку пошироко влијание од расправа за литературни вкусови.

Токму поради тоа, една од најуочливите содржини на веб-сајтот на Опус деи е одговор на обвиненијата изнесени во „Кодот". Така, на пример, тие велат дека наспроти карикатуралната претстава на терминаторскиот Сила, во Опус деи нема калуѓери, дека католичката црква од која се дел не одобрува никакви криминални ниту неморални дела, дури ни во име на добри намери, дека описите на активностите и организацијата се извртени и неточни, особено во однос на дискриминација на жените или култистичкото однесување итн.

Ваквите ставови ги потврдува најочигледниот современ пример на глобално ниво: спротивставувањето на папата на почнување на војната против Ирак.

Веб-сајтот на Опус деи има верзии на повеќе јазици, кои се однесуваат на земјите и на народите кај кои католицизмот има поширока застапеност. При тоа е нарушена конзистентноста, бидејќи преводите не се комплетно пресликување на основните содржини, но од друга страна, тие претежно се однесуваат на локалните состојби, па се порелевантни за посетителите од таму.

Инаку, и другите институции споменати во „Кодот на Да Винчи", како парискиот музеј „Лувр" (www.louvre.fr) и Кралскиот колеџ од Лондон (www.kcl.ac.uk) имаат сајтови што вреди да се посетат.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски и други
Адреса: www.opusdei.org

24 февруари 2005

Ден Браун (авторот на „Кодот на Да Винчи")

[лекториран]

„Кодот на Да Винчи" е најверојатно првиот роман објавен во Македонија, а меѓу првите и во светски рамки, во кои употребата на Интернет и на други информатичко-комуникациски технологии (ИКТ) е дадена во секојдневен, ненаучнофантастичен контекст, како интегрален дел од дејството – и како таков заслужува и признание и внимание.

Веб-сајтот на авторот Ден Браун е одличен пример за користење уште еден медиум за давање поддршка на читателите на неговите дела и дополнување на нивните содржини. На пример, за „Кодот" има фотогалерии со местата на кои се одвива дејството и репродукции на уметничките дела што се споменуваат (за кои е препорачано да се разгледуваат откако ќе се прочита книгата, за да не „се скрши филмот"), интерактивни квиз-игри за решавање загатки, дополнителни објасненија на поими и слично.

„Белешката за писателот" што е достапна на веб-сајтот е позанимлива од онаа дадена во македонскиот превод на книгата. Од неа, на пример, може да се дознае дека „во почетокот на 2004 година сите четири романи на Ден Браун едновремено се наоѓале на листата на бестселери на весникот Њујорк тајмс" и дека во подготвителните истражувањата тесно соработува со сопругата Блајтх (Blythe) – историчарка на уметноста и сликарка.

За жал, делот со клипови и интервјуа има и некои празни линкови, а сите линкови што водат надвор се отвораат во нов прозорец (јаде ресурси, прави проблем со блокерите на поп-ап-и). Во делот каде што се зборува за разните изданија на книгите на Браун низ светот, не е спомената и македонската верзија.


Дополнување: замрзнато
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС, Перл, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.danbrown.com

03 февруари 2005

Рекламна агенција „Без паника“

Креативното студио „Без паника“ нема врска со своевремениот квиз, ниту пак со најпознатиот цитат од делата на Даглас Адамс. Оваа британска фирма се занимава медиумска дистрибуција и дизајн на печатени материјали, а низ на секои две недели издаваат пакет со "флаери" (летки) којшто може да содржи и други џиџи-миџи, како и еден голем преклопен постер. Пакетите се делат на најшизичките места за излегување низ таа земја, по барови и универзитети.

Местата на коишто ќе бидат дистрибуирани пакетите ги објавуваат на нивниот веб-сајт, и тоа во "поп-ап" прозорче. Ова е пример за лоша пракса од областа на употребливост оти ја намалува контролата на сурферите врз текот на нивното крстарење по мрежата и одзема ресурси од нивните машини. Дел од линковите со информации за нивната работа исто така се отвораат во нови прозорци.

Авторите веројатно се решиле на овој потег поради тоа што основниот дел на веб-сајтот (навигација во вид на анимирана улица - симпатично) им е изведен во Флеш, којшто е релативно потежок за освежување од обичните ХТМЛ-страници (сместени во прозорчето).

Информации за добивање на рекламните пакетчиња може да се добијат и преку пријавување на мејлинг-листа, а на веб-сајтот може да се види како изгледаат нивните постери и други материјали, а оставена е и можност за пријавување на студентска пракса.

Дополнување: често
Брзина: рел. брзо
Функционалност: добра
Код: Флеш
Дизајн: Флеш
Навигација: анимирана
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.dontpanicmedia.com
Датум на пишување: 03.02.2005.