19 декември 2005

Свети Никола - откривање на вистината за Дедо Мраз

[лекториран]

Целта на овој веб-сајт е да ја шири приказната за „вистинскиот Дедо Мраз“, односно за свети Никола, христијански владика од четвртиот век од нашата ера, кој живеел во Мала Азија и е познат како несебичен доброчинител и заштитник на децата.

Според легендата, свети Никола го споделувал своето наследено богатство со сиромашните без да се фали за тоа додека бил жив, а по смртта станал чудотворец што спасувал од разни опасности, како ропство и природни непогоди. Историски е докажано дека тој учествувал и на Советот во Никеја (325 г.), кога е утврдена основната доктрина на христијанството, која до ден-денешен ја спроведуваат и православието и католицизмот.

Моштите на свети Никола во 1087 година од Мира (денешниот град Демре во Турција) биле пренесени во италијанскиот Бари, по што се забележува пораст на неговата популарност низ Западна Европа.

Во почетокот на 19 век во САД се појавуваат приказни настанати врз основа на неговиот лик, но со губење на христијанските елементи. Ова кулминира во 1931 година, кога со рекламна кампања на „Кока-кола“ ликот на „современиот,“ иронично целосно искомерцијализиран, корпорациски Дедо Мраз е втиснат длабоко во ткивото на современата култура.

Веб-сајтот е одлично изработен, а содржински е поделен на два дела: за општата публика и за деца. Тие се разликуваат по дизајнот - кај децата е поразигран, со илустрации приспособени за возраста, како и според стилот на текстовите - кај децата приказните и легендите се дадени во оригинална форма. Во обата дела има интерактивни содржини изработени во „Флеш“, од хронологии на настани до едноставни игри.


За веб-сајтот

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.stnicholascenter.org

Нема коментари: