04 декември 2005
Да размениме линкови
03 декември 2005
Антипункт [поточно: .аНТИблог]
[нелекториран]
„Антипункт“ [поточно: .аНТИблог] е блог на Ивица Антевски, поет, новинар и еден од најзаслужните членови на неформалната македонска блогерска заедница (МБЗ) и на интернет и вон него, кој работи на надминување на дигиталниот јаз преку промовирање на блогерството низ печатените медиуми.
Разновидните содржини на „Антипункт“ [моментално] одат под мотото „ништо против сè“ опфаќаат лични мислења против и за појави и луѓе, пофалби или кудења за сајтови или дела, како и еден вид на дневник на настаните кои му се случуваат на авторот и неговите реакции на нив. Стилот на пишување на постовите од овој вид е ’без влакно на јазик‘ и отворено идеолошки обоен („националнот: анархист“). Особено интересни се постовите со цели колумни во врска со некои вгездени предрасуди, стереотипи и општоприфатени ставови.
На блогот понекогаш може да се најдат и новинарски стории необјавени во медиумите за кои работи авторот, напишани во објективен стил.
Како и кај другите видни претставници на МБЗ, на блогот се дозволени коментари од читателите, кои за некои теми имаат прераснато во опсежни полемики.
Секако, ваквото зголемување на можностите за интеракција, а и редовното освежување доведуваат до јакнење на репутацијата на блогот, а и позитивно влијае на популарноста (која не му е важна на авторот), што може да се провери со споредба на јавните бројачи.
Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: antipunkt.blogspot.com
Налепници:
македонски
02 декември 2005
Плагиј.ат
[лекториран]
Веб-сајтот „Плагиј.ат“ (доменот е хостиран во Австрија) пренесува вести, информации и коментари од светот на музичката и на филмската, а и од други гранки на уметноста и современата култура и општество.
Сајтот е и како електронско списание и како форум, во стил на колективните блогови од типот на Слешдот или Багра, но со особен стил што доаѓа од воспоставената уредувачка политика и индивидуалноста на авторите и на авторките. Членови на заедницата се луѓе од Македонија што живеат низ целиот свет и се веќе познати урбани личности, кои се занимавале и со други веб-проекти или изградба на заедници преку ИРЦ, но и класични уметности како проза или екстремни спортови како скејтбординг. Сето тоа се огледа и во свежиот визуелен дизајн.
Сајтот содржи и солидна библиотека на видеоклипови снимени на концерти на некои од најпознатите македонски и балкански алтернативни бендови и изведувачи.
Од аспект на оптимизација за машини за пребарување, би било добро кога насловите на написите презентирани со интро на главната страница би претставувале линкови до целосната содржина. Од аспект на употребливост, тоа би било добро да се примени и за придружните сликички-икони. Во внатрешните страници, со написи, би било добро да се вметне линк до првата страница, на пример кај логото на сајтот. Додавање на РСС или друг икс-ем-ел фид би му овозможило поголема популаризација на сајтот.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: www.plagij.at
Налепници:
македонски
01 декември 2005
Светски ден за борба против ХИВ/сида
[лекториран]
Веб-сајтот посветен на Светскиот ден за борба против ХИВ/сида го одржува британска организација што е водечка во таа земја на полето на лобирање и застапување од оваа област.
Веб-сајтот нуди основни медицински информации за ХИВ/сида, четирите начини на инфицирање и методите за побезбеден секс во многу достапен и прифатлив формат, дополнет со едноставен и ефективен дизајн. Покрај тоа, остава можност за двонасочно информирање за јавни настани поврзани со оваа тема, при што и други организации може да го искористат и да најават свои активности.
