16 јануари 2006

Гнузила - српско е-списание за слободен софтвер

[лекториран]

„Гнузила“ е електронско списание посветено на слободниот софтвер, на оперативните системи ГНУ, Линукс и БСД. Првиот број на овој месечник излезе во јануари 2005 година, а го издава „НВО Мрежа за слободен софтвер“, под водство на Иван Јелиќ. Списанието се објавува во електронски облик поради малите трошоци за овој вид издаваштво, но Редакцијата изјавува дека, доколку пронајде средства, би издавала и хартиена варијанта.

Содржините се исполнети со тестови на различен слободен софтвер и софтвер со отворен код, како и тестови на хардвер со различни оперативни системи. Има и информации за општествени и за политички настани и трендови од оваа сцена: лиценци, предности, легализација и слично.

Списанието се издава во ПДФ-формат, при што се следат правилата што во ваков случај обезбедуваат максимална употребливост на веб - на пример во делот за симнување е наведена големината на датотеките. Сепак, би било добро кога би била достапна и ХТМЛ-варијанта, оти таа би обезбедила поголем пристап од машини за пребарување и можности за разгледување. Чекањето да се симне целото списание може да обесхрабри голем број Ѓкорисници без широкопојасен пристап што би сакале да ја ѕирнат содржината.

„Гнузила“ е отворена за соработка со сите добронамерници, што е добра шанса за промоција на македонската заедница на слободен софтвер надвор од границите на државата. Во моментов, „Гнузила“ има поприличен углед, изграден со тринаесетмесечниот континуитет, но и поради фактот дека е единствено списание од овој вид на просторите на бивша Југославија. Предност му е што користи јазик што е разбирлив за разнородната целна група, па секој број има неколкуилјаден „тираж“, односно симнувања.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: месечно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: српски
Адреса: gnuzilla.fsn.org.yu

14 јануари 2006

Закони против спам

[лекториран]

Веб-сајтот „Закони против спам“ содржи збирка закони во врска со непебараните и комерцијални пораки испратени по е-пошта. Неговиот автор е професорот по право Дејвид И. Соркин од Чикаго.

Дизајнот на веб-сајтот е спартански, без графички елементи и со користење на најосновните елементи на ХТМЛ. Информациите се презентирани во вид на ископирани текстови, ПДФ-документи (без назначена големина) и линкови до релевантни веб-сајтови.

Содржините се поделени на три дела, кои ја одразуваат тековната состојба во однос на влијанието врз глобалниот развој на Интернет: закони на САД, закони на ЕУ и на нејзините членки, како и закони на други земји.

Со оглед на тоа што со директивите на ЕУ спамот категорично се забранува, од овој веб-сајт може да имаат голема полза сите правници и носители на одлуки што не сакаат да останат безнадежно застарени, како и сите што работат на евроинтеграција и воведување на Македонија во главните текови на глобалната економија.

Небараните пораки се како неканети гости. На лично ниво, примателот троши време на нивно примање и процесирање, но и пари, како во случајот на корисниците на АДСЛ, кои плаќаат дополнително кога ќе ја надминат квотата. На глобално ниво го зголемуваат сигурносниот ризик, ја оптоваруваат мрежата, доведуваат до задушувања на сообраќајот или намалувања на брзината, а нивниот кумулативен ефект е општо уназадување - фирмите од САД и на ЕУ годишно губат по 13 милијарди долари во намалена ефикасност поради ова зло. Во САД повеќе од 40 отсто од сите пораки се спам.

Според „спам-калкулаторот“ на ЦМС, просечна македонска фирма со 10 вработени што користат е-пошта годишно губи минимум по 160 евра поради спам.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.spamlaws.com

13 јануари 2006

Блогот „Тајни – види тајна… сподели тајна“

[лекториран]

Целта на блогот „Тајни“ е да се развие еден вид уметнички проект каде што луѓето анонимно ќе ги испраќаат своите тајни по е-пошта. Тајните се испраќаат во вид на слики во формат ЈПГ, а претставуваат комбинација од краток текст и илустрација.

