05 декември 2005

Блогот „Вицотека“

[лекториран]

Блогот „Вицотека“ служи за архивирање и за презентирање вицови на најразлични теми. Некои од нив се преземени од весници, а некои влегуваат директно од усното творештво. Посетата на сајтов може да обезбеди брзо опуштање од грижите во текот на работниот ден.

Без оглед на разликите во вкусовите што може да влијаат на впечатокот, не смее да се изуми дека постоењето на вакви блогови е од голема важност. Националната стратегија за развој на информатичко општество како приоритет ги поставува зголемувањето на количеството и разновидноста на содржините на локалните јазици, бидејќи така им се овозможува на граѓаните на Македонија да имаат причина за користење Интернет.

Би било добро кога насловите на постовите во „Вицотека“ би биле поописни, односно би ја најавувале содржината на вицот, секако без да ја откријат крајната поента. Честото користење на насловите како „Трпе“ – според еден од главните јунаци, или знаци за интерпункција, не овозможува снаоѓање со содржините.

Во поглед на дизајнот, блогот користи стандарден шаблон, кој не е модифициран. Би било препорачливо остварување зголемена размена на линкови и поставувањето јавен бројач Сајтмитер, којшто поддржува целосна интеграција со Блогер. Имено, при изборот на код на бројачот, корисникот може да одбере за каков тип сајт е наменет. Доколку се работи за сајт што се хостира на Блогер, корисникот добива можност да ги внесе своето корисничко име и лозинка, по што Сајтмитер автоматски го вметнува кодот на бројачот во блогот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Адреса: vicoteka.blogspot.com

Нема коментари: