06 октомври 2007

Панорамио

Панорамио е веб-сајт за споделување фотографии кој се издвојува по тоа што за секоја од нив е забележана и локацијата на која е снимена. Ваквите фотографии потоа се поврзуваат со апликациите за географски мапи на Гугл.

Панорамио е дел од новиот свет на хиперлокални апликации, кои го комбинираат хипертекстот – јазикот на вебот – со информации за локациската положба, пред сè во форма на точни географски координати. Овој вид на претставување на информациите ќе зазема многу важно место во блиска иднина, особено поради напредокот во употребата на мобилни бежични уреди за поврзување на интернет.

Хиперлокалноста има огромна важност за промоцијата на Македонија, особено во туристички цели, но и за пошироко претставување на нејзината култура, цивилизација, па и секојдневен живот. Колку повеќе луѓе ги качуваат своите фотографии на него, толку повеќе луѓе од странство ќе имаат можност да дознаат за нив.

Сите качени фотографии поминуваат низ процес на модерирање и ако не задоволуваат соодветни критериуми не се појавуваат јавно.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.panoramio.com
Датум на пишување: 08.09.2007.

Ожичен Њујорк

„Ожичен Њујорк“ е веб-сајт посветен на архитектонски проекти, како и вести поврзани со економијата, недвижнините и политиката на градот Њујорк и неговата поширока околина. Основан во 2001 година, сајтот се состои од неколку форуми, од кои најпопуларен е оној за облакодерите. Особено интересна содржина се неколкуте веб-камери кои го пренесуваат тековниот изглед на разни места во „Големото јаболко“.

Форумџиите од сајтов се ентузијасти кои често доста темелно и сеопфатно ја следат изведбата на архитектонски објекти во градот, како зградата на Њујорк тајмс или повторното градење на Светскиот трговски центар, пишувајќи редовни извештаи проследени со нивни фотографии од градилиштата.

На 1 април 2006 година студентот по урбанизам Бродерик Џон Херман, член на веб-сајтот, умрел поради повреди здобиени во судир со мерцедес додека бегал од банда деликвенти кои го нападнале и претепале со цел да го ограбат. Наспроти тоа што сведоците тврделе дека насилниците имале и расистички мотиви (индикација: повиците „Фати го белчо“), полицијата не ги обвинила за злосторство од омраза и сега се на судење во својство на малолетници. Смртта на Херман ги потресла другите членови на „Ожичен Њујорк“, кои преку веб-сајтот основале меморијален фонд и акција за разубавување на еден од парковите во спомен на пријателот и неговата љубов кон Њујорк.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.wirednewyork.com
Датум на пишување: 27.07.2006.

Вива физика

„Вива физика“ има за цел да ја популаризира физиката и науката воопшто меѓу младите.
„Едно од најголемите човекови богатства е љубопитноста, тежнението за откривање на непознатото... И затоа ние во детството и младоста имаме многу прашања за светот околу нас и појавите од него. Секој од нас повторно го открива... И додека постои љубопитноста, копнежот за осознавање на новото, човекот е млад и жив, а неговиот поглед не е згаснат,“ вели д-р Владимир Ајдачиќ, еден од основачите на веб-сајтот.
Содржините се претежно во форма на написи кои се поделени на категории, меѓу кои многу интересни се „науката како бајка“ - со приказни за научните откритија што го промениле светов, а и збирката на мисли на познати научници.

Иако е солидно изработен, дизајнов на сајтот користи ригиден темплејт кој не се покажува најдобар при пристапување со спора врска, оти има интегрирано многу графички елементи кои го успоруваат вчитувањето. Прикажувањето на форумот во внатрешна рамка (и-фрејм) не е добро решение, оти го отежнува пристапот од машини за пребарување до тие содржини.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: српски
Адреса: viva-fizika.org
Датум на пишување: 27.07.2006.

03 октомври 2007

Епикур – за љубителите на готвење

Епикур (341-270 п.н.е.) бил еден од главните филозофи на хеленистичкиот период, чие учење ги комбинирало материјалистичката метафизика, емпиристичката епистемологија и хедонистичката етика.

Арно ама, сајтот „Епикјуриос“ (Епи-љубопитен) не се фокусира на историјата на филозофијата, туку на главната асоцијација што ја буди името на Епикур – уживањето во животот. Амбициозно замислен, поддржан маркетиншки и технички, тој нуди добар пример за организирање на обемно количество содржини на една тема: рецепти за храна и пиење. Покрај рецептите, на сајтот се поместени низа написи во врска со рафинираниот стил на живот, па може да послужи и како прирачник од оваа област.

Особено полезни се речниците на храна и вина, кои содржат илјадници поими од овие области од целиот свет. За жал, не и од Македонија, но тоа може да се свати позитивно – како прилика за оние кои имаат што да кажат на таа тема да пратат рецепти и информации што ќе го збогатат сајтот.

Од технички аспект, особено интересно е решението за поттикнување на посетителите да се претплатат на билтените преку електронска пошта, со преку директно предочување на можноста за избор на разни типови на содржини. Ова е во согласност со светските стандарди за заштита од спем (несакани пораки), а во директен контраст со практиката во Македонија на вакви билтени и мејлинг-листи да се ставаат адреси без претходна дозвола на сопственикот. На ниво на ЕУ, ваквата пракса се третира како криминален прекршок за којшто може да се заработат дебели казни.

Дополнување: скоро секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.epicurious.com
Датум на пишување: 21.09.2005.

Ед Пискор, цртачот на најновиот стрип за Македонија

[лекторирано]

Ед Пискор е цртач на стрипови, кој го има илустрирано најновиот стрип напишан од Харви Пекар Пикар, на тема решавање на конфликтот во Македонија.

Стрипот е направен врз основа на забелешките и фотографиите направени од мировната активистка Хедер Робинсон, која пред некоја година ја посетила земјава за да дознае зошто ситуацијата во 2001-та не ескалира до тотална граѓанска војна. Нејзината теза била дека војната не е неизбежна и дека ако луѓето се потрудат таа може да се спречи, при што Македонија е еден од ретките примери во светот за тоа.

На веб-сајтот на Пискор може да се видат неколку страници од стрипот, кој е во формат „графичка новела“ (стрип-албум) од 150 страници. Покрај тоа, присутна е галерија во која се претставени низа други негови дела, како и можност за купување на оригиналните цртежи.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.edpiskor.com
Објавено на: 6.7.2007.

Мајки и бебиња

„Мајки и бебиња“ е хрватски веб-сајт со информации за оплодувањето, бременоста, развојот на децата и родителите. Изобилува со навидум неутрални и објективни совети во врска со овие области, а инаку е основан од фирма која се занимава со продавање пригодни производи. Иако како маркетиншки потег не постигнува голем успех, што може да се види од тоа дека банерскиот простор што го нудат не е закупен, сигурно дека ја подига популарноста на матичната фирма.

Дизајнот на веб-сајтов е прилично добро изведен, а големите фотографии кои се појавуваат на страниците од рубриките го дополнуваат тој впечаток, оти создаваат визуелна поврзаност со публиката. Само едно нешто е пофотогенично од убава жена – убаво бебе.

Конкурентски веб-сајт на „Мајки и бебиња“ е „Бременост“ кој има поголема фрекфенција на надополнување и чиј дизајн е далеку погуст, исполнет со текстуални содржини претставени со мали букви. Тој делумно се темели на работа на форумот, следејќи го правилото дека најефективен начин на пополнување на содржини на еден веб-сајт е кога самите корисници го прават тоа, без потреба сопственикот да плаќа автори.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: хрватски
Адреса: www.mameibebe.net
Датум на пишување: 27.07.2006.

01 октомври 2007

Нацртано

„Дрон“ е колаборативен блог е наменет „за сите кои го сакаат цртањето“, а го прават уметници за уметници, кои споделуваат линкови, особено до веб-сајтови на кои може да се видат галерии со индивидуални дела. Освен класични цртежи, содржините опфаќаат илустрации, карикатури, анимирани видео-клипови и други слични дела.

Приклучувањето на оваа топла и гостопримлива заедница може да им помогне на цртачите, графичките дизајнери и другите професионалци и аматери кои се занимаваат со сродни гранки да се промовираат во светот, но и да дојдат до нови директни контакти и ресурси за користење во нивната работа. Повеќето од соработниците се од Торонто, Канада, но ги има и од САД и од Австралија.

Овој веб-сајт е еден од педесетте најкул сајтови на светот, според изборот на магазинот „Тајм“. Интересно е дека во тој избор нема ниеден веб-сајт со концепција на „македонските забавни портали“.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ПХП (Ворд прес)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.drawn.ca
Датум на пишување: 14.08.2006.

