07 ноември 2006

Претседателот на Киргистан

[лекториран]

Веројатно не е коинциденција што еден од ретките веб-сајтови од Киргистан што е достапен деновиве преку Интернет е веб-сајтот на нивниот претседател.

За жал, ниту сајтовите за вести на руски или на англиски, како ни оние на повидните невладини организации не се достапни за посетители од странство од почетокот на антивладините демонстрации минатата недела.

Од уредувачки аспект, содржината на веб-сајтов е очекувана, а се состои претежно од протоколарни информации, изјави на претседателот по разни прашања и позитивни вести.
Сајтот е изграден на платформа од слободен софтвер и користи Фри БСД-оперативен систем.

Единствено што на прв поглед паѓа в очи е што сликите се неоптимизирани за веб, односно поради нискиот степен на компресија го забавуваат вчитувањето на страниците.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: киргиски, руски, англиски
Адреса: www.president.kg

19 октомври 2006

Блогот на Рибаро

[лекториран]

Блогот на Рибаро е еден од македонските блогови од сервисот Блогерај, со растечко влијание, што се одразува и на неговата посетеност. Во однос на содржините, авторот Јане Ѓорѓиоски има еклектичен пристап, презентирајќи мислења и творби на најразлични теми, од блогот како медиум до презентирање сопствена и поезија од други автори.

Карактеристично за блогот на Рибаро е што за линкови до други блогови во блогролот користи банери-сликички што сам ги изработува, а истата практика ја применува и за други видови линкови. Ова го забавува вчитувањето на блогот, но му дава карактеристичен шмек. Некои од таквите банерчиња се појавуваат двојно: и во десната и во левата колона, за што нема преголема потреба.

Употребливоста на постовите од овој блог може да се подобри со користење поуедначена големина на фонтови и употреба на празниот простор меѓу редовите и графичките елементи.

Авторот го уредува и блогот „Јас Јуриј Г.“, кој своите содржини ги црпи од истоимената книга на починатиот поет Горан Иванов Крстевски (1971-2003), обезбедувајќи нова форма на достапност на поезијата.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: друпал
Дизајн: комбиниран
Навигација: графичка
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: ribaro.blog.com.mk

13 октомври 2006

Долгата опашка

[лекториран]

Долгата Oпашка е термин со кој се опишуваат деловните и економски модели на компании како Амазон или Нетфликс. Потекнува од статистиката и се однесува на дистрибуции кај кои прво има популација со висока амплитуда, по која следува „долга опашка“ од настани со ниска амплитуда, кои кумулативно може да бидат повеќе или потешки од оние „високите“.

Во однос на Интернет, Долгата Oпашка (The Long Tail) првпат е употребена од уредникот на списанието „Вајерд“ Крис Андерсон во 2004 година, врз база на есеј од Клеј Ширки, кој забележал дека релативно мал број блогови имаат многу линкови кон нив, додека до долгата опашка од милиони други поединечни блогови водат релативно малку линкови.

Андерсон, кој во меѓувреме има напишано и книга на темата, тврди дека иднината на продажбата е на производи за кои има мала побарувачка или обем, но кои колективно може да се продадат во поголемо количество од некои хит-производи. Во основа, се работи за премин од масовен пазар кон милиони ниши. Овој пристап, во комбинација со каналите за дистрибуција што ги отвора користењето Интернет, отвора огромен потенцијален пазар во сите стопански гранки.

Покрај издавањето на книгата, Андерсон има отворено блог на кој ги следи темите изложени во неа, презентирајќи нови примери за примена на концептот во реалниот живот. На блогот се достапни и написи и извадоци од книгата, полезни за вовед во концептот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: тајппад
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: longtail.typepad.com

06 октомври 2006

Стрипот „Слободен пад“

[лекториран]

„Слободен пад“ (Freefall) е популарен стрип што излегува на Интернет [веб-стрип], чиј автор е Марк Стенли. Во него е изложена хумористична научнофантастична сторија за неволјите на вселенскиот брод „Дивата кокошка“ чиј екипаж го сочинуваат Сем Старфол - симпатичен вонземски трчилаж, Хеликс - детинест робот и Флоренс Емброуз - припадник на генетички модификуваниот вид „Боуменов волк“ (т.е. антропоморфно суштество од родот кучиња).

Стенли го објавува стрипот од 1998 година и досега се објавени над 1.300 ремени. Стрипот оригинално бил црно-бел, но првите 388 стрипа се достапни и во верзии обоени од неговите читатели. Од 21.4.2006 година стриповите официјално ги бои Џорџ Патерсон.

Сторијата го опишува животот на Флоренс, чесен и работлив технички инженер, која е грабната да работи за не-баш-етичкиот Сем. Од почетокот на стрипот, Флоренс се обидува да го поправи вселенскиот брод на Сем, истовремено трудејќи се да не полуди поради глупостите што ги прават Сем и Хеликс. Лошата репутација на Сем на планетата Џин на која се заринкани е толкава што властите го обвинуваат за каква било лоша случка појава во нивното општество. Тој носи скафандер со нацртан смешен лик, но наводно неговото вистинско тело личи на сипа.

„Слободен пад“ одржува доба репутација во однос на научната основа, која авторот се труди да ја одржи на реалистично ниво, без употреба на уреди од типот deus ex machina (односно „магични“), како што е „ворп погон“, „вештачка гравитација“ или „зраци за транспортирање“. Стрипот содржи и интерни шеги на сметка на „Ѕвездени патеки“. На пример, регистарскиот број на бродот е 1071-CCN, што е обратно од оној на „Ентерпрајз“ NCC-1701.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: трипати неделно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: стриповски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски
Адреса: freefall.purrsia.com

26 септември 2006

Писателот на научна фантастика Роберт Џ. Сојер

Роберт Џ. Сојер е еден од најинтересните современи писатели на научна фантастика. Тоа што е Канаѓанец и во своите текстови често ја вградува канадската перспектива не му пречело да освои најпрестижните награди за жанровски дела - Хуго и Небула. Тие се доделуваат во САД и во недостаток на меѓународни структури се сметаат за признанија на светско ниво.

Врз база на веб-сајтов може да се направи студија на случај за добри практики за промоција на еден уметник-автор: идните читатели имаат можност да се запознаат подобро со неговото дело преку извадоци, а тековните читатели да ги надградат своите сознанија и да дознаат што е наредно во сериите романи кои ги привлекле кон него (како на пример, „неандерталската паралакса“).

Особено импресионира делот кој е наменет за контакт со медиумите. Покрај вообичаените фотографија со голема резолуција, работни и биографии (CV) во куси и долги форми, достапни се и линкови до веќе направени интервјуа, цитати, па дури и листа на контроверзни теми со основни информации за кои Сојер е спремен да зборува јавно - фактички синопсиси на интервјуа.

Стилот на пишување на Сојер најмногу наликува на оној на Карл Саган, а во неговите дела соодветната научна основа (физика, палеонтологија, социологија) се комбинира со горливи прашања како сексуалноста, отуѓеноста, улогата на религијата и атеизмот, комбинирани со солиден развој на ликови.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.sfwriter.com
Датум нa пишување: 26.09.2006.

14 септември 2006

Мерач на општествена поврзаност

[лекториран]

„Соушал митер“ (социјален метар) е алатка која ја мери општествената поврзаност на даден веб-сајт, преку пресметување на бројот на линкови (врски) што водат кон него од социјални веб-сајтови - чија основна функција е линкување, било автоматски, било со човечко учество.
Со внесување на адресата на веб-сајтот се добива бројка што потоа може да служи за споредба со други слични веб-сајтови, од што се може да се добие прилично јасна претстава за нивната влијателност на интернет.

Така на пример, веб-сајтот на Белата куќа има ранг од 177594, додека веб-сајтот на Владата и претседателот на Република Македонија имаат ранг 326, односно 54.

Овој веб-сајт е одличен пример за користењето на новата технологија за развој на вебот Ајакс (Ajax, Asynchronous JavaScript and XML), која овозможува подобра интеракција помеѓу корисникот и веб-страниците преку интелигентна размена на мали количества информации „зад сцената“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.socialmeter.com

31 август 2006

Терапија-точка-нет

Терапија е хрватско е-списание „за звук и слика“ основано во 2001 година, кое пренесува редовни вести и информации од светот на индустријата за забава. Концепцијата му е слична со македонското е-списание „Плагиј.ат“, со кое имаат разменето и банерчиња.

Голем дел од написите се авторски текстови, особено извештаи од настани исполнети со оригинални фотографии, кои овозможуваат интимна, а напати и објективно информирање.
Покрај вестите, на веб-сајтов се поместени неколку интересни функционалности, како на пример листа на последните пребарувани поими по нивната база, сродни написи на тековниот, цитат на неделата, најави и конкурси и слично.

Она што би ја зголемило употребливоста и видливоста кај машини за пребарување е поставување на линковите и на насловите на написите кои се најавуваат на насловните или страниците со содржини. Би помогнало и прилагодување на клучните зборови и описите на страниците за секој напис посебно.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: хрватски и англиски
Адреса: www.terapija.net
Датум на пишување: 31.08.2006.

Махатма, е-списание за антиглобализам и геополитика

НВО „Магна карта“ од Велес го објавува електронското списание за антиглобализам и геополитика „Махатма“. Декларираната цел на списанието е обогатување на духовниот капитал на младата популација.

На веб-сајтот пишува дека се работи за втор број на списанието, но за жал никаде не е поставен линк до првиот број, односно до архива на стари написи. Ставањето на огромна слика на насловната страница можеби би имало ефект кај печатено списание, но вака само го оддложува патот до содржините, и за посетителите, а особено за машините за пребарување кои и покрај повеќемесечното постоење не го покриваат многу сајтов, делумно и поради пренасочување од официјалната адреса на друг сервер.

Од аспект на употребливост, повеќето дизајнерски решенија би можело да се подобрат, особено со воедначување на стилот на пишување, некористење на црна позадина и бели букви, прошарани со разни бои за истакнување на некои содржини. Ако веќе мора да се користи црна позадина, подобро е буквите да бидат сивкасти, оти вака јакиот контраст дополнително го отежнува читањето.

Прегледот на содржините го отежнува и расплинетоста на линковите до рубриките, како и нивното мешање со разнобојните изјави со статистички податоци без референциран извор со кои се исполнети страничните колони. Можна цел на нивното поставување е сублиминална индоктринација, или иронично претставување на ’вистини‘ кои кружат во кафеанските муабети, како колку „петоколонашки и шпионски“ НВО-и има во Македонија или колку народи без своја држава има во светот.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.mahatma.ecarta.info
Датум на пишување: 31.08.2006.

Механичкиот Турчин – вештачка вештачка интелигенција

Оригиналниот „Механички Турчин“ бил лажен робот со лик на Турчин кој играл шах, направен во 1769 година од измамникот Волфганг фон Кемпелен. „Роботот“ всушност криел џуџе кое бил одличен шахист, кој ги победил дури и Бенџамин Франклин и Наполеон.

Увидувајќи дека има некои задачи кои луѓето ги вршат подобро од компјутерите, „Амазон.ком“ има разработено систем за интегрирање на природната човечка и вештачката интелигенција на компјутерите, со користење на методите на „краудсорсинг“ (crowdsourcing). Такви задачи се е препознавање на облици на фотографии, давање оценки врз база на вкус и естетски критериуми, а и преведување на текст.

Системот на „Механичкиот Турчин“ од една страна вклучува автори или оператори на апликации кои се нарекуваат „побарувачи“, кои поставуваат прашања, а буквално секој може да стане дел од тимот на оние кои ги одговараат. За секоја добро извршена задача се добиваат пари директно на нивната сметка на „Амазон.ком“, од каде што може да ги искористат за купување од најголемата продавница на интернет, или пак да ги префрлат на своите банковни сметки.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.mturk.com
Датум на пишување: 31.08.2006.

29 август 2006

Слободен нуркач

[лекториран]

„Слободно нуркање“ (free-diving) е англиски термин, кој покрива низа активности во вода, кои ги поврзува тоа што не се користи опрема за дишење, туку се нурка со задржување на здивот.

Филмот „Слободен нуркач“ раскажува топла приказна за млада девојка, која учи како да стане врвна спортистка во длабинско нуркање на прекрасниот грчки остров Спетсес, а е направен врз основа на вистински трагичен настан. Авторот (актер, сценарист и режисер) Алки Давид и неговиот тим имаат вложено огромна енергија и љубов при снимањето.

Инаку, освен на нуркање и на снимање филмови, Давид и неговите истомисленици се посветени и на зачувување на природната околина и организираат еколошки активности за заштита на морето и негово чистење од штетните човекови влијанија.

Со концизноста и директноста, веб-сајтов може да послужи како пример за македонските филмаџии, од кои повеќето имаат покажано минимално разбирање на моќта на Иинтернет и како средство за промоција и како средство за дистрибуција на нивните дела.

Од аспект на употребливост, недостаток на веб-сајтов е отворањето на нови прозорци кај некои надворешни линкови. Иако употребата на рамки за прикажување на содржините исто така не е препорачлива оти попречуваат пристап за машините за пребарување при индексирањето, сепак страниците што ги содржат се структурирани да овозможуваат длабинско линкување.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.thefreediver.org