05 септември 2005

Фуриии

„Фурии“ е веб-сајт на шведската дигиталната уметничка Линда Бергквист, позната и под псевдонимот Енајла. Иако во случајов има неколку жртвувања на употребливоста (рамки, отворање на линкови во нови прозорци), сајтов сепак вреди да се посети поради извонредно изработените слики и цртежи. Покрај тоа, на сајтот се достапни и стрипчиња во кои главни ликови се самата уметничка и нејзиниот мачор Азраел.

Галериите со слики се поделени според доминантните бои, а не според тематика. Тоа малку го отежнува снаоѓањето, но не е преголема пречка. Иако таа воглавно црта од кеиф, во моментов г-ца Бергквист работи на книга со „темни бајки“, а посета на нејзиниот веб-сајт се препорачува за оние кои сакаат фантастика и слики на самовили и елфи.

Уживањето што се нуди е чисто естетско – нема порнографски содржини, ниту форми на гушење преку здодевни тиради. Во минатото сајтов бил поврзан со прилично активен форум, но тој сега е згаснат што ја намалува можноста за интеракција и активна промоција.
За активно заинтересираните за уметност особено полезни се неколкуте галерии кои содржат упатства за тоа како чекор-по-чекор се црта со програми од типот на Фотошоп. Некои од овие „туторијали“ прво се објавени во ценети компјутерски списанија, како оние за цртање делови од човечко лице: око, нос и слично кои излегуваат во „Компјутер артс“.

Дополнување: на недела-две
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.furiae.com
Датум на пишување: 05.09.2005.

Нема коментари: