15 август 2006

Енергетски крмак и намалување на сметката за електрична енергија

[лекториран]

„Енергетски крмак“ пренесува знаења за тоа како да се заштеди на потрошувачката на енергија во домовите, преку активности што може да доведат до намалување на сметките од 10 до 50 отсто.

Веб-сајтот има две целни групи - возрасни и деца, па е поделен на два дела наменети за секоја од нив. Делот за возрасни е базиран на текст и убедување преку изнесување факти. Делот за деца е „свет за себе“, основна намена му е усвојување на основните поими и прифаќање ставови, што се изведува преку играње одлично изработени едукативни видеоигри и интерактивен прирачник.

Притоа, се користи метафората на „енергетски крмак“, израз што се однесува на сите елементи на потрошувачката што ја поттикнуваат нерентабилноста - од користењето обични наместо флуоресцентни светилки (кои се поскапи, но траат подолго и не трошат толку струја), преку проверката и дополнувањето на изолацијата на бојлерите, ѕидовите и прозорците, до практики за ефикасно користење на компјутерите и придружните уреди.

Сите препораки се поддржани и со емпириски и научни податоци, достапни во форма на е-книги во ПДФ-формат. Во истата форма се дадени и дополнителни материјали, како учебници, водичи, квизови и други материјали за едукативни активности наменети за наставници и за деца.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.energyhog.org

14 август 2006

Лудница – уште еден „македонски забавен портал“

Името „Лудница“ оди рака под рака со степенот на ирационалност на одлуката да се вложат напори во отворање на уште еден „македонски забавен портал“, вагон во возот чија локомотива е Он.нет. Можеби популарноста на овој сајт буди надежи кај имитаторите за повторување на неговиот успех, но не е секој уредник Трендо, ниту по дух, ниту по способност за стратегија, ниту по расположиви ресурси.

Содржините на „Лудница“ се вообичаени за веб-сајтовите од овој тип: „занимливости“, видео и аудио клипови и слично, без поставени линкови до изворите на информациите. Доколку авторите, инаку велешани, продолжат со ваквата уредувачка политика, наспроти пронаоѓање на нешто оригинално или фокусирање на одредена област непокриена од друг сајт кај нас, би било добро да ги исправат барем следните пропусти:
  • Клучните зборови и описите во мета-таговите треба да ја рефлектираат содржината на страниците. Особено неискористен е делот за наслов (title), во кој може покрај името на сајтот да оди и заглавието на тековниот напис.
  • На насловната страница, линк (врска) до целото тело на веста би требало да биде насловот, за Гугл да ги регистрира зборовите во него, а не фразата „Прочитај повеќе...“. Би било добро со секој напис да стои и датумот на објавување.
  • Малите „рандом слики“ што се вртат во левата колона по случаен избор, би требало да бидат линкови до поголеми верзии. Преку изложената навигација е невозможно да се влезе во дел со фото-галерии.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ПХП (Џумла)
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: минимално
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: www.ludnica.com.mk
Датум на пишување: 14.08.2006.

27 јули 2006

Култура плус

„Култура плус“ е локален сервис за купување билети за културни настани кој го покрива подрачјето на северна Далмација, со градовите Ријека, Опатија и Пула. Опфатени се концерти, театарски и кино претстави, изложби и слично.

Плаќањето може да се изврши преку неколку видови кредитни или дебитни картички. Корисничката добива ваучер кој може да го испечати, или само да го запомни бројот, кој го покажува на билетарата на местото каде што се одржува настанот, при што го добива нејзиниот билет.

„Култура плус“ игра улога и на современ културен информатор, кој известува за самите настани и идната програма од оваа област, преку практичен календар на настани. Репертоарот е проширен и со известувања за нови книги и дивидија од локалните книжарници, односно дивидитеки, како и со можноста за коментирање од страна на посетителите.

Сличен македонски сервис, кој го покрива подрачјето на Скопје, нуди веб-сајтот „Веб култура“. За жал, непостоечката инфраструктура за електронско плаќање му оневозможува соодветно да ја обавува својата функција, па како и другите слични сајтови мора да комбинира и аналогни методи, наплата „на рака“ при самата достава на билетите.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: АСП, Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: хрватски
Адреса: www.kulturaplus.com
Датум на пишување: 27.07.2006.

Девојки заглавени со коли

„Девојки заглавени со коли“ е германски веб-сајт основан 2003 година, кој нуди фотографии и видео-клипови од жени кои се обидуваат да ги ослободат нивните коли од низа ситуации, како заглавување во кал. Комбинацијата на автомобилски фетишизам и факторот „дама во неволја“ воглавно ги заинтересирува или привлекува посетителите.

Во 2004 година, овој веб-сајт ја има добиено наградата „Веби“ – „оскарот на вебот“ - во категоријата „чудно“, како и Наградата избор на народот. Иако во наредните години го нема повторено истиот успех, сепак привлекува и позитивно и негативно внимание од блогови до влијателни магазини како “Вајерд“, а особено од веб-сајтови кои нудат линкови до галерии поврзани со хумор, еротика и популарна култура.

Од аспект на употребливост, основен недостаток на веб-сајтов е користењето на рамки (фрејмови), кои оневозможуваат добар пристап на пребарувачите. Кај врските за симнување на филмчиња се следи добра пракса и нивната големина во мегабајти е експлицитно наведена.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: комбиниран
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.carstuckgirls.com
Датум на пишување: 27.07.2006.

20 јули 2006

Мај спејс - мојот простор

[лекториран]

„Мај спејс“ е веб-сајт за социјално вмрежување (social networking) од Калифорнија, кој нуди интерактивна мрежа од блогови, кориснички профили, фотографии, групи и интерен систем за пораки.

Оваа виртуелна заедница, која има 300 вработени и се смета за најпопуларен веб-сајт во САД, на корисниците им нуди можност за прикажување најразлични нивни содржини (дури и видео), што делумно довело до култен статус во современата култура. Подемот на сервисот беше комбиниран со активности за вмрежување надвор од Интернет, како организирање журки за корисниците или промоција преку фотографии на некои од нив во „Плејбој“.

Низа уметници успеале да се промовираат преку овој сервис, а низа веќе афирмирани уметници имаат отворено профил на „Мај спејс“ за да ја искористат „плимата“. Наводно, меѓу нив се и Селма Хајек, Хеле Бери, Лаетиција Каста, Нели Фортадо, и Аврил Левињ.

Пред некое време 14-годишно девојче, кое се жали дека било сексуално нападнато од 19-годишник, го тужело „Мај спејс“ за 30 милиони долари, кривејќи го дека нема систем за заштита на малолетниците. Како чекор во таа насока, „Мај спејс“ не пропушта да ги потсети корисниците дека
  • „страниците и форумите се јавно место,
  • луѓето не се секогаш она што тврдат дека се - не додавајте непознати во листите на пријатели,
  • пријавете ги сите видови малтретирање, несоодветни содржини и говор на омраза,
  • не објавувајте ништо од што подоцна би се срамеле,
  • не лажете дека сте постари или помлади од тоа што сте“.
Дополнение: поопширно за феноменот „Мај спејс“.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСПХ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.myspace.com

17 јули 2006

Како софтвер со отворен код, ама со пари!

[лекториран]

Камбриум е геолошки период од развојот на нашата планета во кој настанала најголема диверсификација на живиот свет. „Кембриан хаус“ (камбриумската куќа) работи на предизвикување слична „експлозија“ во светот на информатички решенија.
За да го постигнат тоа, оваа канадска компанија ги користи законитостите на еволуцијата и краудсорсингот (crowdsourcing) – потпирање на знаењето и вештините што ги нуди широка заедница на корисници што соработуваат преку Интернет и може да се наоѓаат каде било во светот.

Членовите може да придонесат преку изнесување идеи или преку вклучување во изработката на кодот на програмите.

За секоја извршена задача се добиваат поени, кои доколку производот почне да се продава, означуваат процент од дивидендата.

Дури и оние што не се официјално дел од заедницата може да придонесат во „војните на идеи“, каде што две идеи се ставаат една наспроти друга и читателите гласаат која им се допаѓа повеќе.

Духот на сајтов е необврзан и ентузијастички, но поддржан и со многу рационални аргументи поврзани со претприемаштвото и генерирањето профит. Дел од филозофијата е објаснета и преку блогот што го одржуваат вработените.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП/Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови:
минимално
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: www.cambrianhouse.com

13 јули 2006

Глобални гласови на Интернет

[лекториран]

„Глобални гласови на Интернет“ е непрофитен проект за граѓански медиуми на Правниот факултет на универзитетот Харвард. Негова цел е собирање и агрегација на разговорите на глобално ниво, користејќи ги „блогерите-премостувачи“ (bridge bloggers).

Премостувачи се блогери што зборуваат за нивната земја или регион, но се насочени кон глобалната публика. Таквите блогери може да пишуваат на својот мајчин јазик, но барем дел од нивните постови треба да е на англиски. Токму врз база на таквите содржини тие може да го заслужат вклучувањето во „Глобалните гласови“, преку репринти на постовите или директно вшмукување преку фидови.

Најинтересните постови од регионите се презентирани во прегледот на денот (daily roundups), покрај редовните секојдневни написи до кои може да се дојде преку кликнување на богатата збирка клучни зборови.

Овој веб-сајт е интересен и за новинарите и за уредниците од покласичните медиуми, особено за добивање идеи за написи, како и за добивање претстава за она што се зборува во светот. Креаторите на сајтов исто така работат на создавање глобален индекс на блогови.

Она по што се истакнува сајтов е вкусното користење мали сликички како графички линкови, од банерчињата што ги нудат за вклучување на туѓи блогови, до сликите на авторите на блогови вклучени во проектот што се менуваат во заглавието на страниците.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.globalvoicesonline.org

03 јули 2006

Зинедин Зидан

[лекториран]

Зинедин Зидан е француски фудбалер со берберско алжирско потекло, кого стручњаците го сметаат за еден од најдобрите фудбалери на неговата генерација. Тој епитет го има заслужено со елегантниот дриблинг, рамнотежата, способноста за поминување и прецизноста на шутот.

Веб-сајтот на Зидан
, од друга страна, не може да се пофали со вишок на употребливост. Целосно направен во Флеш, тој е речиси непробоен за машините за пребарување, што е индиректна причина за нискиот ранг на Гугл. Интензивно е набиен со мултимедијални содржини, како што е целосното видео што се вчитува автоматски, така што е погоден за посета само преку широкопојасна врска.

Информациите на сајтот се претежно биографски, како и фотографии и клипови од важни настани во кариерата на Зидан. Очигледно, како примарна публика на сајтов, авторите ги имале на ум обожавателите на Зизу, кои би се задоволиле со горенаведеното, плус со можноста да купат сувенири со негов брендинг.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: бавно
Функционалност: добра
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазици: француски и шпански
Адреса: www.zidane.fr

29 јуни 2006

Јотофото

[лекториран]

Јотофото е пребарувач за фотографии што бесплатно може да се користат. Се работи за снимки лиценцирани под некоја од таканаречените „копилефт“-лиценци, како Криејтив комонс или ГНУ ФДЛ, што ги прави особено погодни за употреба на блогови или други видови веб-сајтови.

Особено е полезен за графички дизајнери, веб-дизајнери, наставници и студенти. Меѓу другите, го препорачува и еден од највлијателните македонски блогери, Гудбајтс.

Јотофото ги има сите функционалности потребни за пребарување, приказ и преземање фотографии, особено можностите за пребарување според тип на лиценца и големина, како и логички операции со клучните зборови.

Дополнителна функционалност на сајтов му ги овозможува користењето нови технологии, како блог за бележење на техничките надградби, и правењето додавка (екстензија) за разгледувачот Фајерфокс со која се овозможува подиректно пребарување на нивната архива.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: yotophoto.com

15 јуни 2006

Отворена употребливост за подобар слободен софтвер

[лекториран]

„Отворена употребливост“ овозможува поврзување на програмерите што развиваат софтвер со отворен код и експертите за употребливост. Со тоа, обете гранки на софтверската индустрија имаат можност да си помогнат меѓусебе.

Веб-сајтот служи како платформа за заедничко работење, преку која може од една страна да се пријавуваат проекти чиј софтвер е со отворен код, а од друга страна да се пријавуваат стручњаци за употребливост што би сакале да придонесат со своите експертски мислења и примена на стандардите, како ИСО 13407. Целокупната активност е стриктно на доброволна база, за доброто на заедницата.

И во светски рамки, оние што развиваат софтвер најчесто не се свесни за значењето на употребливоста, сметајќи ја како „уште еден фичр“ што може да се додаде на проектот. Правилната перцепција е дека употребливоста мора да стане интегрален дел од развојот на софтверот, преку вклучување соодветни стручни лица во тимот на долгорочна база.

Во рамките на проектот се влезени 136 проекти, меѓу кои и значајни претставници на слободниот софтвер, како графичката околина КДЕ и програмата за обработка на слики ГИМП.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.openusability.org