01 јули 2009

Отворете ја кутијата - споделувајте и обработувајте фајлови фајлови од секаде

Потребата од онлајн складиште за личните документи се повеќе се зголемува. Ако хард дисковите со мал капацитет ги заменивме со такви кои имаат значително поголем, снимените дискови ги користиме помалку заради попрактичните усб базирани мемориски уреди, она што е следно е преселбата на нашите фајлови онлајн. Многумина веќе ова го практикуваат, а ќе го практикуваат и повеќе во иднина, како што ќе стануваме се поактивни онлајн и како што ќе расте нашата зависност од големиот број неопходни документи. Чувањето фајлови онлајн има уште една додадена вредност во однос на другите методи за складирање - можноста за пристапување од било кој компјутер во светот поврзан на интернет. Ако чувствувате дека е време и вие да преселите дел од вашите неопходни фајлови онлајн, тропнете на вратата на Бокс. Вратата ќе се отвори, а ќе ве пречека 1 ГБ онлајн простор само за вас и тоа сосема бесплатно.

Предноста на овој сервис, во однос на останатите кои нудат слободен простор за чување фајлови е во тоа што тој на корисниците им овозможува поставување на документи кои можат да се прегледуваат и обработуваат од одреден број на поканети членови. Според тоа, овој сервис цели кон бизнис корисниците кои често соработуваат од различни точки на Земјата. Затоа, покрај основниот модел за користење на сервисот, постојат и такви кои се плаќаат и имаат помалку ограничувања, односно повеќе можности. Сервисот овозможува и директно креирање на документи онлајн, приватно споделување на поставените фајлови со испраќање на соодветните линкови преку имејл, креирање на онлајн работен простор на кој поканетите можат да поставуваат фајлови, да дискутираат и да допринесуваат во работата, поставување на различни сигурносни опции, пристапување од мобилни уреди и сл. Некои од опциите се сепак ограничени само за претплатените корисници.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има (за личните фајлови)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.box.net

Нема коментари: