27 мај 2004

Ирачка Басра

[лекториран]

„Полковникот Џон Бојд рече дека најголема слабост што една личност или нација може да ја има на морално ниво, кое е највисокото ниво на војната, е ако постои контрадикција помеѓу она што го кажува и она што го прави. Од тоа, сметам дека следува оти основната дефиниција за психолошки операции (амер. psyops) во современите војни од четврта генерација не го опфаќа она што го кажуваш, туку она што го правиш“, вели американскиот експерт за воена стратегија Вилијам С. Линд (www.antiwar.com).

Авторите на сајтот „Ал Басра" велат дека првобитно го основале (во април 2003 година) за да ги претстават историјата, културата, традициите и уметноста на градот Басра. Арно ама, војната и окупацијата ги натерале „да го сменат правецот за да обрнат внимание на тековната ситуација преку напори на посетителите да им се обезбедат факти и извештаи за империјалистичкиот терор против Ирак, на арапски и на англиски јазик и преку мултимедија. Најпосле (историски гледано) отпорот против сите окупатори почнувал во Басра.

На веб-сајтот има најразлични содржини: од фотогалерии (меѓу кои и оние со мачењето на затворениците во Абу Граиб), линкови со вести, преку видеа, флешови, до можност за симнување на ирачки патриотски песни и пауер-поинт презентација во која се измешани сцени од филмот за Исус „Страдание" со фотографии од војната.

Дилетантскиот дизајн изведен во ХТМЛ се одликува со грдост, ама на најголем дел од илјадниците посетители (според независниот бројач) и на машините за пребарување кои го имаат високо рангирано изгледа дека тоа не им пречи.

Мана на веб-сајтов е што линковите, дури кон сопствените страници, ги отвора во нов прозорец. Покрај тоа, во некои од страниците има вметнато и аудиофајлови кои „се полнат" во заднина и ако сте на модем може сосема да ви ја задушат линијата, а тој процес може да се прекине само ако го затворите целиот прозорец. Така, додека ја гледате страницата со фотографии на маскираните борци од Фалуџа, почнува да свири песна на арапски, при што ако ја оставите страницата отворена, ќе утврдите дека е комплетна ем-пе-тројка.


Дополнување: секојдневно
Брзина: релативно брзо
Функционалност: ефектно
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и арапски
Адреса: www.albasrah.net

12 мај 2004

Унгарско забавување

[лекториран]

Ако се земат предвид фактите дека унгарска принцеза била снаа на царот Самуил, а и дека севкупниот развој на телекомуникациите во Македонија е под големо влијание на искуствата на унгарскиот капитал, зачудувачки е колку малку Македонците знаат за оваа пријателска земја.

Како убав вовед може да послужи веб-сајтот „Фотки од журови", направен по принципот „од млади за млади". Поделен на неколку рубрики тој нуди сликовити записи од јавни забави што се одржуваат по дискотеки во Будимпешта. Покрај фотографии (fotok), достапни ви се и видеоклипчиња (vodeok) и звучни записи во ем-пе-три формат (zenek).

Богатите фотогалерии се направени во класичен стил, со чист ХТМЛ, при што една страница може да содржи од неколку десетици до неколку стотици мали сликички, кои претставуваат линкови до големи верзии (димензии минимум 1.200х1.600 пиксели, или обратно).

Домашен еквивалент на овој сајт се галериите „eyeballs" и „модели" на www.org.mk и потсајтовите на www.tonight.com.mk.


Дополнување: речиси секој викенд
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: унгарски
Адреса: www.partyfotok.hu

11 мај 2004

Безжична Естонија

[лекториран]

Ах, овие Естонциве! Не само што нивниот парламент во 2000 година со закон го има вклучено правото за пристап на Интернет во корпусот на основни човекови права, туку и навистина работат на случајот.

Пред некој ден во написот за нивната Академија за електронско владеење споменавме некои статистики, па да се надоврземе со уште една: над 66 отсто од нивната територија е покриена со базни станици за безжичен пристап на нет.

Во моментов, околу две третини од вкупно 280 такви „жешки точки“ (hot spots) нудат бесплатни услуги. Ентузијастот Вељо Хамер (уредник на вај-фај.ее) ги убедил локалните нафтени компании да инсталираат базни станици во бензинските пумпи.

Зоната на дејство на секоја таква станица е одбележана со „сообраќаен“ знак, така што доколку имате лаптоп со безжична картичка може да се закачите на нет веднаш штом ќе стапнете во неа. На сајтот вај-фај.ее има и географска карта на која сите зони се прецизно и детално одбележани.

На истото место, Вељо и неговите соработници ги документираат вестите во врска со безжичноста и со нивната земја. На секоја од нив посетителите можат да оставаат коментари, на сајтот има и јавен форум што служи за дискусии и одговарање на прашања на посетителите.

