11 март 2006

Подводните фотографии на Дејвид Дублие

[лекториран]


Веб-сајтот на Дејвид Дублие може да послужи како одличен урнек за фотографско портфолио. Единствен забележлив недостаток е што на насловната страница е сместено автоматско слајд-шоу што драстично го забавува нејзиното вчитување. Остатокот на сајтот е изработен со големо внимание и ускладеност на елементите.

Содржината е стандардна, со кратки биографски информации, портфолио/галерии, архива на слики за продажба (со влез кој се наплаќа), информации за тоа во кои поважни списанија се појавуваат делата на авторот, како и вести и распоред на идни експедиции.

Во рамките на галериите, фотографиите се поделени на разни категории, од типовите на средина до видовите животни. Галериите стандардно користат мали сликички како линкови до поголеми, а обете верзии се оптимизирани исклучително квалитетно.
Меѓу другите, фотографиите на Дублие го красат „Нејшнел џиографик“, веројатно највлијателното популарно светско списание кое се занимава со набљудување на природата.

Нуркањето само по себе е вештина која бара големи физички и ментални способности, а Дублие ја дефинира подводната фотографија преку неговата страст да ја опфати прекрасната подморска игра на светлината.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: среда
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.daviddoubilet.com

10 март 2006

ЕУРЕС - европски портал за вработување

[лекториран]

ЕУРЕС (EURES) е портал што овозможува поврзување помеѓу луѓето што бараат работа и работодавци од ЕУ.

Името е кратенка од Европски сервиси за вработување - мрежа за соработка чија цел е да поттикне слободно движење во рамките на економската зона на ЕУ + Швајцарија.
Партнери во мрежата, која ја координира Европската комисија, се јавни заводи за вработување, синдикати и здруженија на работодавци.

Основните услуги што им ги нуди ЕУРЕС на луѓето што бараат работа се овозможување да си состават работна биографија (ЦВ) преку веб-сајтот, овозможување пристап до податоците од неа на работодавци што пребаруваат за одредени квалификации, како и информирање за правните и за логистичките информации поврзани со пазарот на работен труд во сите земји на ЕУ.

ЕУРЕС исто така нуди помош преку мрежа од 500 советници од цела Европа, кои помагаат преку директни контакти.

Сајтов е дел од порталот на Европската Унија, чија основна верзија е поставена на сите 25 официјални јазици на ЕУ. Сите информации на ЕУРЕС се достапни на англиски, но одредени детали, на пример, условите за живот во Данска се достапни само уште на француски, холандски и на дански.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: недостапен
Јазици: англиски и 18 други
Адреса: www.eurescv-search.com

09 март 2006

Когнитивни вести - што имате на ум?

[лекториран]

„Ког-њуз“ е веб-сајт за вести од когнитивните науки - неврологија, психологија, вештачка интелигенција, философија, лингвистика, биологија и антропологија - кој работи во стилот на Слешдот (њњњ.сласхдот.орг), користејќи сличен систем за раководење со содржини врз база на слободен софтвер.

Мотото на веб-сајтов е цитатот на познатиот бихејвиористички психолог Б. Ф. Скинер: „Науката е подготвеност да се прифатат фактите дури и кога тие се во спротивност со желбите“.

Она што го прави овој веб-сајт особено интересен за македонската научна јавност е можноста кој било читател да контрибуира со вметнување свои написи, кои е доволно да бидат само краток вовед со надворешни линкови.

Тоа може да го сврти вниманието на постигањата и објавените резултати и од истражувања во Македонија, со што ќе се придонесе кон издигање на угледот на нашата наука воопшто.
Написите на „Ког-њуз“ се поделени во категории според научната дисциплина на која и припаѓаат и се леснодостапни и за разгледување и за пребарување, а достапна е и база на линкови до универзитети и други институции поврзани со когнитивните науки.


ЗА ВЕБ- САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: cognews.com

08 март 2006

Технорати - задолжително за секој блогер

[лекториран]

„Технорати“ се рекламира како најголем авторитет за она што се случува во светот на блоговите на глобално ниво - и не се далеку од вистината. Оваа „машина за пребарување во реално време“ во моментов следи речиси 30 милиони веб-сајта и повеќе од 2 милијарди линка.

„Пред неколку години, пребарувањето на вебот беше револуционеризирано од едноставна, но длабока идеја - дека релевантноста на еден веб-сајт може да се определи преку бројот на веб-сајтови што имаат поставено линкови (врски) кон него, што имплицира дека го сметаат за важен. Во светот на блоговите, линковите се уште позначајни, оти блогерите често линкуваат и коментираат на други блогови, што дава чувство на навременост и поврзаност што човекот го има при разговор. „Технорати“ ги следи бројот на линкови и перцепираната релевантност на блогови…“, преку автоматски известувања од самите сервери на кои се поставени блоговите, штом нешто ново се внесе на нив.

За Вашиот блог да биде регистриран на „Технорати“ треба да ја пријавите и да ја докажете вашата сопственост врз блогот преку вметнување мало парче код во шаблонот (темплејтот). „Технорати“ почнува со следење откако ќе се увери дека кодот е на место. Секој блог добива посебна страница на нивниот веб-сајт со основните податоци (внесени од сопственикот), рејтингот, како и линковите од други блогови што водат кон него.

Со оглед на тоа што вистинската моќ на блоговите е во надминување на концептот на интернет-форум (еден централизиран веб-сајт со разни разговори) преку дисперзија и децентрализација на разговорите на разни сајтови, кои се контролирани од самите учесници во муабетот (а не од некој надреден администратор на форумот), примената на практиката на ширење на даден муабет на повеќе блогови е клучна за развојот на македонската блогосфера.


За веб-сајтот
Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.technorati.com

07 март 2006

Ментална акробатика - блог што се бори за слобода на печатот во Кенија

Ментална акробатика - блог што се бори за слобода на печатот во Кенија

„Ментална акробатика“ е блог што постои три години, а многу се прослави во последнива недела благодарение на тоа што Боинг боинг (боингбоинг.нет) редовно се повикува на него во врска со упадите на кениската полиција во редакции на приватен весник и телевизиска станица.

Блогов, воден од млад и анонимен Кениец, помага во ширењето информации за овие настани: реакции, фотографии и цели филмови, прошверцувани од интерниот-систем за набљудување на редакциите.

Овој блог не користи некој бесплатен блогерски сервис, туку го има инсталирано софтверот Вордпрес на свој закупен веб-сајт со сопствен домен. Овој потег е во согласност со препораките на гуруто на употребливоста, Јакоб Нилсен, кој вели: „На адресите на блогови со blogspot.com, typepad.com и слично наскоро ќе се гледа како на адреси за е-пошта со @aol.com (кај нас @yahoo.com) или веб-сајт на Геоситис - карактеристика на наивен почетник, кој не треба да се зема сериозно. Дозволувањето некој друг да го поседува вашето име значи дека тие ја поседуваат вашата судбина на Интернет“.

Вордпрес, исто така, овозможува понапредни функции, како категоризирање на постовите по теми, што овозможува полесно архивирање и разгледување. Иако веќе подолго време се шушка дека и сервисот Блогер ќе додаде вакви функционалности, тоа се уште се нема случено.

„Ментална акробатика“ е член на неколку блогерски мрежи, локални, континентални и глобални, што овозможува негова поголема видливост и релативно висок ранг на Гугл.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: www.mentalacrobatics.com

06 март 2006

Критичар за реклами

[лекториран]

„Критичар за реклами“ е наменет за пренос на вести и на информации за рекламната индустрија, најпознат по тоа што уште од 1999 година го промовира концептот на понуда на видеоклипчиња за симнување.

Голем дел смешни филмчиња што изобилуваат на македонските „забавни“ портали се реклами што првобитно се појавиле овде. Најсмешно е што веб-сајтовите што ги пренесуваат им обезбедуваат дополнително и континуирано бесплатно рекламирање на брендовите што ги направиле рекламите и биле доволно мудри да ги објават на „Критичарот“. Секако, постои извесна веројатност дека оваа шема е случајна. Освен што веројатно земаат пари од авторите на рекламите, сопственициве на веб-сајтот уште и наплатуваат претплата за оние што сакаат да ги симнуваат од кај нив, што ја зголемува нивната привлечност. Привидот на цензура е моќно пропагандно оружје, затоа и фирмите што ја продаваат и прифаќаат тој вид на производи да биде јасно обележан со назнака дека е „забранет“ за одреден дел од населението.

„Критичарот“ е добар и како извор на информации во врска со „креативниот потенцијал“ на македонската рекламна индустрија. Некои од „оригиналните идејни решенија“ што се вртат по нашите медиуми имаат свој зачеток токму тука.

Од аспект на употребливост, недостиг на веб-сајтов е тоа што отвора и попап-прозорче при вчитувањето на насловната страница, оти тоа повлекува дополнително трошење ресурси, неинтерактивност и неоставање можност за избор на корисникот, безбедносни ризици ако поради тоа корисникот реши да ја деактивира заштитата од поп-апи. Од аспект на оптимизација за машини за пребарување, добра страна е што форматот на адресите на написите е во едноставна форма, со тоа што името на ХТМЛ-датотеките се гради со употреба на клучните зборови, што придонесува за поголема видливост.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ПХП/ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски
Адреса: adcritic.com

04 март 2006

Блогот на Би

[лекториран]

Блогот на Би е еден од неколкуте што по својот квалитет се издвоија од мноштвото блогови отворени на првиот македонски блогерски сервис Блогерај.

Овој веб-сајт за блогирање, иако стаса со одредено задоцнување, сепак ќе биде од голема помош за луѓето што не го познаваат добро англискиот јазик, а би сакале своите идеи да му ги соопштат на светот - или барем на македонската јавност.

Освен што со доработениот, но не и пренатрупан дизајн остава добар визуелен впечаток, најјака страна на овој блог се студиозноста и полезноста на написите, кои често мешаат стручни теми (авторката е психолог) со теми интересни за јавноста што имаат практична примена во секојдневието.

Темите на блогот опфаќаат мислења на авторката, осврти од социјална психологија за однесувањето на луѓето во групи, како членови на општество и во интеракција со други, како и критики на општествени феномени и медиумски производи, меѓу кои и рецензии на филмови.

Добра страна на уредувачката политика е и неконфронтирачкиот однос кон многубројните коментари, со обид да им се помогне на заблудените, наспроти обидите да се испровоцираат навредливи „дискусии“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП (друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: blogot.blog.com.mk

03 март 2006

Гугл ток - директен разговор, интегриран со е-пошта

[лекториран]

Преку новата алатка за разговарање, „Гугл“ прави пробив на пазарот на инстант-месинџери и програми за интернет-телефонија. „Гугл ток“ (Google Talk) овозможува муабетење преку пораки и со пренос на глас.

Најголема новина во врска со „Гугл ток“ е што тој, освен како посебно програмче од 900 килобајти што може да се симне и инсталира на компјутерот од корисникот, е вграден и во бесплатниот систем за е-пошта на „Гугл“, „Џи-мејл“. Ова овозможува не само користење на сервисот од каде било, дури и од јавни машини или машини на кои корисникот нема привилегии да инсталира, но пред се искористување на веќе постојната критична маса на корисници на „Џи-мејл“, односно ефектите на вирален маркетинг.

Вирален или вирусен маркетинг (вирал маркетинг) е техника на рекламирање што ја искористуваат постојните социјални мрежи за да предизвикаат експоненцијални зголемувања во свесност за брендови, преку вирални процеси што личат на ширење епидемија. При тоа, преносот на информации е многу брз и со широк опсег, преку лични контакти (word of mouth) засилени со употребата на Интернет.

Иако и други инстант-месинџери, како „Ајсикју“, имаат веб-варијанти, во досегашната практика тие не се истакнале како рамноправни партнери на „основните“ верзии.

Кај Гугл ток, од друга страна, веб-варијантата е основна и активно ги користи сите потенцијали на „Џи-мејл“ – како на пример, огромниот простор од сандачето за чување записници (логови) од муабетите.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: talk.google.com

02 март 2006

Фотоглас

[лекториран]

Фотоглас е буквален превод на името на добротворната организација „Фотовоис“ (PhotoVoice) чии членови се трудат да го поттикнат користењето на документарна фотографија од страна на оние што традиционално се нејзин предмет на интерес, да станат нејзини создатели, да преземат контрола врз тоа како ги перцепира остатокот на светот, истовремено учејќи нова вештина што може да им го збогати животот.

На веб-сајтот се претставени резултатите од нивната работа, поделени по проекти. За секој проект се дадени основни информации, впечатоци од вклучените фотографи, како и фотогалерии.

Фотогалериите се изведени во Флеш со доста интуитивен интерфејс и работат задоволително брзо. Арно ама ова решение оневозможува директно линкување одделни фотографии, а е неповрзано и со формуларот-барање за публикување некоја фотографија. Посетителот заинтересиран да ја промовира работата на Фотовоис мора да го запомни кодот на фотографијата, кој не се гледа на прв поглед, а потоа рачно да го впише во формуларот.

Целна група на проектите се маргинализирани групи низ целиот свет, од жени заразени со ХИВ во Конго, преку улични деца во Лондон, до бегалци во Непал. Целестина, една од Конгоанките, изјавила: „Живеевме среќно со мажот ми додека не почна да бара и друга жена.

Го предупредив да престане, но одбиваше да ме послуша. Се зарази од втората жена. Еден ден, едно од нашите деца беше неарно и го однесов в болница. Му требаше трансфузија на крв. Мажот ми донира - детето се разболе и умре. Еден доктор ни кажа дека умрело од сида.

Тоа го длабоко го погоди мажот ми - тој набргу умре. Семејството ме отфрли и веќе не ми помага во грижата за нашите седум деца. Низ моите фотографии сакам да ја покажам реалноста на ХИВ/СИДА и да ги поттикнам луѓето да внимаваат“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ/Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски
Адреса: www.photovoice.org

01 март 2006

Зголемување на пристапот за луѓе со посебни потреби

[лекториран]

Веб-сајтот „ВебЕјм“ има цел да го зголеми потенцијалот на вебот за луѓето со посебни потреби. Оваа група на луѓе е често занемарена при развојот на софтверските решенија (особено во Македонија) и ваквиот вид на дискриминација наидува на се поголема осуда во развиениот свет.

Со оглед на тоа што одамна постојат стандарди за тоа како да биде попристапен даден софтвер, оние што не ги спроведуваат во последно време се цел и на правни мерки, како тужби за дискриминација.

ВебЕјм овозможува совладување на техниките и на концептите што се дел од стандардите, посочува методи на координација и водство, а исто така нуди и листи на софтвер (бесплатен и комерцијален) од оваа област, како и совети за тоа како да се организираат обуки или како да се бара помош (преку учество во дискусии, форуми и преку листа на консултанти).

Напомена: некои од алатките, како Вејв, овозможуваат директно тестирање на веб-сајтови за пристап на луѓе со посебни потреби, но може да се неприспособени за веб-страници напишани со други јазици или кодни табели.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.webaim.org