28 февруари 2006

Блогот на „Веб-сајт на денот“

[лекториран]

Одржувањето на блогот „Веб-сајт на денот“ е за да се искористат можностите на медиумот, пред се во насока на отворање нови канали за комуникација со читателите и овозможување дополнителна интерактивност.

Преку блогот читателите може да предлагаат нови веб-сајтови за рецензија, но и да дискутираат за веќе објавените рецензии преку коментари.

Во вид на постови се објавуваат и писмата од читатели што се жалат, демантираат некои наводи или, пак, пофално се изразуваат во однос на рецензиите. Блогот, исто така, служи и како архива на написите од рубрикава што се појавуваат во весникот, подредувајќи ги хронолошки.

Поновите написи се дополнуваат секојдневно, додека постарите, објавени пред излегувањето на блогот, полека се внесуваат во архивата во заднина. Тоа ќе одземе повеќе време, поради ан-гажманите на авторот. Но, ќе се согласите, се исп-латува да почекате!
Во согласност со правилата на употребливост на блогови, линкови до позначајните постови, особено рецензиите на македонските блогови, се издвоени во лентата за навигација од десната страна.

Предност во водењето на блогот е транспарентната политика при линкувањето, со отворено повикување на другите блогери на реципрочна размена на линкови.
Голем прилив на посетители се забележува преку блог-агрегаторите на Најди! и на Маседониа срч.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: блогер
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: sajtnadenot.blogspot.com

25 февруари 2006

Пребарување и споредба на цени на книги

ИСБН.ну овозможува барање книги по наслов, автор или тема. Откако дадена книга ќе се пронајде, односно откако ќе се утврди нејзиниот ИСБН-број, веб-сајтов врши споредба на цените за истото издание кај 14 продавници за книги преку Интернет.

Овој „доказ за концепт на неколку идеи за информациски менаџмент, организација и за линкување“ овозможува пребарување на околу три милиони наслови печатени во САД, како и некои надвор од нив.

Резултатите овозможуваат директно поврзување, без посредни чекори, со сајтот на книжарницата што по споредбата на цени посетителот ја одбира како место од кое ќе нарача. Тие може да бидат подредени и според цената и брзината на испорака.
Особено пофално за веб-сајтов е што има јасно назначена применета политика за приватност, со која се обврзува дека не ги задржува податоците за индивидуалните корисници.

Политиката, исто така, јасно го опишува однесувањето на кукија и други помошни механизми што служат за следење на однесувањето при посетите.
Поради успешноста во интегрирањето различни типови информации за овозможување полесно купување, овој услужен систем има добиено поволни критики од повеќе респектабилни американски медиуми.

Фуснота: ИСБН (ISBN = International Standard Book Number) е систем за единствено означување книги, оформен во Велика Британија во 1966 година и прифатен како меѓународен стандард (ISO 2108) во 1970 година.


ЗА ВЕБ САЈТОТ

Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: вики
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: http://isbn.nu

24 февруари 2006

Википедија на македонски јазик

[лекториран]

Википедија на македонски јазик е дел од повеќејазичниот проект за креирање целосна и точна слободна енциклопедија. Секој посетител може да додава и да менува статии.

Македонската верзија постои од крајот на 2004 година и има речиси 4.000 статии.
Приклучувањето на овој проект може да е исклучително полезно за задоволување на приоритетната потреба за поголемо количество содржини на македонски јазик (назначена и во Националната стратегија за развој на информатичко општество), но и од аспект на промоција на македонската култура во светот.

Имено, на насловната страница на целата енциклопедија, во горниот најупадлив дел се претставени верзиите што имаат повеќе од сто илјади написи. Со оглед на тоа што таа не само што има висок ранг на Гугл (8) туку и се почесто се користи како негова замена кога се бараат дефиниции, нема потреба да се елаборира значењето на „испливувањето“ на линкот до македонската верзија во ова елитно друштво.

Во иницијативата може да учествува буквално секој што има пристап на Интернет, а написите не мора да се „фермани“. Доволно е да се дадат концизни основни податоци за поими или за личности, пренесени од јавно достапни текстови - како на пример учебници. Друг начин на пополнување е со превод на еквивалентните написи од англиската или од другите верзии на енциклопедијата.

Најспособни да се вклучат се секако блогерите, но исклучително добро би било кога би се активирале и училиштата, кои благодарение на Кина имаат компјутерски училници, благодарение на САД имаат пристап на Интернет, па преостанува наставниците да почнат да ја користат Википедија како алатка за ширење и за дополнување на знаењето на учениците.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: вики
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: mk.wikipedia.org

23 февруари 2006

Виртуелна прошетка низ Париз

[лекториран]

Виртуелната прошетка низ Париз е дел од конзорциум на веб-сајтови што покриваат и други европски градови, како Амстердам, Барселона, Лондон… Посетителите на веб-сајтот, без потреба да потрошат пари на патување, може да се наполнат со туристички впечатоци од разгледувањето на главните културни и туристички атракции.

Прошетките се уредени на сличен начин како и во реалноста, со тоа што кога се наоѓате на дадена локација имате можност преку соодветни линкови да преминете на нејзините соседни. Движењето и местоположбата по центарот се прегледно претставени и со мапа, која исто така може да послужи за навигација. Трет метод на разгледување е со „земање такси“ – односно пронаоѓање локации преку текстуални линкови.

Веб-сајтов е фино организиран и нуди низа можности за интеракција: од оставање мислење за хотелите внесени во неговата база, преку форумот, до можноста за директен муабет со посетителите на сите веб-сајтови од мрежата преку јава-аплет.

Од аспект на оптимизација за машини за пребарување, најголем недостиг на веб-сајтов е употребата на рамки. Иако како алтернатива е поставена и верзија без рамки, таа е некомплетно имплементирана и во неа галериите не работат како што треба, оти функцијата во јаваскрипт за враќање назад при клик на голема верзија на фотографија не е вметната во кодот. Во самите галерии би било добро да се имплементираат и линкови за претходна и следна слика, со што би се зголемил ефектот на разгледување на самото место.
Уште еден технички недостиг е што јавниот бројач на посети е поставен само на една страница, наместо на сите, па се добива нереално мала бројка.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ЦГИ, ЈС, Јава
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: делумно
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.paris.cx

22 февруари 2006

Запрете ја војната против Иран

[лекториран]

Прв македонски медиум што извести за веб-сајтов е .аНТИблог, кој објаснува дека „американската администрација, крупниот капитал и американските помошници (пред сè, сервилните власти на Велика Британија, пих-левичарите, лабуристи бреј!) ги наместија сите фигури на шаховската табла - за нов колеж“.

„Запрете ја војната против Иран пред да почне” е дел од глобалната акција на елементи на граѓанското општество да се спречи уште една човечка катастрофа.

Насочен е првенствено кон разобличување на пропагандата што треба да обезбеди согласност на јавноста во западните земји за овој потег, особено преку поттикнување на стравот од нови оружја за масовно уништување по урнек на шемата со Ирак.

Одделот за вести на веб-сајтов функционира во форма на блог, а најекспониран дел од веб-сајтов е петицијата со која на Буш и на Конгресот треба да им се посочи да не ја почнуваат војната што има потенцијал за милионски човечки жртви.

Меѓу иницијалните потписници на петицијата се и нобеловецот Харолд Пинтер (Harold Pinter), поранешниот американски министер за правда Хауард Зин (Howard Zinn), како и поранешната прва дама на Грција, Маргарита Папандреу.

