31 декември 2005

Добра рамнотежа со „Баланс“

[лекториран]

Веб-сајтот на продукциската куќа „Баланс“ од Скопје користи инвентивен интерфејс, одлично анимиран во „Флеш“. Истовремено, тој може да послужи и како пример за ограничувањата што ги поставува исклучивата употреба на „Флеш“, како и фокусирање на перспективата на нарачателот, а наспроти онаа на публиката.

Почетниот екран е претставен во вид на раце што вртат грамофонска плоча, што е многу соодветно за компанија што промовира диџеи. Арно ама, вртењето на плочата, преку кое се одбира определена секција на веб-сајтот, можеби е разбирливо за диџеи, но не е интуитивно, па посетителите може да имаат проблем при тоа кој прст треба да се кликне за да се постигне саканиот ефект. Транзициите од екран во екран се прекрасно направени. Кога ќе се стигне до дадена секција, посетителот треба премногу да клика за да види кои други секции му се на располагање - нема дадено мени со сите избори, туку се редат една по една, а на крај мора да кликне уште еднаш да ја избере секцијата.

Исклучивата употреба на „Флеш“ оневозможува соодветен пристап од машините за пребарување и длабинско линкување. Ова може да се поправи доколку покрај верзијата во „Флеш“, се направи верзија на веб-сајтот со истите информации, но базирана на текст, односно ХТМЛ без многу графички елементи и без рамки. Секако, голем минус е што барем половина од секциите, меѓу кои и мултимедија, прес, линкови, црно/бело, интервјуа – се „во изработка“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.balance.com.mk

30 декември 2005

Гонзо-фотоновинарство

[лекториран]

„Гонзо“ пристапот кон фотоновинарството промовира „прогресија преку строга точност и автентичност без потчинување на ограничувањата на стандардните правила за репортажи“. Се одразува преку анотација во гонзо-стил, без многу „јадење бурек“, туку со презентирање на фактите. Анотацијата се темели на одговарање на пет прашања: кој, што, каде, кога, зошто (who, what, where, when, why).

Веб-сајтот има цел да го промовира овој стил преку примери и објавување на манифест со кој се објаснети принципите на движењето, кои се темелат на земање предвид на промените што ги носат дигитализацијата и користењето Интернет наспроти печатените медиуми. Со тотално прилепување од десно, изработката на манифестот намерно ги крши сите правила на употребливост, но со примена на визуелна логика, која му овозможува сепак да биде читлив и ефективен при пренесување на атмосферата на новото.

Терминот гонзо во слична смисла (идиосинкратички субјективно со акцент на непосредно вклучување во акцијата) се користи и во други области на современото човеково творештво, како индустријата за филмови за возрасни, особено оние што се снимаат во Италија и во САД со уметници по потекло од Унгарија.

Употребата на Флеш за приказ на видео на овој веб-сајт овозможува поголема контрола врз изгледот на екранот, но на некои разгледувачи може да доведе до технички проблеми, кои се одразуваат преку „сечкање“ на звукот. Дури и кога би работело перфектно, не би било лошо да се остави можност за симнување на клипот, со назначување на форматот и на големината.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: еднократно
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: Флеш/ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.gonzopj.net

29 декември 2005

589

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

28 декември 2005

Џебна капела

[лекториран]

„Џебна капела“ е бесплатен софтвер што овозможува поставување црковен олтар на десктопот на персонален компјутер. Достапна е во верзии за оперативните системи „Мајкрософт Виндоуз“ или „МекОС“ на „Епл“.

Верникот (христијанин) може да го уреди олтарот по свој вкус, со избирање и со разместување разновидни елементи што му се на располагање. Меѓу нив има статуи (Исус, Богородица, Господ), икони, слики, крстови, мебел, цвеќиња, свеќи и слично.

Авторот Дарио Гибелини (од Германија) смета дека за луѓето што поминуваат повеќе од осум часа на компјутер, компјутерите стануваат нивен живот. Со неговата апликација се овозможува воведување на духовното во таквиот живот, овозможувајќи им на верниците „простор“ за молитва.

