15 април 2008

Споделете комична приказна

Сакате да бидете креативни? Сакате да го споделувате она што ќе го направите со остатокот од светот. Не се срамите да експериментирате, да објавувате фотографии и од нив да правите приказни? Комикс е сајтот кој за таа цел ви излегува во пресрет.

Овој веб-сајт е од оние симпатични нови производи кои се карактеристични за новиот веб. Низ едноставна постапка за регистрација, станувате член на комикс со што ви се овозможуваат неколку онлајн активности кои се за него карактеристични. Основно е што можете да повикате некоја слика или фотографија од вашиот компјутер или од некоја веб локација, да изведете неколку акции за нивно прилагодување, да додадете некој од скромниот избор на ефекти и да преминете кон вториот чекор: склопувањето на текстот за приказната. Можете да си изберете форма во која ќе го сместите текстот или да го поделите целото поле за сликата на различен начин. Можете да додавате повеќе вакви страници кои една по друга ќе водат до крајот на приказната. На крајот можете да го зачувате моментално сработениот труд како работна верзија на која подоцна ќе и се навратите или пак веднаш да го објавите со што ќе стане јавно достапно за сите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Политика за приватоност: има
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: comiqs.com

10 април 2008

Како да го зачувате вашето сексуално здравје?

Сите луѓе, а младите особено, треба да бидат информирани за многу работи за да можат да функционираат во средината во која учат, работат и се дружат. Сепак, информациите кои се однесуваат на здравјето на човекот се од неоспорна важност пред останатите, бидејќи како резултат на неинформираност може да настанат опасни последици кои директно на него се одразуваат. Секој сам треба да се грижи за сопственото здравје. Опасностите по здравјето кои можат да настанат од сексуална негрижа и невнимание се особено опасни, тешки, а понекогаш и фатални. Затоа, „сакам да знам“ ви стои на располагање. Искористете ги ресурсите на овој веб-сајт за да дознаете повеќе за сексуалните односи, болестите кои на тој начин се пренесуваат и како да се заштитите. Посетете ја категоријата „чести прашања“ за да си обезбедите минимум потребна едукација од областа или регистрирате си членство на форумот за да директно се обратите со прашање или пак за да споделите некакво искуство.

Овој сајт не би го анализирале од аспект на неговата визуелна компонента. „Сакам да знам“ е важен поради друга причина: нуди информации за младите кои се премногу важни за да се прескокнат. Сите дилеми, нејасности и прашања во врска со оваа област, поставете ги на овој сајт, бидејќи е соодветно место од каде би можеле да добиете одговор. Но, во никој случај, не чекајте ни ден повеќе: доколку не сте го посетиле www.sakamdaznam.org.mk, направете го тоа уште денес.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.sakamdaznam.org.mk

07 април 2008

Како работат нештата?

Која е разликата помеѓу кенгур и волаби? Дали луѓето би можеле да живеат без да се хранат? Како е возможно исчезнувањето на едно глечерско езеро во Северна Америка? На сите овие прашања има одговор онлајн библиотеката „хаустафуоркс“ („како работат нештата“).

Веб-сајтот постои веќе 10 години и е доста популарен помеѓу Интернет корисниците. Тоа е така бидејќи неговите содржини даваат одговор на прашања за кои луѓето често би се прашувале, а не би знаеле каде на друго место да погледнат за одговор. Што и да ве интересира како работи, зошто се случува или дали е возможно, побарајте одговор прво овде. Користете го пребарувачот кога имате конкретна нејасност или шетајте низ категориите кои ве интересираат за да си го пополните слободното време, занимавајќи се и надградувајќи ги своите знаења. Како што веб-сајтовите добиваа повеќе мултимедијални карактеристики и содржини, така и „хаустафуоркс“ ги следеше трендовите, па како посебна категорија на содржини ги издвои видео прилозите. Енциклопедиски информации, мапи од светот кои ја презентираат географската распределба според различни критериуми и експертски рецензии се само дел од содржините на сајтот. Во целост, сајтот е од информативна природа, но содржините кои ги нуди се специфични, необични и интересни. Затоа ви препорачуваме да го посетите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.howstuffworks.com

Само 2 клика до вашите омилени страници

Само 2 клика (онли2кликс) е името на еден веб-сајт кој има за цел да им го направи поедноставно пристапувањето до омилените страници на луѓето во нивните секојдневни активности на Интернет. Сајтови кои имаат улога на обележувачи на омилените страници на корисниците има и други, така што онли2кликс не е единствен. Тој е поинаков од другите бидејќи е пред се наменет за поставување како домашна страница во прелистувачот за запаметените страници да ни бидат секогаш на 2 клика од нас.

Сајтот бара регистрација на посетителите кои сакаат да станат негови корисници. Регистрацијата е толку кратка, што нема да ја почувствувате. А со тоа си обезбедувате пристап до вашите омилени локации од било кој прелистувач, од било кој компјутер кој има пристап до Интернет во светот.

Помеѓу останатото, онли2кликс овозможува назначување на свое име за секој додаден линк и автоматско правење слика од соодветната страница. Страниците може да се меморираат во различни категории, да се подредуваат според неколку критериуми или слободно да се влечат низ домашната страница. За персонализирање на нејзиниот изглед можете да примените некоја од понудените теми или пак да си додадете своја. Некои од попопуларните пребарувачи можат да се користат и директно од почетната страница.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Политика за приватоност: има
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.only2clicks.com

05 април 2008

За секоја девојка и жена

Шајн е нов, одличен нов веб-сајт за мајки, девојки и жени воопшто кој функционира како посебен јаху сервис. Неговата содржина е пред се од информативна и забавна природа. Сите нешта кои би ја интересирале една девојка или жена може да се најдат на шајн. Доволно е да го посетите еднаш за да решите дека треба да стане дел од вашата колекција на омилени веб локации и сајт кој секојдневно ќе го посетувате, па дури и повеќе пати во денот.

Дизајнот е многу модерен и прегледен. Големите наслови, розовите имиња на категориите и распоредот на елементите на страницата е сосема според правилата на т.н. веб 2.0 изглед. Дојдете на шајн за да читате дневни вести од разни области, но и да дознаете многу тајни кои секоја жена треба да ги знае. Дознајте дали секое црно чоколадо е калорично, прочитајте ги петте причини поради кои не треба да ја напуштите вашата работа, четирите начини на кои можете да бидете добри кон вашето тело оваа недела, разгледајте низ љубовните и секс совети, бидете подобар родител итн. Содржините пленат уште во првите неколку секунди. Навистина, толку информации за жената, презентирани на таков начин едноставно нема да остават рамнодушна ниедна посетителка на овој сајт.

Покрај читањето содржини, посетителите кои имаат регистрирано своја јаху адреса, можат низ многу едноставна постапка и самите да напишат нешто кое може да се објави како блог пост. Ваквите нови содржини посебно се издвоени на почетната страница. Во рамките на сајтот, може да се користат и некои од останатите јаху сервиси, како што е проверка на вашата имејл адреса, проверка на временската состојба во вашиот град, дневниот хороскоп и секако, директно одовде можете да ја користите основната функција на јаху како пребарувач.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: средна
Политика за приватност: има
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Адреса: shine.yahoo.com

Бидете анонимни на Интернет

„Анонимус“ е веб сајт кој ќе ви овозможи неколку анонимни активности на Интернет со цел да ги заштити вашите приватни податоци кои вообичаено ги оставате зад себе додека сурфате и праќате електронски пораки. Сервисот постои од 1997 година, многу е едноставен за користење и водено бесплатен. Единствено што треба да направите за возврат е да ја поднесете здодевната реклама која одвреме-навреме ќе ви се појавува во некој агол од вашиот прелистувач, кој пак може и да успее да се справи со неа.

Сајтот е достапен на англиски и на германски јазик. Неговата улога е најпросто кажано, филтрирање на личните податоци кои ги оставате за себе додека изведувате разни активности на Интернет. Па така, можете да пребарувате со било кој веб пребарувач, како и да прелистувате низ вашите омилени веб локации, притоа не дозволувајќи да се открие ИП адресата на вашиот компјутер, прелистувачот и оперативниот систем кои ги користите и сл.
„Анонимус“ можете да го користите и за да праќате анонимни имејл пораки, како и за да праќате пораки во дискусиони групи. Во секој од случаите, опциите се скромни и не можете да праќате додатни фајлови со нив. Сајтот има политика на приватност која треба да се прочита пред да се започне со користење на неговите можности.

Доколку сте задоволни од она што го овозможува „анонимус“, можете да поставите анонимус алатник во вашиот прелистувач за да ви бидат полињата за користење на неговите услуги секогаш на дофат.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Политика за приватност: има
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски, германски
Адреса: anonymouse.org

02 април 2008

Блогирање на повеќе јазици

„Дер мундо“ е алатка која овозможува креирање на блогови и пишување на блог постови, како и нивно едноставно преведување на други јазици. Главната карактеристика на „дер мундо“ е повеќејазичноста. Притоа, не мора да поседувате свој блог или пак блог креиран на оваа платформа, за да се вклучите во преведувачкиот процес.

