22 март 2006

Веб-камери од целиот свет - обединете се

[лекториран]

Веб-сајтот „Ерт-кам“ има цел да ги обедини веб-камерите од целиот свет и да овозможи лесен пристап до содржините што ги нудат. Тие исто така нудат технологија и услуги за оние што сакаат да постават веб-камери.

Изборот на местата во кои може да видите какво е времето и што има ново е навистина богат - од аргентинска база на Антарктикот, преку гнездо на белоглави орли во САД, до плоштадите на градовите како Москва, Киев, Њујорк, Лондон, Прага, Доџ Сити…, како и главните летувалишта каде што американските студенти го минуваат пролетниот одмор.

Може да се пребаруваат по клучен збор, земја, временска зона..., а сликите, освен преку веб-сајтот, може да се гледаат и преку мобилен телефон.

Особено интересно од аспект на промоцијата на Македонија како туристичка дестинација низ светот е што внесувањето нов член во базата е многу едноставно. Сопствениците на веб-камери само треба да го следат линкот „Адд а Цам!“ и да ги внесат податоците за својот веб-сајт.

Наспроти тоа што неколку македонски града се имаат пофалено дека поставиле вакви камери, ниедна од нив не е сместена во списоците на овој сеопфатен веб-сајт.
Со оглед на големото количество графички материјали што се пренесуваат при гледањето на веб-камери, заинтересираните по дефиниција треба да имаат широкопојасен пристап на Интернет за да може да уживаат во искуството.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: континуирано
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.earthcam.com

21 март 2006

Бихејвиористичка мрежа

[лекториран]

Бихејвиоризмот е материјалистичка гранка на психологијата, која се темели на претпоставката дека однесувањето може научно да се истражува без да се земат предвид внатрешните ментални состојби. Бихејвиористите го отфрлаат концептот на слободна волја и сметаат дека однесувањето е определено од комбинација на сили како генетички фактори и влијанија на околината.

Бихејвиористичката мрежа е еден од најстарите веб-сајтови што нуди огромен број податоци од областа на психологијата. Од една страна тоа се податоци од директориуми на професионални организации или организации за поддршка на луѓе со психолошки проблеми, но и владини тела и академски институции што имаат допир со оваа област.

Од друга страна, веб-сајтот ги прави достапни информациите од стручната литература, од кои најважни се извадоците од Дијагностичкиот и статистички прирачник (Diagnostic and Statistical Manual - DSM) на Американската психолошка организација, кои ги определуваат критериумите за дијагностицирање определени нарушувања. Покрај тоа, достапни се списоци и на поими (поделени по области), познати личности што придонеле за развојот на психологијата и на психијатријата, списоци на лекарства, како и списоци на препорачани книги од разни психолошки области.

Дизајнот на веб-сајтов е доста старомоден, со користење рамки. Иако се поставени линкови за верзија без рамки, таа изгледа доста осакатено бидејќи нема усогласени навигациски елементи. Недостатоците на дизајнот оневозможуваат целосен пристап до обемните содржини од страна на машините за пребарување, што би довело до повисок ранг на сајтов.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: хтмл
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.behavenet.com

20 март 2006

Веб-сајт на Владата на Ирска за партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор

[лекториран]

Развојот на партнерства помеѓу јавниот и приватниот сектор (Public Private Partnerships – ППП, П3) се наметнува како императив во развојниот сектор на светско ниво во последно време. Во овој систем владини услуги се спроведуваат во партнерство или преку алокација на трудот со приватни компании, често преку обезбедување и капитални инвестиции од приватниот сектор.

Веб-сајтот за ППП на Владата на Ирска
има цел обезбедување оптимум поддршка за развојот на овој процес, како алатка на посебен оддел основан во рамките на Министерството за финансии.

Веб-сајтот нуди информации за активностите од оваа област, од најави на конференции до извештаи за изведени проекти и вклучените компании.

Вклучувањето во процесот на нови учесници, пред се, им е обезбедено преку обезбедување детална документација (брифинзи, водичи, законски рамки, изјави за јавност и говори), како и терминолошки речник и одговори на често поставувани прашања.

Од аспект на употребливост, веб-сајтов има очигледни недостатоци и добри страни. Основен недостиг е што повеќето документи не се во форма на веб-страници (ХТМЛ), туку се снимени само во затворени формати на документи во сопственост на определени компании, при што до линкот за симнување не е наведен форматот, ниту големината на документите. Добра страна е исклучително добро изведеното мени.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ppp.gov.ie

15 март 2006

Скопска безжична мрежа

[лекториран]

Скопската безжична мрежа („Skopje Wireless Network“ или „Skopje WiFi“) претставува релативно нова збирна мрежа од повеќе мали мрежи во Скопје, на која може да се приклучат сите што поседуваат соодветен хардвер и добра волја. Според веб-сајтот, во моментов покрива околу 40 отсто од површината на Скопје и поврзува околу 100 луѓе.

За членување во мрежата не се плаќа надомест, а нејзиниот развој го финансираат доброволно самите членови. Тие најчесто ја користат за меѓусебна комуникација во вид на мрежни игри, размена на податоци и телефонија преку интернет-протокол (ВОИП). За да се поттикне ширењето на оваа непрофитна мрежа, активните членови нудат и бесплатна обука и пробно користење на опремата за сите заинтересирани.

За написите и за фотогалериите, веб-сајтот го користи системот за раководење со содржини Џумла, претходно познат како Мамбо, а за форумот - ПХПББ. Двете решенија се лиценцирани како слободен софтвер и нудат исклучително солидни стандардизирани технички можности.

Би било добро кога, покрај постојните основни, содржините би се дополниле со подетални информации, особено мапи и студии на случаи, па дури и изјави на корисници и слично, што би ја зајакнало човечката димензија на проектот. Исто така, пожелно би било и усогласувањето на преводот на англиски.

Ентузијастите од оваа мрежа имаат намера за ширење и надвор од рамките на Скопје, па затоа најавуваат соработка со слични проекти и мрежи од други градови, како и меѓународни движења од типот на ФОН.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: неактивиран
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазици: македонски и англиски
Адреса: www.skopjewifi.com

14 март 2006

Блогот на готвачот Џејми Оливер

[лекториран]

Џејми Оливер е познат готвач и омилена личност на жените со вкус. Како и многу други познати личности на светско ниво, и тој има свој блог во кој ги забележува настаните што му се случуваат нему и на неговите блиски. Написите на блогот се разновидни и опфаќаат дури и огласи од пријатели на Џејми што бараат работници за своите ресторани.

Блогот е дел од веб-сајт на којшто има и други прикладни лични информации, како биографија со фотографии од детството, тинејџерството и од семејството (женет и родител на две деца).

Веб-сајтов има и неколку други дела што го прават многу интересен. Моблогот - блог со фотографии од мобилниот телефон на Џејми, поделени по месеци, дава можност да го гледате светот низ неговите очи. Архивата со рецепти, категоризирани и исцрпно објаснети, нуди многубројни кулинарски искушенија. Тоа е дополнето со форумот за посетители, организиран многу пристојно и со јасни правила на однесување.

Дизајнот на веб-сајтот е направен според принципите по кои се прават и рецептите - минимален број на добро одбрани елементи, вклопени во совршена целина.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.jamieoliver.com

13 март 2006

Агата Кристи - кралицата на криминалот

[лекториран]

Официјалниот веб-сајт на Агата Кристи е под раководство на нејзиниот единствен внук, Метју Причард. Наменет е за одржување на брендот Агата Кристи и за промовирање на нејзиното дело во најразлични форми, од оригиналните романи и приказни, до нивните адаптации како играни филмови, ТВ-серии и театарски претстави.

Чудно е што недостигаат информациите за адаптациите во вид на видеоигри, како новата „Десет мали морнари“, направена врз база на еден од нејзините најпознати романи. Арно ама, на веб-сајтот се поставени друштвени игри во хартиена форма – како ПДФ-записи. Некои од нив личат на играта „Мафија“, која во разни форми е популарна по транзициските земји.

Посебен оддел на веб-сајтот им е посветен на ликовите создадени од Агата Кристи, меѓу кои се истакнуваат детективите г-цата Џејн Марпл и г. Херкул Поаро со „неговите мали сиви клетки“.

Презентацијата е зачинета со интерактивни и графички елементи што додаваат шмек без да ја нарушуваат пристапноста од машини за пребарување. Имено, тие се сместени како дел од ХТМЛ-страници чии имиња ги содржат главните клучни зборови (hercule_poirot.phpпхп), што овозможува и кревање на рејтингот за нив, а и директно линкување.

Текстот е разбиен со цитати по случаен избор од самата писателка или од нејзините ликови, кои додаваат свежина на страниците, заедно со анкети и транспарентни реклами.
Регистрираните посетители може да играат и видеоигри, праќаат е-картички, симнуваат скрин-сејвери и учествуваат во форумот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП/Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски
Адреса: www.agathachristie.com

11 март 2006

Подводните фотографии на Дејвид Дублие

[лекториран]


Веб-сајтот на Дејвид Дублие може да послужи како одличен урнек за фотографско портфолио. Единствен забележлив недостаток е што на насловната страница е сместено автоматско слајд-шоу што драстично го забавува нејзиното вчитување. Остатокот на сајтот е изработен со големо внимание и ускладеност на елементите.

Содржината е стандардна, со кратки биографски информации, портфолио/галерии, архива на слики за продажба (со влез кој се наплаќа), информации за тоа во кои поважни списанија се појавуваат делата на авторот, како и вести и распоред на идни експедиции.

Во рамките на галериите, фотографиите се поделени на разни категории, од типовите на средина до видовите животни. Галериите стандардно користат мали сликички како линкови до поголеми, а обете верзии се оптимизирани исклучително квалитетно.
Меѓу другите, фотографиите на Дублие го красат „Нејшнел џиографик“, веројатно највлијателното популарно светско списание кое се занимава со набљудување на природата.

Нуркањето само по себе е вештина која бара големи физички и ментални способности, а Дублие ја дефинира подводната фотографија преку неговата страст да ја опфати прекрасната подморска игра на светлината.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: среда
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.daviddoubilet.com

10 март 2006

ЕУРЕС - европски портал за вработување

[лекториран]

ЕУРЕС (EURES) е портал што овозможува поврзување помеѓу луѓето што бараат работа и работодавци од ЕУ.

Името е кратенка од Европски сервиси за вработување - мрежа за соработка чија цел е да поттикне слободно движење во рамките на економската зона на ЕУ + Швајцарија.
Партнери во мрежата, која ја координира Европската комисија, се јавни заводи за вработување, синдикати и здруженија на работодавци.

Основните услуги што им ги нуди ЕУРЕС на луѓето што бараат работа се овозможување да си состават работна биографија (ЦВ) преку веб-сајтот, овозможување пристап до податоците од неа на работодавци што пребаруваат за одредени квалификации, како и информирање за правните и за логистичките информации поврзани со пазарот на работен труд во сите земји на ЕУ.

ЕУРЕС исто така нуди помош преку мрежа од 500 советници од цела Европа, кои помагаат преку директни контакти.

Сајтов е дел од порталот на Европската Унија, чија основна верзија е поставена на сите 25 официјални јазици на ЕУ. Сите информации на ЕУРЕС се достапни на англиски, но одредени детали, на пример, условите за живот во Данска се достапни само уште на француски, холандски и на дански.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: недостапен
Јазици: англиски и 18 други
Адреса: www.eurescv-search.com

09 март 2006

Когнитивни вести - што имате на ум?

[лекториран]

„Ког-њуз“ е веб-сајт за вести од когнитивните науки - неврологија, психологија, вештачка интелигенција, философија, лингвистика, биологија и антропологија - кој работи во стилот на Слешдот (њњњ.сласхдот.орг), користејќи сличен систем за раководење со содржини врз база на слободен софтвер.

Мотото на веб-сајтов е цитатот на познатиот бихејвиористички психолог Б. Ф. Скинер: „Науката е подготвеност да се прифатат фактите дури и кога тие се во спротивност со желбите“.

Она што го прави овој веб-сајт особено интересен за македонската научна јавност е можноста кој било читател да контрибуира со вметнување свои написи, кои е доволно да бидат само краток вовед со надворешни линкови.

Тоа може да го сврти вниманието на постигањата и објавените резултати и од истражувања во Македонија, со што ќе се придонесе кон издигање на угледот на нашата наука воопшто.
Написите на „Ког-њуз“ се поделени во категории според научната дисциплина на која и припаѓаат и се леснодостапни и за разгледување и за пребарување, а достапна е и база на линкови до универзитети и други институции поврзани со когнитивните науки.


ЗА ВЕБ- САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: cognews.com

08 март 2006

Технорати - задолжително за секој блогер

[лекториран]

„Технорати“ се рекламира како најголем авторитет за она што се случува во светот на блоговите на глобално ниво - и не се далеку од вистината. Оваа „машина за пребарување во реално време“ во моментов следи речиси 30 милиони веб-сајта и повеќе од 2 милијарди линка.

„Пред неколку години, пребарувањето на вебот беше револуционеризирано од едноставна, но длабока идеја - дека релевантноста на еден веб-сајт може да се определи преку бројот на веб-сајтови што имаат поставено линкови (врски) кон него, што имплицира дека го сметаат за важен. Во светот на блоговите, линковите се уште позначајни, оти блогерите често линкуваат и коментираат на други блогови, што дава чувство на навременост и поврзаност што човекот го има при разговор. „Технорати“ ги следи бројот на линкови и перцепираната релевантност на блогови…“, преку автоматски известувања од самите сервери на кои се поставени блоговите, штом нешто ново се внесе на нив.

За Вашиот блог да биде регистриран на „Технорати“ треба да ја пријавите и да ја докажете вашата сопственост врз блогот преку вметнување мало парче код во шаблонот (темплејтот). „Технорати“ почнува со следење откако ќе се увери дека кодот е на место. Секој блог добива посебна страница на нивниот веб-сајт со основните податоци (внесени од сопственикот), рејтингот, како и линковите од други блогови што водат кон него.

Со оглед на тоа што вистинската моќ на блоговите е во надминување на концептот на интернет-форум (еден централизиран веб-сајт со разни разговори) преку дисперзија и децентрализација на разговорите на разни сајтови, кои се контролирани од самите учесници во муабетот (а не од некој надреден администратор на форумот), примената на практиката на ширење на даден муабет на повеќе блогови е клучна за развојот на македонската блогосфера.


За веб-сајтот
Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.technorati.com