25 февруари 2009

Македонски веб-сајт за десктоп позадини

Иако за да пребаруваме десктоп позадини, не ни е особено важно да го правиме тоа на македонски сајт, бидејќи и онака, нема многу што да разбереме или не, сепак убаво е да се види дека постои таков македонски производ кој на модерен и практичен начин, собира позадини од страна на посетителите на едно место кои пак истовремено стануваат на располагање за сите.

Сајтот изгледа навистина убаво, компактно и практично. Истиот го полнат со нови позадини речиси секојдневно регистрираните посетители. Секоја позадина може да се прегледа пред да се преземе во саканите димензии и соодветниот тип. Позадините се сместени во соодветни категории, низ кои може да се прелистува, но практични се и начините за пребарување по тип (нормални или широки) и големина, односно размер изразен во пиксели. Напредното пребарување го овозможува ова во комбинација со користење на клучен збор и назначување на категоријата во која очекуваме да се најде она што го бараме.

Тимот кој стои зад веб-сајтот не одговара за поставените позадини, односно се оградува од тоа да има контрола врз потеклото на секоја позадина која ќе се најде поставена на сајтот. Сепак, постои можност да се пријави авторска слика или фотографија за која не е дозволено да биде прикажана и достапна за преземање од друг веб-сајт после што истата ќе биде отстранета.

Најдобрите членови се посебно истакнати на сајтот, како и најпопуларните, најновите и најпреземаните позадини. Па некоја од овие листи може да биде почетна точка во вашето пребарување.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: практична
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.pozadini.com

18 февруари 2009

ИТ клуб за сериозните вљубеници во ИТ технологијата

ИТ клубот претставува веб-сајт наменет за вљубениците во ИТ технологијата, чија цел, според креаторите, е создавање на електронска база која ќе располага со податоци за сите таргет групи на оваа област. Сајтот е модерен, прегледен и чист и го карактеризираат интересни содржини. Вестите се поделени на вести од светот и вести од Македонија, а статиите опфаќаат: софтвер, хардвер, мрежи, е-бизнис и компјутери. Понатаму, категоријата едукација нуди содржини за разни возрасни целни групи, додека делот ИТ компании би требало да обезбедува листа на такви кои се занимаваат со одредена подобласт. Оваа, како и повеќето категории и поткатегории се сè уште празни, што не значи дека ситуацијата ќе остане таква во иднина.

Според датумите на објавување на содржините, може да се забележи дека се работи за релативно млад македонски производ кој тек сега почнува да се развива. Во менито е поставен линк и до форум, каков што во моментот на пишување на оваа рецензија не постоеше.

На сајтот нема информација за основачите на ИТ клубот, ниту пак се потпишани текстовите кои се објавени. Ова во иднина би требало да се смени за да се даде веродостојност на напишаното и кредибилитет на сајтот во целина.

Веб-сајтот делува како производ на ентузијасти кои имаат желба содржински да ја покриваат областа на ИТ технологијата. Според изгледот, досега објавеното и интересниот содржински концепт, може да се каже дека ова е македонски сајт кој ветува, но на кој мора потемелно и поредовно да се работи.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.itklub.com

16 февруари 2009

Гевгелија онлајн

Следејќи го трендот на останатите градови, и Гевгелија доби свое онлајн претставување. Дизајниран како типичен портал, со многу различни содржини, од кои некои имаат повеќе, а некои помалку врска со градот, тој делува прифатлив за поширока публика, иако пред се, е наменет за гевгелиската. Бидејќи веројатно се работи за нов производ, категориите се празни или полупразни, но видови содржини има најразновидни. Вести, рецепти, огласи за работа, куќи, викендички, услуги компјутери, продажба на одредени производи и многу повеќе се дел од содржините на порталот.

Тој располага со сопствен форум на кој зачленетите си разменуваат пораки. Во содржините можат да допринесуваат и самите посетители, особено во делот кој се однесува на размена на огласи, рецепти и сл.

Еден вознемирувачки момент претставува лебдечкиот банер на кој е поставено името на дизајнерот во вид на врска до неговата работа, и кој по исклучувањето, повторно се појавува при секое вчитување на страната. Себепромоцијата во вакви случаи е оправдана, но сепак, постојат повкусни начини за тоа, кои не би им пречеле на посетителите во прегледувањето на содржините на сајтот.

Во секој случај, браво за иницијативата и би било убаво и останатите градови, кои се уште не се претставени онлајн, да го следат ваквиот пример и да го збогатат македонскиот веб простор со веб-сајтови од ваква природа.

Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: соодветен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: gvg.com.mk

13 февруари 2009

Миро - за бесплатни интернет видео канали

Миро е апликација за гледање интернет видео канали, поточно видео поткасти и РСС видео. По преземањето и инсталацијата, Миро се користи независно од интернет прелистувачот. Овозможува преглед и преземање на видео содржини од илјадници различни канали, чиј број секојдневно се зголемува.

За разлика од сајтовите за гледање онлајн видеа како Јутјуб, Миро нуди високо квалитетни видеа кои пријатно изгледаат и кога се гледаат на цел екран. Исто така, се разликува и начинот на кој Миро функционира, најпрво ги презема видеата локално, а дури потоа може да се започне со нивна репродукција. Заради ова пак, видеата никогаш нема да се мачат додека се репродуцираат. Тие се симнуваат на компјутерот на корисникот, но бидејќи зафаќаат место, автоматски се бришат за неколку дена. За видеата кои сакате трајно да ги зачувате, постои опција која го овозможува ова. Запишување за преглед на содржини од нови канали, пребарување според клучни зборови, организирање во папки, автоматско преземање на омилените видеа итн. се дел од карактеристиките на овој софтвер, кои не само што го разликуваат од останатите онлајн сервиси, туку и го прават особено практичен.

Миро е софтвер со слободен код, достапен за сите оперативни системи. Тоа значи дека сите имаат еднаква можност да го користат, како и да придонесуваат во неговиот понатамошен развој. Достапен е на многу јазици, но не и на македонски, па доколку има ентузијасти, ги охрабруваме да се приклучат во работата за понатамошен развој, усовршување и поголема јазична достапност.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: средна
Пребарувач: има (плеер)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски, албански,
бугарски, француски, германски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.getmiro.com

06 февруари 2009

Животот и делото на Никола Мартиноски

Посветен на еден од најважните личности за развојот на македонската култура во 20от век, веб-сајтот претставува репрезентација на неговиот живот и делата кои ги има оставено зад себе. Пристапувањето до веб-сајтот нуди пријатно искуство уште од интро страната на која во движење се прикажани неговите дела. Од тука се „прелетува“ кон англиската или македонската верзија до сајтот.

На овој сајт уредно се претставени биографските податоци во врска со професионалниот живот на Никола Мартиноски, потоа делата кои може да се прегледуваат преку галеријата, информации за одржаните изложби и освоените награди.

Проектот е реализиран со финансиски средства од Министерството за култура на Република Македонија.

Дополнување: непознато
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: македонски, англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.martinoski.mk

05 февруари 2009

Брз, ефикасен и кул начин за преземање Јутјуб видеа

Можности за локално преземање на видеата што ги гледаме онлајн постојат, благодарение на повеќе алатки и сервиси кои служат за таа цел. Сепак, помеѓу сите нив, има и такви кои не се комплетно функционални или пак не се многу практични. Денес ви нудиме еден начин за преземање на видеата што ги гледате онлајн на вашите локални компјутери, кој веројатно ќе сакате да го практикувате.

Веб-сајтот кој може, а не мора да го посетите е www.pwnyoutube.com. Не мора да појдете на оваа локација, бидејќи не треба да симнувате и инсталирате никаков софтвер, ниту пак директно да ја користите услугата од адресата на веб-сајтот. Доволно е пред „youtube“ во адресата на секое видео што ќе го најдете и гледате на јутјуб, да испишете „pwn“. На пример наместо http://www.youtube.com/watch?v=HJUkUknYL24, напишете http://www.pwnyoutube.com/watch?v=HJUkUknYL24. Ќе ви се вчита нова страница преку која ќе можете да изберете зачувување на видеото во два популарни видео формати.

Сајтот можете да го користите за да добиете можност за преземање и на јутјуб видеата кои се вградени во други веб-сајтови. За дополнителна практичност, можете да го додадете „букмарклетот“ во листата на вашитите сајтови, за автоматско преаночување кон страницата за преземање на видеата што ги гледате на јутјуб.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.pwnyoutube.com

28 јануари 2009

По повод денот на приватноста...

