18 декември 2008

Дневните вести секогаш на клик од вас

Ако електронските изданија на македонските печатени медиуми, ни дадоа дополнителна и поедноставна можност за да дознаваме за актуелните случувања во земјата и во светот, телевизиските и некои од радио станиците од нашето поднебје го направија истото, време беше вака богатиот избор од извори на информации да се сублимира на една онлајн локација. Тајм.мк го овозможува токму тоа. Наместо да ги разлистувате весниците еден по еден, да испуштите да дознаете за некое важно случување или да ги земете здраво за готово вестите објавени на еден веб-сајт, посетувајте ја оваа веб-локација неколку пати во денот и сигурно ќе располагате со најсвежите и најактуелните информации кои го одбележале денот.

Доколку сте ги читале светските вести на Гугл њуз, концептот ќе ви делува познат и прифатлив. Групирање според категоријата на која вестите припаѓаат, како и според сличноста на нивната содржина, се карактеристики кои тајм.мк го прават примамлив за зависниците од информации и задоволувачки за оние кои понекогаш се сомневаат во нивната вистинитост. Имајќи можност да прочитате една информација од повеќе извори, просторот за сомнеж значително се намалува.

Една содржина на сајтот се состои од наслов и краток почеток на веста, придружена со медиумот од кој е преземена и времето на нејзиното објавување, додека за целосно читање на вестите, потребно е следење на врските до оригиналните извори поставени во насловите.

Користејќи 23 извори на вести, проверувајќи ги истите на секои 10 минути, тајм.мк е одлична веб-локација која заслужува да биде на местото на домашната страница во вашиот прелистувач. Бидејќи во работата на апликацијата учествува само машина, отфрлена е можноста за намерно поставување на вестите во листата на најнови или најпопуларни.

Дополнување: на секои 10 минути
Брзина: брзи
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.time.mk

15 декември 2008

Заедница за онлајн документи

Иако мултимедијалните содржини го надвладеаја порано незаменливиот начин за презентирање на информациите во вид на текст, сепак помеѓу бројните сервиси кои служат за споделување на овие модерни производи, постои и таков кој на корисниците им овозможува пристап и складирање на текстуалните документи на едно место. Доксток е тоа место.

Доколку сакате да најдете документи со забавна, технолошка, бизнис или едукативна содржина, ова е веб-сајтот каде тоа можете да го постигнете на легален начин. Чувајте ги вашите документи јавно за да им бидат достапни на сите и воедно видливи за пребарувачите или чувајте ги како приватни фајлови онлајн. Особено важно, ако имате веб-сајт или блог на кој понекогаш сакате да вградувате дополнителни содржински елементи, како видеа, аудио приказни, слики и сл., треба да знаете дека со доксток имате можност истото да го правите и со текст документите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Бројач на посети и преземања: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.docstoc.com

12 декември 2008

Доедукација за младите луѓе од Македонија

За многу млади луѓе од нашата земја, не е доволно она што таа има да им го понуди како избор за продолжување на образованието или усовршување во некоја одредена област. Од друга страна, постојат и луѓе кои едноставно не сакаат да останат во границите на оваа земја, па уште по завршувањето на средното образование, веќе си ја планираат иднината надвор. Од која и причина да сакате да си ги знаете можностите за усовршување во странство, од неодамна постои една веб-локација која сеопфатно ќе одговори на вашите барања.

Актуелни можности за студирање и доусовршување, стипендии, грантови, обуки и конференции, најразновидни конкурси, работа и пракса во странство е она што го сочинува веб-сајтот Млади инфо. Идејата е да им се олесни патот на младите луѓе до остварување на нивните цели, поради што на овој портал може да се најдат и корисни совети за тоа како треба да изгледа кратката биографија според светските стандарди, писмото на мотивација или препораката од работодавецот или професорите.

Млади инфо е производ на неколку млади ентузијасти од организацијата ФЕЈС-Македонија кои успеаја да ја реализираат идејата која постоела повеќе години. Во подготвителната фаза на создавањето на порталот тие ја добиле поддршката од Фондацијата институт отворено општество-Македонија.