На блогот има упатство како пораката да се испрати анонимно преку сервис за е-пошта преку веб што оневозможува дознавање на ИП-адресата, а овозможува закачување атачменти на пораката.

Непознатиот автор/автори на „Тајни“ предлагаат како тајни да се испраќаат лични искуства во врска со жалење, надеж, смешни настани, „скриена добрина, фантазија, верба, страв, предавство, еротско посакување, чувства, признание, љубов и слично“, и тоа во концизен, јасен и креативен облик.

Овој веб-сајт претставува независна локализирана верзија на блогот „Пост сикрет“ и има голема вредност во поттикнување на интерактивноста и на сеирџиството кај мнозинството од македонската популација, кое сепак не го владее англискиот јазик на доволно високо ниво за да го користи како алатка за двонасочна продуктивна комуникација. Збогатувањето на содржините е еден од приоритетите за поттикнување на развојот на Интернет во Македонија, кој е внесен и во соодветната Национална стратегија.

Досегашното искуство, како на пример со „Сите веб страни“ покажа дека и проектите што на ова поле се служат со преземени идеи имаат позитивно влијание.

Досега објавените тајни на македонскиот блог не заостануваат во квалитетот на изработка зад оние на американскиот, а неколку од нив се вистински мали дизајнерски ремек-дела.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на 2-3 дена
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП (блогерај)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10 (тазе е)
Јазик: македонски
Адреса: tajni.blog.com.mk

11 јануари 2006

Хрватски портал за авантуристички спорт

[лекториран]

Содржините на хрватскиот портал за авантуристички спортови се истакнуваат со својата разновидност и сеопфатност. Покрај „класичните“ авантуристички теми, како планинарење, трчање, експедиции, но и здравје, исхрана и слично, застапени се и колумни, претставувања на личности, но и духовност, релаксација и црна хроника. Основните рубрики се вода, земја, воздух, снег, мултиспорт, карпи и под површината (на водата).

Веб-сајтот е одлично разработен и како место за создавање заедница, во која читателите може да се вклучат и да учествуваат преку свои содржини или коментари. Написите, освен текстови, содржат и висококвалитетни фотографии, често распоредени и во поопширни галерии.

Тимот којшто работи на веб-сајтот е мал, но комплетен: јадрото го чинат двајца уредници, веб-мастер, лектор и преведувач, а го дополнуваат низа ентузијасти од областа на екстремни спортови, кои се мајстори за одредени области (од медицина до качување по карпи) - а многу од нив се и женски.

Освен добриот впечаток што го остава со дизајнот и изработката, кредибилитетот на овој веб-сајт го засилува и признанието што го има добиено од компјутерскиот магазин ВИДИ, како најдобар годинашен проект од областа на спорт и здравје во Хрватска.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: хрватски
Адреса: www.adventure-sport.net

10 јануари 2006

Руски храни

[лекториран]

„Руски храни“ нуди можност за пазарење преку Интернет, но и многу други содржини што го прават интересен и за посетители од земји на најниско ниво на е-трговија, како што е Македонија. На располагање се рецепти за најразновидни јадења, како и информации поврзани со руската култура и цивилизација и надвор од границите на кујната.

Таква е рубриката чија тема се руските жени, но и „академијата“ во која се објаснети разновидните аспекти на руската кујна, од конверзија на мерките (потребно за американскиот, неметрички пазар), речникот, упатствата, народната медицина, до уметноста поврзана со храната.

Декоративните аспекти на оброкот, чија цел не е само најадување туку и дружење, се претставени во детали. Од употребата на украсни салфетки, преку конкретни упатства за како се декорираат различни типови храна, меѓу кои и ордевери и салати, до декорации направени со употреба на храна, како делови на овошје и на зеленчук.