Активностите што авторите на веб-сајтот им ги препорачуваат на сите добронамерни и мирољубиви луѓе се да ја потпишат петицијата, да го прошират гласот за целата кауза, а по можност и да донираат. Донациите одат во фонд за закупување огласен простор во најголемите американски весници - еден вид премостување на дигиталниот јаз од светот на Интернет кон светот на оние што не го користат за секојдневна комуникација.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП+блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: само за вестите
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.stopwaroniran.org

21 февруари 2006

Креативно размислување од Роџер вон Оек

[лекториран]

Роџер вон Оек е едукатор од областа на креативното размислување, најпознат по неговиот „Криејтив вак-пак“ (Creative Whack Pack), шпил карти на кои се изложени 64 стратегии, кој служи како алатка за изместување од навикнатите шеми на размислување и добивање свеж поглед на работите.

Веб-сајтот на Вон Оек е конципиран едноставно, но функционално. На насловната страница по случаен избор може да се добиваат советите од „вак-пакот“, кои обично се состојат од илустрација, кратка анегдота или парабола и советодавно објаснување на стратегијата.
Остатокот е посветен на семинарите и на книгите на авторот, неговата референтна листа на клиенти, како и на линкови што тој ги наоѓа за забавни.

Рубриката за семинари се состои од неколку страници посветени на разни прашања во врска со нив. Во овој случај авторот не ги искористил предностите на хипертекстуалноста, оти нема понудено содржина со линкови до сите прашања, туку само линкови од едно кон друго, така што посетителите мораат да ги поминат сите претходни за да дојдат до она што можеби најмногу ги интересира.

Во истиот дел, Вон Оек нагласува дека способностите за креативност се поправаат преку нивно користење, а не преку слушање предавања за нив.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: статички
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.creativethink.com

20 февруари 2006

Енгаџет – влијателен блог за тракатанци

[лекториран]

„Енгаџет“ пренесува вести за најразлични ѕрнѕурки и тракатанци – од мобилни телефони и компјутери, преку безжични технологии и телевизори со висока дефиниција, до роботи и апарати за видеоигри.

Она што прво упаѓа во очи на блогов е нивното инсистирање на користење на РСС-фидовите како препорачана метод за дистрибуирање на информациите - овозможуваат лесен начин за додавање на нивни фидови на сите позначајни платформи и лични страници обезбедени од големите платформи, како и фидови поделени по категории за попребирливите, а и фидови од другите блогови од нивната мрежа.

Од друга страна, блогов очигледно се финансира од огласи кои се достапни само на неговиот веб-сајт, па веројатно процениле дека фидовите сепак им носат огромен број посетители. Иако фидот може да ја пренесе основната информација, па дури и целиот текст, сепак веб-сајтот нуди дополнителни функционалности привлечни за читателите, како можноста за оставање коментари.

Влијателноста на блогов се гледа и од фактот дека е втор на листата на најпопуларни блогови на Технорати, веднаш по Боинг-боинг. Овој сервис популарноста не ја мери преку бројот на посети, туку преку бројот на линковите од други веб-сајтови кон даден блог.

Примерот на „Енгаџет“ може да биде исклучително поучен за припадниците на македонската блогосфера, и во однос на користењето фидови, и во однос на пријавувањето на „Технорати“, кој освен рангирање фактички обезбедува и промоција, преку пренесување на информациите и линковите за тоа кој кого како линкува.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски, кинески, јапонски, шпански
Адреса: www.engadget.com

18 февруари 2006

Уганда - дарувана од природата

[лекториран]

„Уганда - дарувана од природата“ е слоган на кампањата за креирање на „Брендот Уганда“, односно брендирање на земјата пред светот и издигање на нејзиниот углед, особено како место што вреди да се посети. Кампањата ја раководи непрофитен конзорциум составен од претставници на различни сектори од земјата.

Веб-сајтот е повеќе насочен кон организација на кампањата и разработка на стратегијата. Како основен приоритет се истакнува мобилизирање на Уганданците да развијат свест за потенцијалот на нивната земја, бидејќи „ефективната експанзија на маркетиншка моќ во крајна линија е определена со силно чувство за национален идентитет“.