Дополнување: често
Брзина: средно
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: mladiinfo.com

05 декември 2008

Вашето лице во туѓа улога

Сте се запрашале ли некогаш како би изгледале како Дедо Мраз, како некоја музичка или филмска ѕвезда со беспрекорно тело и фризура?! Заменете го вашиот лик со ликот на вашите омилени познати или непознати ликови и престанете да се прашувате. Забавата може да започне веднаш и тоа овде: www.faceinhole.com.

Ова е веб-сајт кој постои за да ви понуди неограничена забава. Изберете фото модел, актер, пејач или пак некоја околина на пример: канцеларија, насловна страница од списание, бејзбол игралиште или некоја уметничка слика на која би сакале да се најдете. Продолжете со барање на соодветна фотографија од вашиот компјутер или директно направете една со помош на вашата камера, а потоа направете ги потребните прилагодувања, така да вашиот лик што повеќе се совпадне со останатиот дел од фотографијата или сликата. Доколку ви се допадне резултатот, регистрирајте се на сајтот и почнете да ги поздравувате со смеа вашите блиски пријатели. Ова е одлична локација за последниот месец од годината.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски, бразилски,
шпански, португалски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.faceinhole.com

Векторизирање на растерските слики

Предноста на векторските слики им е позната на оние кои се занимаваат со графички работи, и иако тие често преферираат да работат со такви, тоа не значи дека тие им се секогаш на располагање. За среќа, постојат начини за конвертирање на растерски слики во векторски, а еден од нив нуди „Вектор меџик“. Пред да се израдувате за оваа едноставна онлајн варијанта, веднаш да предупредиме дека потребно е мајсторство за да го постигнете саканиот ефект, а гаранција дека ќе дојдете до посакуваниот квалитет, не постои.

Во суштина, вектор меџик го сработува она за кое е наменет во 5 чекори: избор на саканата слика или фотографија, нејзино конфигурирање со помош на понудените опции, векторизирање, преглед на резултатот и зачувување во неколку различни формати.

За да видите како работи вектор меџик, можете да одвоите 3-4 минути за да го погледнете видео туторијалот или пак да ги прочитате советите достапни во текстуална форма. Примерите ќе ви помогнат да го воочите ефектот од работата на апликацијата, а доколку ви се допаѓа како работи, можете да се одлучите и за комерцијална верзија во десктоп варијанта.

Дополнување: непотребно
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: vectormagic.com

27 ноември 2008

Водич за ТВ серии

Доколку сте обожаватели на новите ТВ серии кои во моментов се прикажуваат на светски познатите ТВ канали, потребен ви е водич кој ќе ви кажува која серија кога се прикажува, за да знаете дека не треба да ја пропуштите.

Прогнозерот на телевизиските серии е пред се дизајниран како апликација за Mac OSX. Сепак, достапна е и верзија за користење преку веб, која е функционална и практична. Се што треба да направите е еднократно да ги додадете имињата на сите омилени ТВ серии за кои сакате да ги следите датумите на прикажување на новите епизоди. Потоа, информациите ќе бидат запомнети од прелистувачот, па при секоја наредна посета, ќе треба само да се стрпите неколку секунди за да се вчитаат бараните податоци. Од добиената листа, покрај тоа што ќе можете да ги видите датумите и имињата на новите епизоди од вашите избрани ТВ серии, туку ќе можете да добиете и краток опис на настаните од новите епизоди, а со уште еден дополнителен клик, ќе бидете пренасочени на еден друг веб сајт: www.tv.com – кој ги поврзува љубителите на телевизиските серии и им овозможува пристап до секаков тип на содржини од оваа област.

Дополнување: од страна на корисникот
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.bigbucketblog.com/webtv

21 ноември 2008

Купи лаптоп

Купи лаптоп е бренд којшто стои зад компанијата USAnotebook, која постои од 1988 година, а се занимава со продажба на нови-неупотребувани или реновирани лаптопи од познати и реномирани производители, како IBM, Dell, HP и Toshiba. Компанијата има мрежа од над 50 ексклузивни партнери од целиот свет, а од пред една година овозможува и директна продажба од Македонија.

Производите кои тие ги продаваат се такви кои биле купени по малопродажна цена и вратени во рок од 30 дена од страна на корисниците, потоа производи кои биле изложувани низ продавниците во САД, како и такви од кои постојат големи залихи и се продаваат по пониски цени заради чистење на производот од залиха и воведување на нов модел.

Сајтот, сам по себе, не е особено презентативен и дизајнерски дотеран, но е едноставен за пристапување и ја врши својата намена, односно ги презентира потребните информации. Доколку се решите да нарачате лаптоп преку оваа компанија со претставништво во Македонија, истиот можете бесплатно да го добиете дома во рок од 24 часа. Доколку пак сакате да го видите производот пред да си ги дадете парите, посетете ги нивните канцеларии, за што информациите ќе ги најдете на сајтот.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски, англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: kupilaptop.com

Галаксија од тагови

Многу веб-сајтови оставаат впечаток уште при првата посета, и можеби тоа ќе биде и единствената, бидејќи често има такви кои знаат да освојат со идејата и изгледот, додека мали се шансите такво нешто навистина некогаш да ви притреба. Таг галакси е еден таков пример.

Се работи за сајт кој се состои од пребарувач на тагови (клучни зборови со кои корисниците ги означуваат сликите на пример, заради опишување на нивната содржина) кој по зададеното пребарување, ги презентира сликите од сервисот Фликр на уникатен и интересен начин - налепени во смалена верзија на виртуелна Земјина топка. Од тука, со вртење на топката во сите насоки, може да се избере која слика ќе се кликне за да се зголеми, а со движење на тркалцето на глувчето, може да се навлезе уште повеќе во длабочина.

Всушност, практично е што на едно место можете да ги видите сите слики кои можат да одговорат на вашето барање, но ваквиот начин веројатно нема да изберете да го практикувате за секојдневни потреби. Како и да е, таг галакси беше веб-сајт, поради нешто вреден да биде спомнат. Проценете вие дали го заслужува вашето внимание.

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: солидна
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: taggalaxy.de

17 ноември 2008

Барам-нудам дизајн

99 дизајни е заедница на дизајнери и организатори на конкурси. Дизајнерите кои учествуваат на овие конкурси се натпреваруваат за да добиваат награди, како и за да си ги подобруваат своите способности.

Сајтот им овозможува на луѓето од секаде од светот кој имаат потреба од некаков дизајн, овде да го пријават барањето. Стандардната постапка подразбира поставување на самото барање, одредување на буџетот кој директно ја одредува висината на наградите, соработка со дизајнерите околу она што го се бара и избор на најдобриот дизајн во рок од 7 дена по затворањето на конкурсот.

Доколку пак сакате да учествувате како дизајнер, регистрацијата е бесплатна после што внимателно треба да ги разгледате отворените конкурси и да одлучите кон кој ќе се приклучите со вашиот талент, креативност и ентузијазам.

Сајтот е чист и едноставен, а препорачливо е и за понудувачите на конкурси и за дизајнерите, пред да се приклучат кон заедницата, внимателно да ги прочитаат кратките и слатки упатства.

Дополнување: многу често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: 99designs.com

13 ноември 2008

Примање факсови и говорни пораки надвор од канцеларијата

Факсот, иако застарен поради начинот на кој ја овозможува размената на документи, сепак се уште активно се користи, барем во канцелариите. Иако имејлот како сервис ги надминува сите негови недостатоци, размената на документи во материјална форма, го прави незаменлив во однос на останатите можности за комуникација и размена на информации и документи.

Една комбинација од можностите на факсот и оние на имејлот претставува сервисот К7 кој овозможува примање на факсови и говорни пораки преку интернет и нивно прегледување, односно преслушување, директно од вашиот компјутер. Пораките, независно дали во вид на факс или говорни се препраќаат на вашата имејл адреса, иако постои можност да им пристапите и директно преку веб-сајтот на сервисот во рок од 7 дена по нивното добивање. Потоа пораките се бришат. Исто така, на вашата бесплатна корисничка сметка можете да чувате вкупно 20 пораки, после што најстарите се бришат со добивање на нови.

Овој сервис е достапен насекаде во светот бидејќи пристапот до него е овозможен од било кој компјутер поврзан на интернет. Сепак, доколку испраќачот на пораките е надвор од САД, услугата ќе му биде наплатена по интернационална тарифа. Од овој аспект, за наши услови сервисот е непрактичен, но за оние кои живеат во споменатите држави, може да биде фино решение за примање факсови и говорна пошта во секое време и без потреба од користење на дополнителна опрема за таа цел.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.k7.net