Назад во нашата реалност: во Република Македонија рестриктивните монополски закони забрануваат јавна употреба на безжична технологија. Засега ваков вид врска е возможен само во рамките на една фирма. Официјалниот број „жешки точки“ е нула.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и естонски
Адреса: www.wifi.ee

10 мај 2004

Отворете си блог

[лекториран]

Долго пред да „излезат" „реалните шоуа", главно млади ентузијасти ги искажуваа разните страни на својот карактер преку своите лични веб-страници [сајтови]. Во последните неколку години тој тренд главно се одвива преку блогови (веб-логови, односно дневници на веб). Иако блоговите прераснаа во посебен жанр, во кои освен лични случки и ставови се пренесуваат и вести и други типови информации (особено кај оние што се развиваат како дел од веќе етаблирани сајтови на тие теми), тие се уште остануваат извонредно достапно средство за индивидуално изразување.

Веб-страницата [сајтот] http://www.blogger.com/ овозможува бесплатно отворање блог на начин што му е близок на секој што има користено веб-пошта. Одбирате логин и лозинка, ги внесувате основните податоци и одбирате име на блогот, одбирате изглед (кој подоцна може да го менувате) и веднаш може да почнете да ставате написчиња. Пожелно е да знаете малку HTML, но не мора - покомплицираните функции, како вметнување слики, ќе ги научите во óд. Постои можност и да се приклучите на веќе постојни блогови на истиот сервер или да поканите пријатели да се вклучат во вашиот.

Со отворањето на блогот фактички добивате своја веб-страница, до кој може да пристапите преку адресата составена од името на блогот на кое се додава blogspot.com. Така на пример, најпознатиот македонски блог, блогот на Ана, има адреса macedoniania.blogspot.com. Постојат уште неколку други домашни блогови, меѓу кои razvigor.blogspot.com и seir.blogspot.com.

Дополнување: во зависност од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 10/10
Јазик: англиски
Адреса: www.blogger.com

05 мај 2004

Библиотеката на Конгресот на САД

[лекториран]

Мисијата на Конгресната библиотека е да ги направи своите ресурси достапни и полезни за Конгресот и за американскиот народ. Преку своите веб-сајтови (подсајтови) таа нуди широк пристап на јавноста до широк опсег на информации, особено историски материјали. Почетната адреса служи како портал од кој се разгрануваат разни области, според поле на интересирање (историја, право, светски култури...) или целна група (истражувачи, библиотекари/архивари, наставници, деца, издавачи, луѓе со специјални потреби, слепи, нови посетители).

Библиотеката содржи повеќе 128 милиони предмети (29 милиони книги, 2.7 милиони снимки, 12 милиони фотографии, 4.8 милиони мапи, 57 милиони ракописи), а должината на нејзините полици за книги изнесува околу 850 километри. Библиотеката е основана во 1800 година и има одиграно огромна улога во создавањето на САД како општество базирано на знаење, како и во успешноста на оваа држава.

Преку централниот портал може да се пребаруваат и сите каталози, а и да се следат вести за активностите на библиотеката, од тематски проекти (на пример повторна средба на ветерани од Втора светска војна овој месец), приредби на уметници, вебкасти, до прозаични апликации од типот „на денешен ден".

Дополнување: континуирано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: www.loc.gov

04 мај 2004

Академија за е-управување

[лекториран]

Академијата за е-управување се наоѓа во Талин, главниот град на Естонија. Таа претставува заедничка иницијатива на УНДП, Институтот отворено општество и Владата на Естонија, чија цел е трансфер на знаења за успешни реформи во другите земји во развој, како и истражување на искуствата собрани при изградба на информациско општество.

Веб-сајтот на Академијата има „чист“ ненападен дизајн, при што хоризонтално „горно“ мени овозможува брз пристап до рубриките (обуки, истражувања, вести за настани, галерија). Информациите се дадени прегледно, а одделните поткатегории во секоја рубрика се најавуваат во менито од левата страна при влегувањето.

Основна компонента на образовниот дел се петдневните курсеви, кои ги запознаваат учесниците со естонските состојби и искуства. Вкупните трошоци за курсот по учесник (сосе патот) изнесуваат до 2.000 долари.

Инаку, мултикултурна Естонија има 1.4 милиони жители, од кои 45 отсто се на Интернет. Училиштата и јавниот сектор се поврзани 100 отсто, а стопанството 71 отсто. За споредба, локални стручњаци имаат проценето дека максимум 5 отсто од 2 милиони жители на Македонија се на Интернет, а за другиве ставки одговорните владини служби не издаваат информации.

Истражувачкиот оддел на Академијата се занимава со макрополитики, со фокус на темите ИКТ и корупција, слободен софтвер, е-демократија, е-права и со употреба на безжична технологија во јавниот сектор.


Дополнување: речиси секоја недела
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски, руски, естонски
Адреса: www.ega.ee

30 април 2004

Калифорниски музички награди

[лекториран]

Калифорнија е една од најголемите американски сојузни држави и, кога би се осамостоила, пак би била една од најбогатите земји во светот. На сајтот посветен на изборот на калифорниски музички награди (порано познати како „бами") и вам ви се дава можност да гласате за некој од номинираните естрадни уметници.

Во конкуренција се и светски познати имиња, чии кариери ги поддржуваат мегакорпорации и независни „локални херои", групи кои работат по принципот сами свој жур. Така, рамо до рамо се „Грин деј" (Green Day), „Каунтинг кроуз" (Counting Crows), „Но даут" (No Doubt), „Антракс" (Antrax), наспроти „Маргиналните пророци" (Marginal Prophets) - состав на стрипаџијата Кит Најт од www.kchronicles.com.

Главен спонзор на изборот е локалната самоуправа на градот Оукленд (до Сан Франциско). Како крунски настан на изборот е најавен бесплатен концерт (на 6 јуни) на кој се очекуваат десет илјади луѓе.

За да гласате треба да се регистрирате. Како и дизајнот на сајтот (чист ХТМЛ), процесот е едноставен, без малтретирање и барање податоци кои би ја загрозиле вашата приватност.


Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.californiamusicawards.com

29 април 2004

Руски фестивал на стрипови

[лекториран]

Словенските јазици кои се зборуваат надвор од просторите на бивша Југославија и кај кои стриповите не дошле во вид на „ремени" односно „ленти" (превод на „стрип") објавувани во дневните весници пред Втората светска војна, за стрип го употребуваат зборот „комикс" - директен увоз од тековниот англиски.

Рускиот веб-сајт „Ком-мисија" е посветен на фестивал на стрипот што се одржува помеѓу 23 април и 4 мај оваа година, а за кој пријавувањето се врши преку веб. Фестивалот е со меѓународно учество и поддржан од импресивен број спонзори.

Визуелно, сајтот оддава пријатен впечаток, комбинирајќи елементи својствени на советската традиција за дизајн на плакати и на светски стриповски сензибилитети (франкофонски, американски и јапонски). Технолошки гледано, сајтот одлично ги интегрира ХТМЛ и флеш, користејќи ги нивните предности соодветно, без пренатрупување.

Содржински сајтот е поделен на оддели во кои се дава лична карта на фестивалот (со програма), каталог на делата на учесниците (графички новели, фотострипови и стрипови во флеш), новости за настаните, дел за пријавување и форум.

Дополнување: на неколку дена
Брзина: релативно брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: руски
Адреса: www.kommissia.ru

27 април 2004

Кромидот

[лекториран]

„Кромидот" (The Onion) е сатиричен весник кој себеси се нарекува „најфиниот извор на вести во Америка". Покрај печатеното издание со долгогодишна традиција, тој одамна пали и жари и на Интернет, а од неодамна воведе и претплата на сајтот од 30 долари годишно, со која претплатниците ќе добијат пристап до нови содржини (како лични веб-сајтови на колумнистите) неоптоварени со реклами. Утеха за обичните посетители е дека основниот дел на сајтот ќе им биде достапен, како и досега.

Концептот на списанието се темели на карикирање на вестите за тековните политички состојби со огромна доза ведар сарказам и гледање сеир.

Особено се смешни написите и измислените интервјуа и анкети во кои се известува за настаните од животот на обичните луѓе (на пример, една жена се уште изгледа добро иако има 32 години) или, пак, за обични работи од животот на политичарите и на славните (тој и тој и жена му се задоволни од нивниот заеднички сексуален живот). Хуморот доаѓа и од стилот на пишување, со кој се оди или во очигледни генерализации, или во „најпрецизни" детали, исмејувајќи го преку имитирање стереотипизирањето присутно во обични муабети.

На сајтот има и рубрика „деновиве пред години" преку која може да видите за што пишувал весникот на насловната страница уште пред Втората светска војна - и се уште е смешно.


Дополнување: секоја среда
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: [8]/10
Јазик: англиски
Адреса: www. theonion. com

24 април 2004

Скопјанецот Дејвид Еверет

[лекториран ]

Дејвид Еверет е фотограф кој живее и работи во Скопје. Неговиот веб-сајт има едноставен и прегледен дизајн, без непотребни елементи кои правеле побавен. На некои места навигацијата е неконзистентна, но посетителот може лесно да се снајде со притискање на копчето за „назад" на својот пребарувач.

На сајтот има неколку секции во кои авторот изложува информации за своето американско-македонско семејство, патувања и за фотомоделите со кои работи и ги застапува.

Галериите со фотографии опфаќаат општи теми (мртви природи, пејзажи) и луѓе (претежно женски). За некои од фотомоделите (како Ана и Верица) има и посебни страници преку кои се доаѓа до нивното мини-портфолио со по десетина фотографии и информации за моделите, за тоа каков тип работа ги интересира (фотографски жанрови: модна фотографија, гламур, фитнес, костими за капење, портрети), дали би се согласиле да снимаат разголени фотографии или не, и слично.

Еверет е задоволен со учинокот на сајтот, бидејќи му овозможува да стапува во контакт со клиенти од странство и да користи Интернет за брз транспорт на нарачани фотографии. Добра практика што ја применува за промовирање на своето дело е што се зачленува на други сајтови за фотографија (на пример www.onemodelplace.com) преку кои привлекува потенцијални муштерии.

Дополнување: на две недели
Брзина: релативно брзо
Функционалност: задоволителна
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.deverette.com