Особено интересно е направен делот за лични приказни, во кој разни луѓе, претставени со фотографија, ги споделуваат своите мислења за темата, како и за потребата да се носи црвената лента како симбол на свеста за потреба од сеопфатна активност за помагање на заболените и на потенцијалните жртви. Овие содржини се достапни и преку посебна страница, но и како инсерти на другите страници, по случаен редослед. И во овој случај читателите имаат можност да испратат свои прилози, што може да биде одлична шанса за промовирање на активистите од Македонија во странство.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.worldaidsday.org
Налепници:
англиски
30 ноември 2005
Детско здравје
[лекториран]
Мисијата на веб-сајтот „Детско здравје“ е да им овозможи на децата, родителите и на луѓето од пошироката заедница пристап до авторитетни, веродостојни современи и локално релевантни информации, презентирани на едноставен и разбирлив начин, поделени во достапни категории. Кредибилитетот на информациите почива на консултација на врвни медицински стручњаци.
Презентираните написи се исцрпни и интересни, па посетата на сајтов е препорачлива за сите што се заинтересирани за здравјето. Секој напис е поделен на секции, до кои може да се дојде преку кратка содржина на врвот на страницата, што придонесува за издигање на нивото на употребливост. Написите се леснодостапни и преку „пул даун бокс“, во кој се вметнати имиња на темите што ги обработуваат.
При изработката, страниците најверојатно се тестирани само со „Интернет експлорер“. Затоа, кога веб-сајтот се посетува со „Фајерфокс“ некои од табелите се развлечени и надвор од должината на екранот. Дизајнерот би требало да обрне внимание на компатибилност со разни типови разгледувачи, а уредникот на дополнување со содржини кај линковите што водат кон страници со натпис „under construction“.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: ретко
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: македонски и албански
Адреса: www.detskozdravje.org.mk
Налепници:
албански,
македонски
29 ноември 2005
Не кликај - Институт за истражување на интерактивноста
[лекториран]
Целта на овој веб-сајт направен од италијанскиот институт за истражување на интерактивноста е да покаже дека кликнувањето со глувчето не е неопходна операција при разгледувањето дигитални содржини.
Всушност, кликнување на сајтот е потребно само еднаш, при влегувањето во него. Потоа влегувате во свет „без копчиња“, во кој сите операции поврзани со навигација и со читање се прават со комбинација на поставување на покажувачот на определено место и со анимирано приспособување на самиот сајт на новонастанатата ситуација.
Дури и ситуациите за кои природно се очекува дека е неопходно кликнување, како одговарање на прашања со повеќе опции, се решени со тоа што изборот на опции се прави со поминување над дадена површина.
Прашањата што ги поставува проектов, колку е тешко да се надминат навиките или што се случува ако се отстранат елементите на навигација на кои публиката е навикната и како тоа го менува однесувањето, се важни и од аспект на проучување на човечкиот ум, но и од аспект на употребливост, особено во ситуација на развој на широкопојасен пристап кој душа дал за употреба на флеш и на други интерактивни апликации.
Интересно е дека доколку се кликне каде било во одлично изработениот интерфејс, се појавува порака што реагира на таа појава и се обидува да ја разбере.
Податоците од сите посети се чуваат и се обработуваат, со што се придонесува за развој на концептот.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.dontclick.it
Налепници:
англиски
27 ноември 2005
Предложете сајтови за рецензија
26 ноември 2005
Дневен преглед на политичка теорија
[лекториран]
„Дневниот преглед на политичка теорија“ е портал/веблог за политикологија и философија. Негова цел е да обезбеди централно место на вебот преку кое посетителите ќе имаат увид во најновите вести, претставени во вид на густо испреплетени линкови.
Написите и есеите до кои се поставени линковите може да се читаат без дополнително плаќање и се однесуваат на широк дијапазон теми, погледи и методологии.
Покрај насловната страница, сајтот содржи и неколку страници за поддршка со линкови до ресурси на Интернет, посебни научни трудови и архива на старите прилози. Редакцијата е расположена за соработка со сите добронамерници, што претставува добра шанса за македонски сајтови со слични содржини да добијат линкови до нив, со што ќе се издигне нивниот рејтинг на пребарувачите.
„Прегледот“ одржува и база со линкови до организации, лица и до блогови од оваа област, кои може да бидат од голема полза и за нашата академска заедница. Особено се интересни линковите во врска со стотиците стипендии достапни преку веб за пишување оригинални трудови и за учество на научни собири и конференции.
Читателот што ни го препорача сајтов смета дека нуди одлична дневна доза линкови до стории што поттикнуваат размислување - сесрдно се согласуваме.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: секој работен ден
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.politicaltheory.info
Налепници:
англиски
25 ноември 2005
Училишна мрежа во Намибија и стрипот „Хаи ти“
[лекториран]
„Скул нет“, односно „Училишна мрежа“, е непрофитен провајдер, кој овозможува бесплатен пристап на Интернет, хардвер и обука за повеќе од 450 училишта од Намибија. Проектот со училиштата почнал во 2000 година и се базира на употреба на слободен софтвер, особено на приспособена верзија на „Линукс“ и апликации како „Опен офис.“
Веб-сајтот на организацијата нуди детални и транспарентни информации за нејзиното функционирање, а за подобро снаоѓање е поделен на оддели наменети на одредени целни групи: ученици, наставници, услуги… Од дизајнерски аспект, единствено што може да им се забележи е употребата на сликички за менито, наместо табела со текстуални линкови, можеби засилени со јаваскрипт-функционалност, оти вака вчитувањето е побавно.
Особено убаво за „Скул нет“ е што имаат најдено многу инвентивен начин за приближување на своите услуги до младите - преку стрип. Стрипот „Хаи ти“, кој на локалниот јазик ошивамбо значи „слушај ваму“, е извонредно квалитетно нацртан и изобилува со хумор и со информации.
Во него група деца решаваат проблеми со употреба на ИКТ и на можностите што им ги нудат училишните лаборатории. Евидентна е и еволуцијата на стрипот во поглед на пристапност, оти во втората епизода се вметнати фусноти со објасненија на поими погодни за читатели што првпат се среќаваат со информатиката и со Интернет.
„Хаи ти“ е лиценциран под криејтив комонс и може целосно да се симне од веб, и тоа во верзија само за читање на екран (помали слики), но и во верзија што е погодна за печатење и за обработка, односно превод и реиздавање, без потреба да се плаќаат авторски права.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: мн. добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.schoolnet.na
Налепници:
англиски
24 ноември 2005
Зајачиња во филмска акција
[лекториран]
Продукцијата „Лут вонземјанин“ под водство на Џенифер Шиман е најпозната по цртаните филмови во кои главни ликови се група зајачиња. Анимациите се одлично изведени во „Флеш“ и претставуваат пародии на класични и култни филмски остварувања, кондензирани на 30 секунди.
Добриот хумористичен впечаток го дополнува звучната и музичка поддршка направена во карактеристичен и препознатлив стил. Љубителите на филмот, секако, нема да останат рамнодушни.
Тековно се застапени филмовите „Осмиот патник“, „Големото студенило“, „Егзорцист“, „Фреди против Џејсон“, „Хајлендер“, „Тоа е прекрасен живот“, „Ајкула“, „Евтини приказни“, Роки хорор пикчр шоу“, „Вресок“, „Сјаење“, „Тексашки масакр со моторна пила“, „Титаник“ и „Војна на световите“ (старото издание). Постојат и други пародии на филмови направени во истиот стил, но тие се достапни само со плаќање на веб-сајтот на компанијата што ги нарачала.
Од аспект на информациска архитектура, сајтов е добро проектиран, бидејќи секое филмче има своја посебна ХТМЛ-страница, до која може да се постави директен линк, односно да се пристапи преку машина за пребарување, што не би било случај ако сајтов е направен комплетно во „Флеш“, со еден интерфејс во кој би се вчитувале филмовите.
Други интересни апликации на веб-сајтот се дневникот на извесна Ејми, напишан во 1978 година, дополнет со мултимедијални елементи, како и низа кратки цртани филмови без зајачиња во нив.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш + ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.angryalien.com
Налепници:
англиски
Претплати се на:
Објави (Atom)