08 декември 2005
07 декември 2005
Мак-рап
[лекториран]
„Мак-рап“ е портал на македонската хипхоп-сцена на кој може да се најдат вести, статии со анализи, рецензии и податоци за чинителите од т.н. урбаната култура. Во САД, „урбано“ е еуфемизам за „црнечко“, а во контекст на веб-сајтов се користи за сè што е поврзано со рапот и со хипхопот, кој го прават граѓани на Македонија од разновидни етнички и други потекла.
Амбициозните автори ќе ја подобрат ефективноста на својата презентација ако обрнат внимание на употребливоста на сајтов. Неа ја нарушуваат:
- приспособеноста само за „Интернет експлорер“ - дизајнот и линковите едноставно не работат во „Фајерфокс“,
- користењето рамки - спречува пристап од машини за пребарување до написите,
- нападната „музичка илустрација“ во Флеш, која се вклучува автоматски, и може да им пречи на луѓе што го посетуваат сајтот од работно место, а и влијае на брзината на вчитување и
- отворањето некои линкови во нови прозорци како попапи, што предизвикува конфликт со антишпионските блокери на попапи, вградени во ленти за алатки (тулбари).
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ+Флеш
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: http://www.makrap.com
Налепници:
македонски
06 декември 2005
Озборувач
[лекториран]
„Озборувач“ е блог на извесен Бобан, којшто по учење или по работа се движи низ разни места во светот, а моментално живее и работи во Чикаго. За себе тој вели дека „учествува во идна конспирација. Сака индивидуализам, демократија, слободен ум, слободни пазари, слободен код. Мрази инертност, себичност, мрзеливост и се што не му оди во прилог.“
Написите на блогот се често содржајни и интересни стории од секојдневието или размислувања на најразлични теми, испреплетени со фотографии или со други графички содржини. Понекогаш тие претставуваат комплетни патописни репортажи.
Блогот во оваа форма постои од април 2005 година, а делата на авторот и пред тоа и се познати на интернетската јавност, од форумски или колаборативни веб-сајтови.
Од аспект на употребливост, на „Озборувачот“ може да му се забележи што линковите кон надворешните сајтови, а особено кон другите блогови, ги отвора во нов прозорец на разгледувачот. Со тоа ем им троши дополнителни ресурси на посетителите, ем си ја ускратува можноста посетителот да му се врати назад преку копчето „бек“ и да ги забележи промените настанати на сајтот во меѓувреме. Ова е особено важно ако реши да се самофинансира преку банери или учество во програми за огласи. Дополнително би било добро во шаблонот на внатрешните страници да вгради линк до насловната страница.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: www.ozboruvac.org
Налепници:
македонски
05 декември 2005
Блогот „Вицотека“
[лекториран]
Блогот „Вицотека“ служи за архивирање и за презентирање вицови на најразлични теми. Некои од нив се преземени од весници, а некои влегуваат директно од усното творештво. Посетата на сајтов може да обезбеди брзо опуштање од грижите во текот на работниот ден.
Без оглед на разликите во вкусовите што може да влијаат на впечатокот, не смее да се изуми дека постоењето на вакви блогови е од голема важност. Националната стратегија за развој на информатичко општество како приоритет ги поставува зголемувањето на количеството и разновидноста на содржините на локалните јазици, бидејќи така им се овозможува на граѓаните на Македонија да имаат причина за користење Интернет.
Би било добро кога насловите на постовите во „Вицотека“ би биле поописни, односно би ја најавувале содржината на вицот, секако без да ја откријат крајната поента. Честото користење на насловите како „Трпе“ – според еден од главните јунаци, или знаци за интерпункција, не овозможува снаоѓање со содржините.
Во поглед на дизајнот, блогот користи стандарден шаблон, кој не е модифициран. Би било препорачливо остварување зголемена размена на линкови и поставувањето јавен бројач Сајтмитер, којшто поддржува целосна интеграција со Блогер. Имено, при изборот на код на бројачот, корисникот може да одбере за каков тип сајт е наменет. Доколку се работи за сајт што се хостира на Блогер, корисникот добива можност да ги внесе своето корисничко име и лозинка, по што Сајтмитер автоматски го вметнува кодот на бројачот во блогот.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Адреса: vicoteka.blogspot.com
Налепници:
македонски
04 декември 2005
Да размениме линкови
03 декември 2005
Антипункт [поточно: .аНТИблог]
[нелекториран]
„Антипункт“ [поточно: .аНТИблог] е блог на Ивица Антевски, поет, новинар и еден од најзаслужните членови на неформалната македонска блогерска заедница (МБЗ) и на интернет и вон него, кој работи на надминување на дигиталниот јаз преку промовирање на блогерството низ печатените медиуми.
Разновидните содржини на „Антипункт“ [моментално] одат под мотото „ништо против сè“ опфаќаат лични мислења против и за појави и луѓе, пофалби или кудења за сајтови или дела, како и еден вид на дневник на настаните кои му се случуваат на авторот и неговите реакции на нив. Стилот на пишување на постовите од овој вид е ’без влакно на јазик‘ и отворено идеолошки обоен („националнот: анархист“). Особено интересни се постовите со цели колумни во врска со некои вгездени предрасуди, стереотипи и општоприфатени ставови.
На блогот понекогаш може да се најдат и новинарски стории необјавени во медиумите за кои работи авторот, напишани во објективен стил.
Како и кај другите видни претставници на МБЗ, на блогот се дозволени коментари од читателите, кои за некои теми имаат прераснато во опсежни полемики.