28 јануари е интернационален ден на приватноста кој го обележуваат многу земји во Европа веќе трета година по ред. На овој ден се случуваат разни настани низ Европа, како средби и образвони програми. Денот е истовремено наменет за подигнување на свеста меѓу луѓето за ризиците кои постојат на интернет, како и оние поврзани со нелегално користење и неправедно процесирање на нивните лични податоци. Овој ден, денес се обележува и кај нас.

Информации за вакви и слични теми и случувања ќе најдете на thepublicvoice.org, веб-сајт кој постои од 1996 година и е основан од страна на Центарот за приватност на електронските информации (EPIC). Неговата цел е промовирање на јавно учество во процесот на донесување одлуки кои се однесуваат на иднината на интернетот. Тука спаѓаат прашања од приватноста и слободата на изразување, па се до заштитата на корисниците и интернет владеење. Преку интернационални конференции, извештаи и фондови за патувања, проектот Јавен глас (Public Voice) се обидува да го зголеми присуството на НВОи на средбите низ светот. Во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (OECD), Унеско и други интернационални организации, прокетот ги доближува лидерите на цивилното општество, лице во лице со владините претставници, со цел заедничко и конструктивно ангажирање за решавање на прашања и проблеми во врска со моменталните политики.

Проектот е овозможен и со поддршка од Фондацијата Форд и Институтот отворено општество.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен,
компактен и модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: thepublicvoice.org

27 јануари 2009

Нов веб-сајт на Каролина Гочева

Од неодамна, обожавателите на македонската дива Каролина Гочева, можат да уживаат во нејзиниот нов веб-сајт. Тој изгледа многу модерно и многу практично, токму онака како што се очекува да биде претставена онлјан, секоја музичка ѕвезда.

Сајтот одлично ги пречекува посетителите, со фотографии од Каролина кои преовладуваат на екранот и наизменично се менуваат, пропратени со музиката од последниот албум, која многу му прилега.

Посетете го новиот сајт на Каролина, за да прочитате што можете да очекувате од неа во наредниот период, да прочитате некои библиографски податоци, да се информирате за она што таа го има издадено во вид на албуми, и секако да се изнагледате фотографии, кои навистина ги има во изобилие.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: македонски, англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.karolinagoceva.net

26 јануари 2009

Лорем ипсум - текст како замена за оној што моментално ви недостига

Лорем ипусм е едноставен модел на текст кој се користел во печатарската индусрија уште од 1500-те години, а се популаризирал во 60-те години од минатиот век. Настанал на тој начин што еден непознат печатар зел кутија со букви и ги сложил така за да добие примерок на книга. Моделот опстанал 5 века, а сега се користи и во електронските медиуми во непроменет вид. Тоа значи дека доколку се занимавате со развој на софтверски апликации или веб решенија, лорем ипсум ќе ви го пополни местото на кое знаете дека во крајниот производ треба да стои текст, кој во моментот го немате. Наместо да пишувате една реченица со повторување, искористете го лорем ипсум, кој иако на латински јазик, сепак претставува склоп од зборови и реченици со значење.

Занимавајќи се со својата секојдневна работа, дизајнерите и развивачите на софтвер, можеби веќе одамна се имаат сретнато со лорем ипсум. Но ако тоа не е случај, појдете на сајтот и генерирајте тип и обем на текстуална содржина која ќе одговори на вашите потреби. Можете да изберете број на пасуси, зборови, бајти и листи, а од поново време, можете да користите и лорем ипсум модели на логоа.

Веб-сајтот е преведен на многу јазици, меѓу кои и на македонски. Прочитајте повеќе за настанокот и масовната употреба на лорем ипсум доколку ве интересира, а доколку пак се сомневате во моќта на овој модел, испишете „lorem ipusm“ на Гугл и видете колку луѓе го употребиле во текот на својата работа.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: македонски, англиски,
албански, француски, српски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.lipsum.com

22 јануари 2009

Графичко креирање музика

Вижуал акустикс е концепт за интерактивно изразување, поточно претставува платформа за цртање музика и нејзина истовремена визуелна презентација во вид на комбинирана, релано-временска артистичка изведба.

Четките со кои можете да шарате низ екранот всушност претставуваат различни инструменти, кои можете да ги прилагодувате според гласноста и нивото на одложување на тоновите (delay). Со комбинирање на инструментите, можете да создавате пријатни музички уметнички дела, кои визуелно и акустично ќе ја одразат вашата креативност. За да постигнете целосно задоволство, употребете ја опцијата за приказ на сајтот на цел екран.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.ampledesign.co.uk/va