На веб-сајтот може да се најдат и информации за земјата на „26 милиони пријателски расположени африканци“, како и линкови до нејзини веб-сајтови поврзани со туризмот, инвестициите и со патувањата.

Некои од активностите опфаќаат и рекламирање на земјата на ЦНН, и на телевизијата и на веб-сајтот, преку спонзорирање на програмата посветена на вести од Африка.

Најочигледни недостатоци на веб-сајтов се расипаните линкови до публикациите, хостирањето на форумот и фотогалериите на друг сервер со различен дизајн.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.giftedbynature.org

17 февруари 2006

Веб-сајтот на општината Центар [најелитната во Македонија]

[лекториран]

Веб-сајтот на скопската општина Центар е типичен пример за тоа дека развојот на ИКТ-инфраструктурата не зависи само од цената (спонзориран е од МТ.нет), инфраструктурата (компјутери и поврзаност), туку и од волјата да се генерираат содржини (текст и услуги).

На веб-сајтот пишува дека е отворен на 4.10.2005 година. Оттогаш во него не е внесена ниедна вест, информација или друг вид податок. Рубриките „историјат на општината“, „инфраструктура“, „население“, „проекти“ зјаат празни. Нема дури ни основни податоци за контакт, како телефонски број или поштенска адреса. Во македонската верзија единствено на 26.10 е поставена анкетата на тема „Дали ви се допаѓа новиот веб-сајт?“.

За жал, впечатокот го дополнува тоа што дури и штуриот интерфејс на веб-сајтов изобилува со неконзистентни печатни грешки. Така, во македонската верзија терминот веб-сајт е напишан како „ВЕБ страница“, „веб страна“, „web сајт“ итн., додека во англиската верзија кај одделот за вести е ставен терминот „actualities“, кој можеби потсетува на нашето „актуелно“ или германското „actuel“ (вести), но на англиски значи нешто сосема друго (состојби на реалност, нешта што се реални или фактичко) и никогаш не се користи во овој контекст.

Од технички аспект, структурата на веб-сајтов изгледа доста солидно и му дава добра основа за да прерасне во вистинско средство за комуникација на локалната самоуправа и граѓаните, но само со посветено уредување и дополнување на содржините од страна на администрацијата на веројатно најбогатата општина во државава.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: никогаш
Брзина: брзо
Функционалност: слаба
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.opstinacentar.gov.mk

16 февруари 2006

Белградско здружение за промоција и за продукција на стрипот

[лекториран]

Белградското здружение за промоција и за продукција на стрипот (УППС) е основано во 2005 година, а од неодамна го има публикувано и својот веб-сајт.

Целта на здружението е промовирање на стрипот како медиум, и од аспект на колекционерство и од аспект на поттикнување на развојот на нови изданија, односно возобновување на оваа културна вредност „на подрачјето на Србија и Црна Гора (а и пошироко)“.

Според УППС, наспроти тоа што стрипот на овие простори има традиција од околу 70 години, во последните неколку децении е незаслужено маргинализиран. На сајтот се пренесуваат вести за фестивали и за стрип-настани, објавувања нови книги на темата, како и колумни со прикази и теориски текстови.

Од особен интерес е и лексиконот на ликови и автори на стрипови со повеќе од 200 написи, како и линковите до сродни веб-сајтови.

Поставен е и форум што овозможува интеракција со посетителите. Инаку, во Хрватска веќе десетина години успешно функционира еден веб-сајт со слична концепција, но без невладината компонента.

Дизајнот и техничкото решение се стандардно добро изведени, а на намалувањето на оцената за функционалност, покрај недостигот од клучни зборови, пред се влијае бавното дополнување со видливи содржини.

Голем дел од оваа дејност веројатно отпаѓа во полнење на лексиконот во заднина, па би било добро на насловната страница да излегуваат известувања за новододадени елементи.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: српски
Адреса: www.upps.org.yu