20 јули 2006

Мај спејс - мојот простор

[лекториран]

„Мај спејс“ е веб-сајт за социјално вмрежување (social networking) од Калифорнија, кој нуди интерактивна мрежа од блогови, кориснички профили, фотографии, групи и интерен систем за пораки.

Оваа виртуелна заедница, која има 300 вработени и се смета за најпопуларен веб-сајт во САД, на корисниците им нуди можност за прикажување најразлични нивни содржини (дури и видео), што делумно довело до култен статус во современата култура. Подемот на сервисот беше комбиниран со активности за вмрежување надвор од Интернет, како организирање журки за корисниците или промоција преку фотографии на некои од нив во „Плејбој“.

Низа уметници успеале да се промовираат преку овој сервис, а низа веќе афирмирани уметници имаат отворено профил на „Мај спејс“ за да ја искористат „плимата“. Наводно, меѓу нив се и Селма Хајек, Хеле Бери, Лаетиција Каста, Нели Фортадо, и Аврил Левињ.

Пред некое време 14-годишно девојче, кое се жали дека било сексуално нападнато од 19-годишник, го тужело „Мај спејс“ за 30 милиони долари, кривејќи го дека нема систем за заштита на малолетниците. Како чекор во таа насока, „Мај спејс“ не пропушта да ги потсети корисниците дека
  • „страниците и форумите се јавно место,
  • луѓето не се секогаш она што тврдат дека се - не додавајте непознати во листите на пријатели,
  • пријавете ги сите видови малтретирање, несоодветни содржини и говор на омраза,
  • не објавувајте ништо од што подоцна би се срамеле,
  • не лажете дека сте постари или помлади од тоа што сте“.
Дополнение: поопширно за феноменот „Мај спејс“.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСПХ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.myspace.com

17 јули 2006

Како софтвер со отворен код, ама со пари!

[лекториран]

Камбриум е геолошки период од развојот на нашата планета во кој настанала најголема диверсификација на живиот свет. „Кембриан хаус“ (камбриумската куќа) работи на предизвикување слична „експлозија“ во светот на информатички решенија.
За да го постигнат тоа, оваа канадска компанија ги користи законитостите на еволуцијата и краудсорсингот (crowdsourcing) – потпирање на знаењето и вештините што ги нуди широка заедница на корисници што соработуваат преку Интернет и може да се наоѓаат каде било во светот.

Членовите може да придонесат преку изнесување идеи или преку вклучување во изработката на кодот на програмите.

За секоја извршена задача се добиваат поени, кои доколку производот почне да се продава, означуваат процент од дивидендата.

Дури и оние што не се официјално дел од заедницата може да придонесат во „војните на идеи“, каде што две идеи се ставаат една наспроти друга и читателите гласаат која им се допаѓа повеќе.

Духот на сајтов е необврзан и ентузијастички, но поддржан и со многу рационални аргументи поврзани со претприемаштвото и генерирањето профит. Дел од филозофијата е објаснета и преку блогот што го одржуваат вработените.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП/Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови:
минимално
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: www.cambrianhouse.com

13 јули 2006

Глобални гласови на Интернет

[лекториран]

„Глобални гласови на Интернет“ е непрофитен проект за граѓански медиуми на Правниот факултет на универзитетот Харвард. Негова цел е собирање и агрегација на разговорите на глобално ниво, користејќи ги „блогерите-премостувачи“ (bridge bloggers).

Премостувачи се блогери што зборуваат за нивната земја или регион, но се насочени кон глобалната публика. Таквите блогери може да пишуваат на својот мајчин јазик, но барем дел од нивните постови треба да е на англиски. Токму врз база на таквите содржини тие може да го заслужат вклучувањето во „Глобалните гласови“, преку репринти на постовите или директно вшмукување преку фидови.

Најинтересните постови од регионите се презентирани во прегледот на денот (daily roundups), покрај редовните секојдневни написи до кои може да се дојде преку кликнување на богатата збирка клучни зборови.

Овој веб-сајт е интересен и за новинарите и за уредниците од покласичните медиуми, особено за добивање идеи за написи, како и за добивање претстава за она што се зборува во светот. Креаторите на сајтов исто така работат на создавање глобален индекс на блогови.

Она по што се истакнува сајтов е вкусното користење мали сликички како графички линкови, од банерчињата што ги нудат за вклучување на туѓи блогови, до сликите на авторите на блогови вклучени во проектот што се менуваат во заглавието на страниците.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.globalvoicesonline.org

03 јули 2006

Зинедин Зидан

[лекториран]

Зинедин Зидан е француски фудбалер со берберско алжирско потекло, кого стручњаците го сметаат за еден од најдобрите фудбалери на неговата генерација. Тој епитет го има заслужено со елегантниот дриблинг, рамнотежата, способноста за поминување и прецизноста на шутот.