Секако, ваквото зголемување на можностите за интеракција, а и редовното освежување доведуваат до јакнење на репутацијата на блогот, а и позитивно влијае на популарноста (која не му е важна на авторот), што може да се провери со споредба на јавните бројачи.
Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: antipunkt.blogspot.com
Налепници:
македонски
02 декември 2005
Плагиј.ат
[лекториран]
Веб-сајтот „Плагиј.ат“ (доменот е хостиран во Австрија) пренесува вести, информации и коментари од светот на музичката и на филмската, а и од други гранки на уметноста и современата култура и општество.
Сајтот е и како електронско списание и како форум, во стил на колективните блогови од типот на Слешдот или Багра, но со особен стил што доаѓа од воспоставената уредувачка политика и индивидуалноста на авторите и на авторките. Членови на заедницата се луѓе од Македонија што живеат низ целиот свет и се веќе познати урбани личности, кои се занимавале и со други веб-проекти или изградба на заедници преку ИРЦ, но и класични уметности како проза или екстремни спортови како скејтбординг. Сето тоа се огледа и во свежиот визуелен дизајн.
Сајтот содржи и солидна библиотека на видеоклипови снимени на концерти на некои од најпознатите македонски и балкански алтернативни бендови и изведувачи.
Од аспект на оптимизација за машини за пребарување, би било добро кога насловите на написите презентирани со интро на главната страница би претставувале линкови до целосната содржина. Од аспект на употребливост, тоа би било добро да се примени и за придружните сликички-икони. Во внатрешните страници, со написи, би било добро да се вметне линк до првата страница, на пример кај логото на сајтот. Додавање на РСС или друг икс-ем-ел фид би му овозможило поголема популаризација на сајтот.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: www.plagij.at
Налепници:
македонски
01 декември 2005
Светски ден за борба против ХИВ/сида
[лекториран]
Веб-сајтот посветен на Светскиот ден за борба против ХИВ/сида го одржува британска организација што е водечка во таа земја на полето на лобирање и застапување од оваа област.
Веб-сајтот нуди основни медицински информации за ХИВ/сида, четирите начини на инфицирање и методите за побезбеден секс во многу достапен и прифатлив формат, дополнет со едноставен и ефективен дизајн. Покрај тоа, остава можност за двонасочно информирање за јавни настани поврзани со оваа тема, при што и други организации може да го искористат и да најават свои активности.
Особено интересно е направен делот за лични приказни, во кој разни луѓе, претставени со фотографија, ги споделуваат своите мислења за темата, како и за потребата да се носи црвената лента како симбол на свеста за потреба од сеопфатна активност за помагање на заболените и на потенцијалните жртви. Овие содржини се достапни и преку посебна страница, но и како инсерти на другите страници, по случаен редослед. И во овој случај читателите имаат можност да испратат свои прилози, што може да биде одлична шанса за промовирање на активистите од Македонија во странство.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.worldaidsday.org
Налепници:
англиски
30 ноември 2005
Детско здравје
[лекториран]
Мисијата на веб-сајтот „Детско здравје“ е да им овозможи на децата, родителите и на луѓето од пошироката заедница пристап до авторитетни, веродостојни современи и локално релевантни информации, презентирани на едноставен и разбирлив начин, поделени во достапни категории. Кредибилитетот на информациите почива на консултација на врвни медицински стручњаци.
Презентираните написи се исцрпни и интересни, па посетата на сајтов е препорачлива за сите што се заинтересирани за здравјето. Секој напис е поделен на секции, до кои може да се дојде преку кратка содржина на врвот на страницата, што придонесува за издигање на нивото на употребливост. Написите се леснодостапни и преку „пул даун бокс“, во кој се вметнати имиња на темите што ги обработуваат.
При изработката, страниците најверојатно се тестирани само со „Интернет експлорер“. Затоа, кога веб-сајтот се посетува со „Фајерфокс“ некои од табелите се развлечени и надвор од должината на екранот. Дизајнерот би требало да обрне внимание на компатибилност со разни типови разгледувачи, а уредникот на дополнување со содржини кај линковите што водат кон страници со натпис „under construction“.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: ретко
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: македонски и албански
Адреса: www.detskozdravje.org.mk
Налепници:
албански,
македонски
29 ноември 2005
Не кликај - Институт за истражување на интерактивноста
[лекториран]
Целта на овој веб-сајт направен од италијанскиот институт за истражување на интерактивноста е да покаже дека кликнувањето со глувчето не е неопходна операција при разгледувањето дигитални содржини.
Всушност, кликнување на сајтот е потребно само еднаш, при влегувањето во него. Потоа влегувате во свет „без копчиња“, во кој сите операции поврзани со навигација и со читање се прават со комбинација на поставување на покажувачот на определено место и со анимирано приспособување на самиот сајт на новонастанатата ситуација.
Дури и ситуациите за кои природно се очекува дека е неопходно кликнување, како одговарање на прашања со повеќе опции, се решени со тоа што изборот на опции се прави со поминување над дадена површина.
Прашањата што ги поставува проектов, колку е тешко да се надминат навиките или што се случува ако се отстранат елементите на навигација на кои публиката е навикната и како тоа го менува однесувањето, се важни и од аспект на проучување на човечкиот ум, но и од аспект на употребливост, особено во ситуација на развој на широкопојасен пристап кој душа дал за употреба на флеш и на други интерактивни апликации.
Интересно е дека доколку се кликне каде било во одлично изработениот интерфејс, се појавува порака што реагира на таа појава и се обидува да ја разбере.
Податоците од сите посети се чуваат и се обработуваат, со што се придонесува за развој на концептот.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.dontclick.it
Налепници:
англиски
Претплати се на:
Објави (Atom)