Секој регистриран корисник, може да допринесе во ширењето на информациите кои ги објавуваат блогерите на својот мајчин јазик. Ваквите содржини се достапни преку веб-сајтот worldwidelexicon.org креиран според името на проектот во рамките на кој функционира и самата блог алатка за преведување. На овој сајт се прикажуваат содржините, за кои без потреба од претходна регистрација, секој посетител може да гласа позитивно или негативно. Како резултат на тоа се формира ранг кој е важен параметар и за авторите, но и за потенцијалните преведувачи. Како регистриран член, откако ќе се избере пост за преведување, може да се види на кои јазици е преведена таа содржина, после што може да се избере нов јазик и конечно да се отвори дополнителното прозорче за внесување на новата содржина.

Покрај користење на алатката во рамките на блог содржините кои се објавуваат на „дер мундо„, постои можност блогерите кои ја користат блог платформата „вордпрес“ да вметнат додаток на својот блог и да ја овозможат повеќејазичната алатка и директно оттаму.

Целиот проект е се уште во развојна фаза, така што некои членови би можеле да се соочат со извесни потешкотии. Сепак, проектот и досега функционира одлично, така што доколку сте заинтересирани, можете да почнете да давате придонес.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: сите
Адреса: worldwidelexicon.org

Македонски спортски портал

Гоал е нов веб-портал кој се стреми да биде константен извор на информации од областа на спортот. Покрај редовната понуда на свежи спортски информации, порталот има посебна секција која е наменета за следење резултати од фудбалски натпревари во живо, како и дел во кој се презентираат блог постови од популарни македонски блогови кои се занимаваат со проблематиката. Исто така, регистрираните членови имаат можност да споделуваат мислења на форумот кој функционира како посебна целина во склоп на сајтот.

Сајтот е лесен за навигирање и секој негов дел, јасно си ја кажува својата цел. Поради тоа, посетителите не би имале никаков проблем да прелистуваат низ содржините. Применетите дизајнерски техники се скромни, но тоа пак оди во прилог на функционалноста и прегледноста на сајтот.

Од голема полза е вградениот пребарувач кој пребарува низ архивата со публикувани содржини, што е корисно во ситуации кога посетителот сака да најде некоја конкретна иформација.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: текстуален
Навигација: едноставна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.goal.com.mk

01 април 2008

Во недостаток на софтвер за обработка на слики...

Доколку професијата ви налага да користите најразлични програми за креирање на слики и обработка на фотографии, веројатно нема многу да ви значат можностите на Пикиефикс. Но, доколку редовно не се служите со ваков тип на софтвер, кој и не се учи баш преку ноќ, не откажувајте се пред време од вашите способности за графичка обработка. Онлјан решенија со скромни, но корисни можности, постојат на Интернет. Треба само да знаете за нив за да можете да ги користите.

Пикиефикс овозможува обработка на слики и фотографии кои ги имате на вашиот компјутер, како и на такви кои се објавени на некоја веб локација. Која и варијанта да ја изберете, на располагање ќе добиете неколку можности. Најпрво, можете да го одредите квалитетот на избраната слика на која можете да и доделите нови димензии. Потоа, можете да го исечете оној дел од неа кој ви е потребен за понатамошната работа. Во продолжение, на сликата можете да и додавате од мноштвото ефекти кои се групирани според типот, како и да ја сместите во некоја рамка. На крајот, испишете го текстот кој сакате да ја придружува сликата и завршете ја постапката со зачувување. Толку е целата работа. Без мака, без потреба од пополнување некакви онлајн формулари, без преземање на специјален софтвер од Интернет и негова инсталација. Се може да се заврши за помалку од минута. Може да биде поинаку само доколку вашата креативност, токму во тие моменти, реши да дојде до израз.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.pikifx.com

Информации за дневна и ноќна шема

kafici.com.mk е веб-сајт на кој се наоѓаат информации за повеќето кафе барови и клубови во Скопје, со тенденција понатаму да се вклучат и кафулињата од останатите градови од Македонија. Сега за сега, сајтот го карактеризираат неколку категории според кои би требало да стигнете до информациите за некој одреден кафе бар, иако на располагање го имате и интегрираниот пребарувач за таа цел.

Информациите за досега достапните локации за излегување се концизни и сосема доволни. Вклучуваат фотографии од местото, работно време, места за пушачи и непушачи, контакт информации, листа на настани и лоцирање со помош на мапа.

Помеѓу овие содржини, на сајтот ќе најдете историски информации за некои пијалаци и рецепти за повеќе коктели.

Дизајнот на сајтот е прост и незадоволителен, посебно бидејќи содржината бара нешто многу помодерно. Сајтот е во фаза на развој, па очекувано е да му се случуваат како содржински, така и стилски промени во иднина. Ова е исто така важно, со оглед на тоа што има комерцијална природа.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: kafici.com.mk