Веб-сајтот на Зидан
, од друга страна, не може да се пофали со вишок на употребливост. Целосно направен во Флеш, тој е речиси непробоен за машините за пребарување, што е индиректна причина за нискиот ранг на Гугл. Интензивно е набиен со мултимедијални содржини, како што е целосното видео што се вчитува автоматски, така што е погоден за посета само преку широкопојасна врска.

Информациите на сајтот се претежно биографски, како и фотографии и клипови од важни настани во кариерата на Зидан. Очигледно, како примарна публика на сајтов, авторите ги имале на ум обожавателите на Зизу, кои би се задоволиле со горенаведеното, плус со можноста да купат сувенири со негов брендинг.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: бавно
Функционалност: добра
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазици: француски и шпански
Адреса: www.zidane.fr

29 јуни 2006

Јотофото

[лекториран]

Јотофото е пребарувач за фотографии што бесплатно може да се користат. Се работи за снимки лиценцирани под некоја од таканаречените „копилефт“-лиценци, како Криејтив комонс или ГНУ ФДЛ, што ги прави особено погодни за употреба на блогови или други видови веб-сајтови.

Особено е полезен за графички дизајнери, веб-дизајнери, наставници и студенти. Меѓу другите, го препорачува и еден од највлијателните македонски блогери, Гудбајтс.

Јотофото ги има сите функционалности потребни за пребарување, приказ и преземање фотографии, особено можностите за пребарување според тип на лиценца и големина, како и логички операции со клучните зборови.

Дополнителна функционалност на сајтов му ги овозможува користењето нови технологии, како блог за бележење на техничките надградби, и правењето додавка (екстензија) за разгледувачот Фајерфокс со која се овозможува подиректно пребарување на нивната архива.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: yotophoto.com

15 јуни 2006

Отворена употребливост за подобар слободен софтвер

[лекториран]

„Отворена употребливост“ овозможува поврзување на програмерите што развиваат софтвер со отворен код и експертите за употребливост. Со тоа, обете гранки на софтверската индустрија имаат можност да си помогнат меѓусебе.

Веб-сајтот служи како платформа за заедничко работење, преку која може од една страна да се пријавуваат проекти чиј софтвер е со отворен код, а од друга страна да се пријавуваат стручњаци за употребливост што би сакале да придонесат со своите експертски мислења и примена на стандардите, како ИСО 13407. Целокупната активност е стриктно на доброволна база, за доброто на заедницата.

И во светски рамки, оние што развиваат софтвер најчесто не се свесни за значењето на употребливоста, сметајќи ја како „уште еден фичр“ што може да се додаде на проектот. Правилната перцепција е дека употребливоста мора да стане интегрален дел од развојот на софтверот, преку вклучување соодветни стручни лица во тимот на долгорочна база.

Во рамките на проектот се влезени 136 проекти, меѓу кои и значајни претставници на слободниот софтвер, како графичката околина КДЕ и програмата за обработка на слики ГИМП.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.openusability.org

31 мај 2006

ЕСА - Европска вселенска агенција

[лекториран]

И во овој број „Време“ продолжува со акцијата за објавување на рецензиите на студентите на Институтот за информатика од Скопје.

ЕСА - европскиот пандан на НАСА поседува убаво уреден официјален веб-сајт пребогат со текстуални и со мултимедијални информации за постојните и за идните програми. Специјалниот мултимедијален дел е и најпосетениот дел од сајтот.

Дури и покрај огромниот број страници, навигацијата е релативно лесна и непроблематична. Сепак, на моменти останува впечатокот дека можете лесно да залутате доколку не знаете што точно барате.

Големиот број слики, звуци и снимки од вселената го прават прелистувањето низ страниците вистинско уживање.

Сајтот постојано се дополнува со најнови научни и технолошки новости поврзани со астрономијата. Содржи и голем број научни статии од светски истакнати автори. За најмладите има посебно уреден дел од сајтот преку кој на шарен и сликовит начин им се приближуваат одредени тематики од вселената.

Со други зборови, сајтот на ЕСА претставува огромна база информации и знаење, рај за секој љубител на оваа научна област, но и за обичните корисници, кои сакаат само да уживаат во убавите содржини.

Како единствена негативност може да се истакне малата пренатрупаност бидејќи целата содржина може да се подели на неколку различни сајта. Сепак, тоа е само мал минус во однос на сите плусови на овој сајт.

