26 мај 2009

Бидете домаќин на сопствено радио шоу

Дали некогаш сте посакале да бидете радио водител, да имате контакт со своја публика, да разговарате со луѓе јавно, на теми кои вас ве интересираат? Дали сте подготвени да ги користите новите технологии и интернетот за да си ја остварите својата желба? Доколку се пронајдовте во претходните прашања или барем во дел од нив, би можеле да му дадете шанса на „Блогтокрејдио“.

Блогтокрејдио е социјална радио мрежа која на корисниците им овозможува брз и директен начин за поврзување со нивната сопствена публика. За да бидете во улога на домаќин на сопствена радио емисија, предуслов е да поседувате компјутер со интернет конекција и прелистувач, како и обичен телефон за да можете да ги вклучувате вашите слушатели во програма. Слушателите притоа, можат да го користат и начинот за бесплатно вклучување преку интернет.

Посетителите на сајтот можат да преслушуваат емисии од богатата архива која ја имаат создадено корисниците. Притоа, можат да изберат преслушување на емисија која се емитувала во минатото, нејзино преземање на компјутерот или следење преку ајтјунс или друг РСС читач. Емисиите можат да се следат и во живо, како што се емитуваат, но за учество во нив, посетителите мора да се регистрираат.

Сите емисии се категоризирани според областа која ја покриваат, а возможно е и напредно пребарување со прецизирање на повеќе детали.

И за активните корисници на мрежата, и за оние кои се само во улога на посетители, користењето е бесплатно, додека за бизнис цели можат да се користат можностите за креирање на брендирана мрежа, која помеѓу останатите содржини може да вклучува емитување на вести до вработените во една фирма или до нејзините корисници или потрошувачи.

Дополнување: често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.blogtalkradio.com

Нема коментари: