16 мај 2006

Ала Сеиф ал-Ислам, Египќанец што блогира од затвор

[лекториран]

Манал и Ала се египетски блогери, кои истовремено нудат информатички услуги како хостирање и одржување на веб-сајтови. На 7 мај, Ала бил уапсен поради протестирање на темата слобода на говорот и независно судство во неговата земја, во рамките на чистка во која биле собрани и десетици други активисти.

Иако затворен, Ала има испратено неколку текста што се појавиле на неговиот блог, на кој тој веќе подолго време користи хумор за да ги критикува ограничувањата на слободата на изразување и забраните на политичко блогирање.

Во знак на солидарност, отворен е блог за петиција за ослободување на Ала (freealaa.blogspot.com), проследен со акција за „бомбардирање на Гугл“. Бомбардирањето се состои во тоа што се бара од корисниците на Интернет низ светот да постават линкови до блогот, при што текстот на линкот треба да биде англискиот збор за Египет (Egypt). Целта е кога некој ќе бара информации за Египет на Гугл, линкот со информацијата за Ала да се појави што повисоко на списокот на резултати. Ова е директна примена на сознанијата од областа на развој на веб-решенија наречена оптимизација за пребарувачи (search engine optimization).

Блогот на Манал и Ала се базира на платформата Друпал, која се користи и во Македонија како подлога за сервисот Блогерај.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП (Друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: англиски и арапски
Адреса: www.manalaa.net

09 мај 2006

МаФест - Макарски фестивал на стрипот

[лекториран]

Макарска е област во Далмација позната по туристичката понуда, а Макарскиот фестивал на стрипот е настан што првпат се одржува годинава, од 19 до 21 мај. Иако е прв, Фестивалот не е „од вчера“, туку доаѓа како продолжение на долга низа понеформални собирања на стрип-ентузијасти, почнати од 2002.

Опитните Хрвати не пропуштаат во се што прават да вметнат и евроинтеграциска компонента, па на Фестивалот специјален гостин ќе биде еден од најголемите живи стрип-цртачи, Белгиецот Херман Хупен. Херман е автор на легендарните серијали „Бернар Принс“, „Команча“, „Џеремаја“, „Боа Мори“… и еден од носителите на француско-белгиската школа на стрипот.

Организатор на фестивалот е НВО „Мозаик на стрипот“, а тој се одвива со поддршка на локалната самоуправа на Макарска и на низа локални фирми.

Дизајнот на веб-сајтот е компактен, без непотребни елементи што би го оптоварувале вчитувањето или би го одвлекувале вниманието од содржините, визуелно заморувајќи ги посетителите. Целта на дизајнерот била да ја заврши работата на најефикасен начин, а не да се размавтува со анимации и слични несуштински тракатанци, кои се карактеристични за македонските сајтови од ваков тип.

Информациската архитектура е јасно поставена, овозможувајќи им лесно снаоѓање на посетителите и брзо пронаоѓање на информациите што ги интересираат. Покрај самиот фестивал, се промовира и Макарска, а и Хрватска, што е додадена вредност за сите партнери во проектот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: наменски
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: хрватски
Адреса: www.mastripfest.com

05 мај 2006

Луди клонови

[лекториран]

Блогот „Луди клонови“ му е посветен на фотографското клонирање, односно, правење фотографии на кои еден лик се појавува повеќе пати.

Додека во минатото за вакво нешто беше потребно да се има расипан механизам на фотоапаратот што не го преклопува филмот како што треба, во денешно време доволна е употреба на програма за обработка на фотографии. На сајтот дури има и упатство за клонирање во Фотошоп.

Фотографиите се поделени по категории: луѓе, домашни галеничиња и се друго. Повеќето се со висок квалитет, а се прават така што делови од повеќе слики снимени од едно исто место се комбинираат во една. За некои од фотографиите, кои не се направени со стандардна постапка, авторите даваат објасненија на марифетите и методите со кои го постигнале клонирањето.

Освен што е забавно да се прават и споделуваат, веб-сајтов имал објавено и конкурс за најуспешно клонирање, со награди од по 50 долари за одбраните фотографии. Ова е одлична шанса за промовирање на македонските уметници од оваа сфера, оти се бараат фотоси од целиот свет - колку поразновидни, толку подобро.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: текстуален
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: crazyclones.com

04 мај 2006

Диг

[лекториран]

Диг (анг. откопување, откривање, сфаќање) е веб-сајт за технолошки вести, кој комбинира неколку модерни технологии (социјално букмаркирање, блогирање, РСС) со нехиерархиска уредничка контрола. Корисниците сами ги објавуваат и самите одлучуваат за тоа кои стории ќе бидат промовирани.

По внесувањето дадена сторија (линк), корисниците може да и доделат гласови („дигови“) и, ако собере доволно, таа се појавува на насловната страница, овозможувајќи посетеност и популарност за содржината. Преку делот „Диг спај“ може да се „шпионира“ каква е тековната состојба во врска со статусот на сториите, вкусно дополнето со соодветни дизајнерски решенија, како промена на бојата и транспарентноста на приказот.

Овозможено е и директно вклучување на сториите во блогови поставени на главните светски сервиси, меѓу кои и Блогер. Освен тоа, корисниците може да ги додадат линковите од Диг на своите веб-сајтови, со целосна контрола врз видот: од насловна, само оние за кои гласале или оние за кои гласале некои други одбрани корисници на системот.

Овој веб-сајт може да им биде од голема полза на сите оние што би сакале да промовираат информации за напредокот на технологијата во Македонија, а со тоа и да го издигнат угледот на земјата кај оние што го водат развојот на светско ниво.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.digg.com

03 мај 2006

Легендата за Вилхелм Тел, стрелец со самострел

[лекториран]

Легендата за Вилхелм (Вилијам) Тел е дел од швајцарскиот национален идентитет, а освен славењето на децентрализацијата, независноста и слободата, веб-сајтот служи и за поттикнување на туризмот во земјата.

Во 1307 година селанецот Тел му се спротивставил на високиот претставник на хабсбуршката монархија со тоа што не се поклонил на неговата шапка закачена на стап. Администраторот Геслер ги заробил Тел и син му, наредувајќи му да погоди јаболко поставено на главата на детето, инаку обајцата ќе ги погуби.

Тел успеал, но поради одбивањето да ја признае власта на окупаторот бил осуден на робија, успеал да избега, да му приреди заседа на Геслер и да поттикне успешно општонародно востание.

Во 1804 година романтичарската драма на Фридрих фон Шилер оваа приказна ја направила дел од светското културно наследство, со исклучок на некои македонски квизови во кои и составувачите на прашањата и играчите имаат покажано недоволно познавање на легендата, иако ја споменуваат.

Мудрите Швајцарци на својот херој му имаат изградено низа споменици на местата на кои се смета дека се смета дека се случиле настани од легендата, а сега ги користат како магнет за туристите.

Веб-сајтот за Вилхелм Тел може да се подобри, особено со некористење рамки и со поставување линкови до изворите на разните верзии на легендата, како и до е-верзија на делото на Шилер.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски и германски
Адреса: www.tell.ch

01 мај 2006

Хрчак – хрватски портал за научни списанија

[лекториран]

Хрватскиот и српски збор хрчак во македонската драматургија е преведен како (кутра мала) хрчка, додека неговиот англиски еквивалент (hampster) Англиско-македонскиот речник на О. Мишеска-Томиќ и др. го преведува со ‘рчка. Арно ама, предизвиците за македонската лингвистика кои ги предизвикува овој питом глодач и немаат врска со „Хрчак“, порталот што овозможува отворен пристап за хрватските научници.

Намена на порталот е да овозможи полесен пристап до содржините на стручните научни списанија од Хрватска, кои ги има вкупно околу 230 и главно немаат електронски изданија. Од една страна на редакциите бесплатно им е овозможено да ги објават своите материјали во дигитална форма, а од друга страна публиката има можност да ги пребарува и да ги чита написите.

Вклучувањето во проектот е полезно и за списанијата што имаат свое е-издание, бидејќи на тој начин се олеснува промоцијата и видливоста од страна на потенцијалните корисници, како и вклучувањето пребарувачи и други мрежни сервиси.

Покрај пребарливите библиографски податоци и апстрактот, кога се достапни, индивидуалните трудови се поместени во ПДФ-формат, следејќи ги сите правила за употребливост (назначување на големина на датотеката до линкот).

Со овој проект хрватската научна заедница уште еднаш ја покажува својата европска припадност, на дело спроведувајќи ги одредбите на Будимпештанската иницијатива за отворен пристап (Budapest Open Access Initiative - BOAI) од 2002. Ова покрај практичната вредност за самите научни работници, има големо влијание и на зголемување на угледот на земјата, особено полезна карактеристика и во другите процеси на евроинтегрирање.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: хрватски и англиски
Адреса: hrcak.srce.hr

05 април 2006

Урсула К. Ле Гвин

[лекториран]

Урсула К. Ле Гвин (р. 1929) е една од најзначајните современи писателки на научна и епска фантастика, а како романсиерка и поетеса е едно од големите имиња на американската литература воопшто.

Визуелно, нејзиниот веб-сајт ја одразува атмосферата на нејзините дела, особено на серијалот „Земјоморје“ (Earthsea), кој во последно време е актуелен поради филмски адаптации како ТВ-серија и анимиран филм од познатото јапонско студио „Гибли“ на Хијао Мијазаки.

Во истиот дух, информациската архитектура ги следи принципите на ненападност и оставање можности за избор на посетителот, на пример преку нудење различни верзии на исти содржини - во форма погодна за печатење, со чист текст, или со линкови и со слики.
Веб-сајтот на Ле Гвин нуди биографски и библиографски информации, најави на јавни настапи, како и увид во процесот на пишување преку артефакти како скици, коментари, забелешки, мапи и слично, но и преку есеи на темата. Исто така, достапни се и делови од нејзиното творештво - извадоци од романи, раскази и песни.

Како и некои други познати автори, Ле Гвин има ставено ембарго на комуникација преку електронска пошта и експлицитно нагласува да не и се испраќаат ракописи на увид - оти „рецензирањето дела во развој е во надлежност на платени, обучени професионалци како консултанти за пишување и агенти-застапници на писатели“. Но, обожавателите што ќе и испратат пликови со соодветно количество поштенски марки од неа може да побараат автограм во форма на Ex Libris (лист или налепница што се вметнува во почетокот од книга).


ЗА ВЕБ САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ursulakleguin.com

04 април 2006

Репортери без граници

[лекториран]

Мисијата на меѓународната организација „Репортери без граници“ е одбрана на слободата на печатот, односно слободата на изразувањето во целиот свет. На нивниот веб-сајт тие ги евидентираат нападите врз слободата на печатот низ целиот свет, функционирајќи како „новинска агенција за слобода на печатот“.

Друга функција на веб-сајтот е спротивставување на цензурата, преку објавување написи чие објавување било забрането во нивните матични земји. Преку веб-сајтот се одвиваат и активности за обезбедување спонзорства и за организирање на Денот на слободата на печатот - 3 мај.

Покрај написите за настаните, има линкови што овозможуваат подобро запознавање со претходните настани во дадената земја, годишни извештаи и известувања за медиумите. Исто така, застапени се линкови до материјали од околината, на пример ако се работи за настан во Уганда, леснодостапни се и материјали за други делови од Африка.

Преку веб-сајтов се потпишуваат и петиции, во посебни рубрики се претставени новинарите што се водат како исчезнати (да не се заборават), како и властодршците што ја загрозуваат слободата на медиумите, наречени грабливци на слободата на печатот (predators of press freedom).

Една исклучително интересна содржина достапна на веб-сајтов во ПДФ-формат е целата книга „Прирачник на блогери и сајбер-дисиденти“ (Handbook for Bloggers and Cyber-Dissidents), која нуди и технички и политички знаења од оваа област.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: приспособлива
Пребарувач: има
Клучни зборови: само на насловни
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: француски, англиски, шпански
Адреса: www.rsf.org

03 април 2006

Станување човек

[лекториран]

„Станување човек“ е одличен пример за пренос на содржини од еден медиум во друг. На него со употреба на Флеш е адаптиран цел документарен филм за постанокот на човекот, во кој водител е познатиот палеонтолог Дон Џохансон. Притоа, не се работи за „просто“ ставање видеозаписи на веб, туку за целосна преработка со користење на предностите на новиот медиум.

Задржана е звучната подлога, која зафаќа помалку простор, додека видеоелементите се заменети со фотографии на кои се додадени анимирани ефекти што го создаваат впечатокот на движење. Користејќи ги можностите за интеракција, во текот на филмот дејството може да се паузира за да се добијат информации на ниво на енциклопедија за темата за која станува збор во моментот.

Од тие причини веб-сајтов е исклучително интересен не само за заинтересираните за палеонтологијата и за љубителите на аустралопитекусите и неандерталците (најпопуларните пралуѓе во Македонија), туку и за специјалистите за графички и веб-дизајн, анимација и интерактивни апликации, како и културна применета политика.

Убавината на дизајнот и богатството на знаења што го нуди веб-сајтов, чиј сеопфатен ефект е нарушен од аспект на употребливост, со користењето рамки и отворањето на повеќето странични линкови за вести и центарот за учење, во нови прозорци.
Авторите, кои го изработиле во 2001 година, препорачуваат користење широкопојасна врска за пристап, но употреблив е дури и на модемска врска од 56К.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: баталено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш/ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.becominghuman.org

01 април 2006

Агол – електронско списание за култура и уметност

[лекториран]

Електронското списание „Агол“ за свој издавач го има здружението „Неготински круг“, чија мисија е „промоција на принципите на децентрализација и демократизација во сферата на културата и културната политика, преку едукација, промоција и дистрибуција на културно-уметнички вредности“.

„Агол“ неодамна го објави своето шесто издание. Со редовниот месечен ритам и интересните теми (литература, музика, стрип и филм) постепено ја гради репутацијата на македонската интернет-сцена.

Освен за промовирање и подигање на нивото на општа култура кај публиката, ваквите иницијативи се важни и од аспект на задоволување на приоритетната потреба наведена во Националната стратегија за развој на информатичко општество - зголемување на количеството содржини на локални јазици.

Од аспект на употребливост, кај дизајнот на веб-сајтов би требало да се отфрли употребата на рамки, кои спречуваат директно линкување и цитирање конкретни содржини (на пример, од страна на блогерите). Линковите што се отвораат во нови прозорци би требало да се отвораат во истиот, а добро би дошол и лекторски ангажман. Дизајнот изгледа поинаку во „Интернет експлорер“ и во „Фајерфокс“, што исто така укажува на потреба за ревизија.

Меѓу другите оригинални е-списанија на македонскиот интернет, кои не се копија на печатено издание и обработуваат поширок круг на теми од областа на културата и уметноста, се влијателниот ветеран „Блесок“ основан во 1998 година, подзаспаната „Агора“ од 2002 година, како и „Плагијат“ од 2005.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: рамковен
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: agol.negotinskikrug.net