Рецензент:
Игор Стојановски
, Институт за информатика


ЗА ВЕБ - САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
РСС/Атом: нема
Гугл ранг: 8/10
Јазик: сите јазици на земјите од ЕУ
Адреса: www.esa.int

30 мај 2006

Музејот „Лувр“ во Париз

[лекториран]

Во овој број и во наредните седум објавуваме рецензии од студентите на Институтот за информатика од Скопје, напишани како семинарски трудови по предметот Интернет, во рамките на заеднички проект на ИИ, „Време“ и на фондацијата „Метаморфозис“.

Музејот „Лувр“ има прекрасен сајт од кој ќе бидат задоволни сите посетители, а особено љубителите на уметноста. Самиот музеј е нешто што не смее да се пропушти при посета во Париз, но и посетата на сајтов дава можност да се добие вистинска слика за тоа што претставува тој.

Според информации достапни на сајтот, во периодот од 2002 до 2004 г. тој имал приближно 6 милиони посетители - речиси исто колку што имал и самиот музеј, а посетителите се грубо поделени во четири категории: луѓе што планираат да го посетат музејот па бараат конкретни информации, потоа луѓе што се интересираат за колекциите во музејот, а не планираат да го посетат, луѓе што ги интересира уметност и случајни посетители.

Сајтот има способност да го задржи вниманието, навигацијата е прегледна, но обемна, решена преку паѓачки и странични менија, кои опфаќаат општ опис, историја и опис на колекциите, фино поделени по групи со кратки описи преку кои може да се стигне до подетални информации. Следуваат описи на тековните, минатите и на идните изложби, како и другите настани во музејот.

Исто така, се нуди добра визуелна претстава преку панорами, виртуелни прошетки и голем број слики низ сајтот.

Ако сте можеби иден посетител на „Лувр“ можете да најдете информации за работното време, мапи на музејот, распоред, препораки за тоа што би требало да се види и можност за купување билети преку Интернет. Исто така, преку сајтот имате можност за купување сувенири, книги, цедиња...

Рецензент:
Моника Митревска, Институт за информатика


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: многу често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: јсп (Java server pages - динамички)
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: француски и англиски
Адреса: www.louvre.fr

29 мај 2006

Таратур, уште еден македонски „забавен портал“

[лекториран]

Има ли смисла на пазар што е веќе заситен со понудата од еден доминантен ентитет (Он.нет) и негови имитатори, да се додава уште еден играч од ист тип, само затоа што доминантниот фактор е пример за успех? Од тој аспект, авторите на ‘порталот со забавни содржини наменети за разведрување и подобрување на расположението‘ Таратур заслужуваат пофалба поради нивото на нивниот оптимизам.

Како и другите слични проекти, кај содржините се главно вести за бизарни настани без линк до изворот на информацијата, како и видеоклипови и фотографии со слична тематика. Маркетиншкиот елемент што го брендира сајтов се алузиите на елементи од локалната култура, од името до отворање рубрика за историја наменета за ‘борба со странските пропаганди‘.

Од аспект на употребливост, добро е што до секој линк за видеоклипче стои неговата големина и претставувањето на членовите на тимот преку фотографии. Она што може да се поправи е нападноста на банерите за реклами и тоа што линкот на форумот се отвора во скокачки прозорец што освен што непотребно троши ресурси, отвора и можност за компромитирање на безбедноста кај понеискусните сурфери, кои може [несакајќи] да ја исклучат заштитата на општо ниво.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Јазици: македонски
Адреса: http://www.taratur.com

Дополнение: Реакција на рецензијава од Таратур.

26 мај 2006

Археолошки дневник

[лекториран]

Археолошкиот дневник за кратко време се избори за место меѓу водечките македонски блогови, преку презентирање информации за областа што, наспроти тоа што е од огромно значење за една култура, во македонската и општа и академска јавност со децении тоне во занемареност.

Изобилството вести од земјата и од светот, но и аналитички написи, дополнети со објаснување поими, го прават овој веб-сајт интересен за поширока публика. Ведрата и шармантна „газдарица на блогот“ го дополнува добриот впечаток со елоквентност и со јасен стил на пишување, непренатрупан со стручни термини, без мистифицирање, како и со критичката настроеност кон темите што ги обработува.

Видливо позитивно влијание има и зголемувањето на употребливоста преку оптимизирање елементи на дизајнот и примена на позитивни искуства во практиката на работење.

Овој блог неодамна беше посочен и поради наглиот пораст на линкови кон него, измерен со алатката Технорати мак топ. Иако ова сè уште се нема одразено на рангот на Гугл, многу е веројатно дека ефектот во таа насока ќе се појави во почетокот на јуни.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП (друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазици: македонски
Адреса: arheo.blog.com.mk