Најинтересно за џебната капела е тоа што може да се стави на УСБ-стик и буквално да се носи во џеб, па да се активира на кој било помодерен компјутер до кој верникот има пристап во моментот. Се препорачува и ставање на симболот на крстот на УСБ-стикот, преку лепење или гравирање.

Веб-сајтот е дизајниран едноставно и информативно. На него, освен основните податоци за програмата, може да се најдат и галерија со олтари и УСБ-стикови дизајнирани од обичните корисници.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.pocketchapel.com

27 декември 2005

Излажан ум - оптички илузии

[лекториран]

Веб-сајтот „Мајнд фејк“ (анг. „мајнд“ = ум, „фејк“ = лажно) им е посветен на оптичките илузии, за да ја забави и зачуди публиката. За секоја од нив посетителите можат да даваат оцени и коментари, што не само што ја зголемува интерактивностатуку и овозможува изострена перцепција.

Под оптичка илузија се подразбира „илузија што го мами човечкиот визуелен систем да перцепира нешто што не е присутно, или некоректно да го перцепира она што е присутно“.Тие се појавуваат и во природата, како фатаморганата, но многу од нив настанале како резултат на рационални истражувања во уметноста, математиката и во психологијата.

Илузиите може да бидат физиолошки, кои зависат од замор или од други влијанија на очите, или когнитивни, кои зависат од процесирањето на информациите во мозокот. Кај овој вид мешањето на своевидните „предрасуди“ вградени во начинот на кој перцепираме доведува до збунувања, или до амбивалентни резултати.

Поучни се и илузиите со дисторзија, кога поради одредени фактори е тешко од око да се процени должина или друга димензија.

Конкретните примери за оптички илузии се користат и како едукативно средство, но имаат и многу поширока примена. На пример, докажувањето на несовршеноста на човечката перцепција и сеќавање има огромно влијание на судскиот систем во развиените држави, каде што кредибилитетот на исказот на сведок-очевидец мора да биде поткрепен и со други докази за да се земе здраво за готово.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ЦГИ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.mindfake.com

26 декември 2005

Вегетаријанска порнографија

[лекториран]


„Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, порнографијата има големо влијание врз општеството“, вели основачот на „Вегетаријанска порнографија“. Според него, порното, меѓу другите, има клучна улога врз развојот на индустриите поврзани со видеокасети, цедиња и со Интернет. Концептот на веб-сајтот настанал врз основа на полушеговитата идеја дека штом порното можело да придонесе толку многу за толку многу други нешта, зошто да не може да го помогне и вегетаријанството.

Во случајов не се работи за „традиционалната“, туку за користење една од дефинициите на порнографијата што ги нуди речникот „Мериам-Вебстер“, дека се работи за „претставување дејства на сензационален начин за да се предизвика брза и интензивна емоционална реакција (на пример, како 'порнографија на насилството')“.

За обновување на содржините и изградба на заедница на членови што ќе се врткаат и контрибуираат текстови и мислења, веб-сајтов користи комбинација на форум од кој некои од поинтересните постови се вадат во „главниот“ дел, со што се добива ефект приближен на блоговски. Стилот на пишување е хумористично-ироничен поглед на сериозни теми, во согласност со другите елементи што го сочинуваат севкупниот имиџ.

Вегетаријанското малцинство во сештојадните средини се соочува со низа проблеми, не само во РМ - каде што специјализираните ресторани се меѓу најскапите туку и во светот. „Вегетаријанска порнографија“ нуди предлог-решенија за некои од нив. Меѓу нив се и со кои алкохоли да се налеваш а да не ги нарушиш принципите на својот стил на живот, како и проблемот на недостиг од сексуално-емоционални партнери што се вегетаријанци. За таа намена служи директориумот на членови, но и предлагањето разни методи за тоа како со помош на заводливи најави да се конвертираат месојадци, односно да се поттикнат да и се придружат на заедницата.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ/Перл
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.veganporn.com

24 декември 2005

Структурирано блогирање

[лекториран]

Структурираното блогирање е иницијатива чија цел е пренос информации на Интернет во форма што е поупотреблива и пополезна. Се работи за надградба на секојдневното блогирање, која се постигнува со додавање функционалности (плагини), кои нудат публикување и во формати што се читливи од страна на машини.

Од кориснички аспект, разликата помеѓу обичното и структурираното блогирање е во тоа што може да се додаваат стилови и тагови кои овозможуваат препознавање на контекстот и содржините од страна на машини за пребарување и други апликации. Тие информации невидливо се вметнуваат во текстот на блоговите и овозможуваат пристап до фидови за синдикација, читачи за икс-ем-ел или агрегатори на блогови.

На веб-сајтот се достапни додавки за популарните блогерски платформи „Мувабл тајп“ и „Ворд прес“, а има и блог и вики-алатка, кои служат за информирање и колаборација.

Иако структурираното блогирање „има потенцијал да биде исклучително полезно“, првата пречка со која се соочува е и најголемата: мрзата на блогерите. Блоговите станаа популарни токму поради тоа што овозможуваат на луѓе без многу техничко знаење на едноставен начин да ги публикуваат своите писанија, така што кај таа популација се јавува отпор кон потребата за дополнително технолошко усовршување. Веројатно клучен фактор во развојот на концептот ќе има (не)вклучувањето на Блогер.ком, доминантниот играч на блогерскиот пазар, кој со години одбива да го закомплицира својот интерфејс, макар со додавање категории.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: structuredblogging.org

23 декември 2005

Ликвидна (течна) генерација

[лекториран]

Веб-сајтот „Ликвидна (течна) генерација“ нуди низа забавни содржини во анимирана форма од нејзина продукција, повеќето насочени кон пародирање „сериозни“ медиумски форми, при што се истакнуваат неделните вести, во кои особено се обработуваат членовите на забавната индустрија.

Дизајнот на веб-сајтот е преоптоварен со графички елементи, а некои од линковите се отвораат во нови прозорци, но тоа не би требало да им пречи на љубителите на вакви веб-сајтови што со задоволство може да ги разгледуваат колекциите на смешни фотографии, филмчиња, музика (имаат и интернет-радио), игрички и слично - под услов да користат широкопојасна врска со Интернет.

Во рамките на веб-сајтот функционираат неколку блога (за сајтот, за музика и слично), а до него дојдовме по препорака на истакнатиот македонски блогер Офчарот (њњњ.вуна.тк).

Нискиот ранг на „Гугл“ се должи на тоа што од главната адреса до која водат повеќе од 1.000 линка се врши пренасочување до друга страница, до која водат само околу 200.

Моментален хит на веб-сајтот е пригодната е-картичка за честитање Нова година, преку која се пренесува двојно предупредување против опивање и, следствено, несакано затруднување во новогодишната ноќ.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: АСП, Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.liquidgeneration.com

21 декември 2005

Нушин Наџафи - фотографка од Иран

[лекториран]

Веб-сајтот на Нушин Наџафи презентира општествени документарни фотографии од Иран на најразлични теми, а често поврзани со животот на жените во ова исламистичко општество.

Сите фотографии презентирани на овој веб-сајт имаат макар кратко објаснение за тоа што се случува во нив, што влијае позитивно на вкупниот впечаток, а особено на образовно-информативната компонента за осознавање на животот на Иранците.

Содржините се поделени на фотостории и фотоблог. Фотосториите се обично за даден настан (прво одење на жени на фудбалски меч по 1979 г., како се одвива обуката на полицајки, посета на клиника за домашни галеничиња) или имаат некој заеднички мотив (кукли од излози). Фотоблогот претставува галерија на разновидни поединечни фотографии снимени низ Иран, на кои се прикажани сцени од животот или пејзажи.

Иако дизајнот на веб-сајтов не е ништо посебно, хуманизирачкиот ефект на користењето на Интернет за запознавање со луѓето низ светот го прави вреден за посета. Дури и некои ситни печатни грешки („привју“, наместо „привиос“ во фотоблогот) укажуваат дека целиот е аматерско дело на самата авторка, што дава чувство на интимност при посетата. Примената на едноставни, незабележителни елементи овозможува фотографиите да дојдат до израз, а тие се сепак дел од богатата иранска традиција на визуелно изразување, чии светски познати елементи се персиските килими, средновековните исламски украсени ракописи, како и современата индустрија на авторски филмови.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.noushin-photo.com

20 декември 2005

Едноставно - убави, голи жени

Резимево не е достапно. Кликнете тука за да ја видите објавата.