Обемноста на содржините му дава на сајтов енциклопедиска димензија. Посетителите може да оставаат коментари на написите, што влијае благотворно на неговата популарност. Интеракција со татковината овозможува и услугата да се испраќаат подароци преку веб-сајтот на дестинации во Русија, на сличен начин како што функционира македонскиот Флауершоп.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: занемарено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски и руски
Адреса: http://www.russianfoods.com

09 јануари 2006

Машинима - правење филмови со помош на видеоигри

[лекториран]

„Машинима“ е термин што ја означува технологијата на снимање филмови при што како главна алатка се користат „енџините“ (анг. мотор, машина), кои придвижуваат тридимензионални видеоигри.

Ваквите филмови може да се снимаат и како класична анимација, со програмирање на движењата на ликовите однапред, но мнозинството од нив се снимаат интерактивно, како класичен филм - живи луѓе ги придвижуваат ликовите во рамките на виртуелната околина на играта. Потоа филмовите се доработуваат, им се додава звук, заднинска музика и сите ефекти потребни да се добие комплетен производ.

Машинима нуди низа предности за филмаџиите, или оние што би сакале да станат тоа: снимање во реално време - како класичен филм, без рендерирање, комплетна контрола врз визуелните елементи - како анимација, интерактивност и независност на резолуцијата од хардверската платформа. Тоа ја прави идеална алатка и за снимање филмови со функција на сториборд при изработката на класичен филм или скица при продавање идеја за такво дело.

Веб-сајтот Машинима.ком обезбедува добар вовед во оваа технологија, преку претставување готови филмчиња (повеќе од 1.500), потоа вести написи, интервјуа, упатства, информации за фестивали поделени по категории за лесно снаоѓање. Содржините на веб-сајтот се дополнуваат и од самите посетители преку активниот форум.
Игрите што најчесто се користат за снимање машинима се „Мувиз“, „Анриал“, „Квејк“, „Ворлд оф Воркрафт“, „Симс 2“ и „Ф.Е.А.Р“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.machinima.com

06 јануари 2006

Е-честитките на „Ај сик ју“

[лекториран]

„Ај сик ју“ (ICQ) е една од највлијателните светски компании што овозможуваат директна комуникација меѓу поединци преку размена на „инстантни пораки“. Покрај основната дејност, оваа израелска фирма нуди и низа дополнителни можности, меѓу кои се истакнуваат анимираните картички за поттикнување пријателски чувства.

Картичките се поставени како посебен потсајт на главниот веб-сајт, кој може да послужи како пример за убав изглед на навигациска лента од левата страна. Тие може да се испраќаат преку Ај-сик-ју, но и преку е-пошта.

Она што овој сервис го издвојува од илјадниците слични е занаетчиската умешност во користењето на Флешот, која наближува до совршено искористување на предностите на медиумот. Особено плени тоа што со користењето мултимедијални елементи, особено на звучна подлога, авторите водат грижа за компактноста и големината на анимациите, што овозможува тие да се вчитуваат релативно брзо.

Картичките може да се разгледуваат тематски, а ги има од новогодишни, преку испраќање бакнежи, гушкања и гестови, до оние наменети специјално за давање љубовни изјави. Ги прават разни автори, па и квалитетот на цртежот и анимациите варираат, со тоа што дури и послабите „држат ниво“. Сепак, најдобро анимирани се сериите со Мечето ((Teddy Bear) и сличните ликови – за жал, авторите не се наведени. Исто така добра е и анимацијата „Бандитите на љубовта“ (Love Banditos), во која комбинацијата на едноставен интерфејс со ефективна карикатура и анимација овозможува високо ниво забавна интерактивност.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: friendship.icq.com

05 јануари 2006

Перница

[лекториран]

„Перница“ е веб-сајт на новоотворена фирма од Скопје насочена кон дизајн, развој, производство и продажба на декоративни перници. Целта на веб-сајтот е да ги претстави производите и да овозможи контакт со деловни партнери, па затоа е конципиран во форма на каталог. Како што и прилега на визуелно ориентирана фирма, дизајнот на сајтот овозможува тој да се согледува како комплетна целина, со впечаток на компактност и директност во комуникацијата.