26 септември 2007

Библиотеката на латински текстови

„Библиотеката на латински текстови“ овозможува пристап до дела напишани на некогашниот официјален административен јазик на ниво на обединета Европа, вклучително и на Македонија.

Библиотеката содржи низа класични текстови од познати автори од антиката до средниот век, од познатите оратори на Републиката, историчарите и поетите на Римското царство, до светите отци кои го обликувале христијанството. Овој материјал може да им биде од полза на луѓето заинтересирани за класичните студии, но и на другите јазичари.

Текстовите се скенирани од извори во јавна сопственост или прибрани по интернет, често од сајтови кои во меѓувреме се затворени. Со тоа, овие дела на некој начин двојно се спасени од заборавот, но се презентирани без превод и коментари, за разлика од сличните сајтови со високо академско ниво. Авторот отворено ја признава таа ситуација во делот „За овие текстови“ и дури и препорачува посета на некои од нив, како што се Персеус и Форум романум.

Сајтот е изведен во чист ХТМЛ код со дизајн базиран употреба на основни табели без декоративни графички елементи. Ова придонесува кон создавање на впечаток на негубење време и фокусирање на читањето, а овозможува и поголема брзина на вчитување и видливост пред машините за пребарување. Веројатно од таа причина и се покажува меѓу првите кога се пребарува на Гугл со клучни зборови поврзани со латинското културно наследство.

Дополнување: баталено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: латински
Адреса: www.thelatinlibrary.com
Датум на пишување: 21.09.2005.

Блогот на Махмуд Ахмединеџад, претседателот на Иран

Иранскиот претседател Махмуд Ахмединеџад има отворено официјален блог наменет за директна комуникација со јавноста преку интернет, со можност за поставување прашања и давање коментари, како и учество во анкета.

Во својот прв и засега единствен пост, г. Ахмединеџад ја изложува автобиографијата, осврнувајќи се на историските услови во неговото детство под власта на марионетскиот шах, исламската револуција и војната со Ирак. Постот е прилично долг за еден блог и подобро би било да бил поделен на повеќе продолженија, секој со својата под-тема. Дури и самиот автор на крајот на постот вели дека во иднина ќе пишува покусо и со поедноставен стил.

Најпознатиот ирански блогер Хосеин Деракшан, кој живее во Торонто, вели:
„Ахмединеџад е популист, а не фундаменталист. Сепак, сеуште не сум убеден дека тој навистина блогира... Треба да почекаме да видиме како ќе се развива сајтот... Ако тој продолжи да пишува и веб-сајтот стане вистински блог, тогаш треба да бидеме среќни. Во тој случај властите нема да го забранат блогирањето во Иран, сè додека Ахмединеџад остане популист.“
За изработка на веб-сајтов се применети најнови технологии, но во последните денови често е недостапен, можеби заради преоптеретеност на серверот од премногу посети. Посебен вкус на искуството го дава и англискиот превод, исполнет со невообичаени конструкции кои веројатно го одразуваат начинот на пишување на официјален персиски.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: споро
Функционалност: недокажана
Код: АСПЏ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: најавен
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазици: персиски, арапски, англиски
Адреса: www.ahmadinejad.ir
Датум на пишување: 14.08.2006.

25 септември 2007

Центарот Симон Визентал

Симон Визентал во популарната култура е познат како ловец на нацистички воени злосторници кои по Втората светска војна се неказнети криеле низ светот. Центарот Симон Визнетал има за цел да го зачува сеќавањето на Холокаустот преку поттикнување толеранција разбирање преку активности во заедницата, образовни програми и општествена акција. Како НВО е акредитиран во ОН и УНЕСКО, а има канцеларии во неколку светски метрополи.

Сајтот пренесува вести за активностите на организацијата, а служи и како одскочна даска за неколку други поврзани сајтови, меѓу кои се Музејот на толеранцијата и Мориа филмс – студио за документарци кое се има закитено и со Оскар. Особено интересен дел е недоволно истакнатиот Мултимедијален центар за учење којшто нуди огромно количество информации во лесно достапна и читлива форма. Кај овој потсајт, употребата на мали сликички е многу добро изведена, особено во делот за навигација.

Апликациите како можноста за добивање известувања преку имејл и донирање преку електронска трговија го зајакнуваат капацитетот на сајтов, чии нови содржини се свртени кон промовирање на некои современи еврејски ставови во врска со тековни настани и состојби.

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.wiesenthal.com
Датум на пишување: 30.07.2005.