Покрај галериите со дизајни на перници (со дигитални принтови, памук, микрофибер, полиестерски сатен и др.), како дополнителна содржина се достапни и галерии на професионални фотографии (апстрактни, цвеќиња, небо, патувања и др.) изработени од сопственичката и главна дизајнерка Оливија Циева.

Она што може да се надгради на веб-сајтов е начинот на прикажување на големите верзии на фотографиите, кои во моментов се отвораат во ново прозорче. Би било добро да се отвораат како стандардна галерија, секоја со посебна веб-страница, со краток текстуален опис и линкови за претходна, наредна и сл. На тој начин ќе се обезбеди мамка за машините за пребарување, кои првенствено се насочени кон обичен текст.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ/ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.pernica.com.mk

04 јануари 2006

„Вуна“ - блогот на Офчарот

[лекториран]

„Вуна“ е еден од највлијателните македонски блогови. Неговиот автор, Офчарот, дава мислења и во други медиуми, дел од неговите обожаватели понесени од неговиот пример стануваат блогери. Инаку, човекот намерно си се пишува со „ф“ и одбива да биде фајромизиран со примена на граматичките правила.

Темите на текстовите се најразлични и обично се критички осврти на појави и случувања од секојдневието, но има и доста пародија, козерија, поезија... Според доајенката на македонското блогерство Ана Марија Светозаров, се работи за зрели, паметни, длабоки, а истовремено и ултрасмешни постови.

Авторот ја објаснува основната терминологија вака: „‘Вуна’ не е волна. ‘Вуна’ не е битие. ‘Вуна’ е апстрактен термин, со кој неосновано, нелогички и без посебна причина се означуваат разни поими, појави, процеси или чувства, најчесто при афективна состојба, состојба на стрес, фасцинација, воодушевување, или пак екстремни ситуации (како што е на пример шок)“.

„Вуна“ го користи сервисот на Блогер.ком (mrfut.blogspot.com), но има земено адреса и на Токелау (www.vuna.tk), која води до блогот, прикажувајќи го во рамка (анг. „фрејм“). Единствена предност од ваквиот потег е што почетната адреса останува цело време во лентата на разгледувачот, арно ама се губи еден поен од Пејџ ранкот на Гугл: адресата со „мрфут“ има 4/10 оти токму до неа водат голем број линкови од други блогови. Без рамките може подобро и да се линкува длабински и има подобар пристап од машини за пребарување.
Мора да се истакне дека употребата на пригодни графички елементи ја дополнува посакуваната атмосфера на блогов.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: www.vuna.tk

[Новата адреса на блогот Вуна е www.vuna.info]

31 декември 2005

Добра рамнотежа со „Баланс“

[лекториран]

Веб-сајтот на продукциската куќа „Баланс“ од Скопје користи инвентивен интерфејс, одлично анимиран во „Флеш“. Истовремено, тој може да послужи и како пример за ограничувањата што ги поставува исклучивата употреба на „Флеш“, како и фокусирање на перспективата на нарачателот, а наспроти онаа на публиката.

Почетниот екран е претставен во вид на раце што вртат грамофонска плоча, што е многу соодветно за компанија што промовира диџеи. Арно ама, вртењето на плочата, преку кое се одбира определена секција на веб-сајтот, можеби е разбирливо за диџеи, но не е интуитивно, па посетителите може да имаат проблем при тоа кој прст треба да се кликне за да се постигне саканиот ефект. Транзициите од екран во екран се прекрасно направени. Кога ќе се стигне до дадена секција, посетителот треба премногу да клика за да види кои други секции му се на располагање - нема дадено мени со сите избори, туку се редат една по една, а на крај мора да кликне уште еднаш да ја избере секцијата.

Исклучивата употреба на „Флеш“ оневозможува соодветен пристап од машините за пребарување и длабинско линкување. Ова може да се поправи доколку покрај верзијата во „Флеш“, се направи верзија на веб-сајтот со истите информации, но базирана на текст, односно ХТМЛ без многу графички елементи и без рамки. Секако, голем минус е што барем половина од секциите, меѓу кои и мултимедија, прес, линкови, црно/бело, интервјуа – се „во изработка“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.balance.com.mk