20 јануари 2011

Електронско учење за деца

Доколку сакате вашите деца продуктивно да го користат времето поминато на интернет, тогаш веб-сајтот „E-learning for kids“ е вистинското место за тоа. Сајтот нуди содржини кои ќе им помогнат на децата да совладаат одредени области, како на пример: математика, компјутерски вештини, здравје и сл.
Сајт со електронски курсеви за деца
Најголемиот дел од содржините се претставени во вид на интерактивни и анимирани игри кои се прилагодени за различни возрасти на деца. До самиот курс/игра е поставена возраста за која таа содржина е соодветна. Моментално се нудат курсеви од осум области. Па така, децата преку игра ќе можат да научат да бројат и да користат матемаички операции, да ги научат функциите на мозокот и работата на крвниот систем или пак да совладаат основни граматички правила по англиски јазик.

Помошта од родителите ќе биде потребна за објаснување на целите на курсот/играта, бидејќи содржините не се достапни на македонски јазик. Но, бидејќи игрите се едноставни и прилагодени за возраста, јазикот не секогаш ќе е пресуден.

Содржините на веб-сајтот се бесплатни и не е потребна регистрација за да се користат.

Дополнување: од авторот
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, холандски, француски,
шпански, португалски
Адреса: www.e-learningforkids.org

17 јануари 2011

Сите .мк домени

На адресата perfectflow.org/domeni е достапен сервис на македонски јазик каде може да ги најдете сите досега регистрирани македонски домени.
Сајт со сите регистрирани македонски домени
Се работи за многу едноставен сајт на кој може да ги пребарувате македонските домени во три категории: најнови регистрирани .мк домени, популарни .мк домени  и пребарување на домени по буква.

Во првата категорија се објавуваат по 20 најнови домени. За истите можете да гласате и да придонесете, еден ден, да се најдат во категоријата популарни. Сè што треба да направите е да се позиционирате на нив, со што ќе ви се појави знак - црвено срце. Со кликнување на истото го давате вашиот глас за доменот. Во категоријата популарни се прикажани домените со најголем број на гласови. Како и за претходните, и за овие може да се гласа. Последната категорија овозможува пребарување по буква. Под самата буква стои и бројот на домени кои започнуваат со неа.  Дополнително, може да пребарувате и со внесување на клучен збор.

Така, овој сервис може да ви стане почетна точка за наоѓање и насочување кон одреден .мк домен.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: -0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: perfectflow.org/domeni

15 јануари 2011

Сајт за идни и сегашни родители

Доколку спаѓате во категоријата идни или сегашни родители, сигурно имате потреба од многу информации поврзани со овој период од животот. „Рингераја“ е македонски портал кој може да ви помогне да пронајдете многу такви информации.
Сајт со информации и совети за сегашните и идните родители
 Се работи за портал организиран во четири главни категории: „Забременување“, „Бременост“, „Бебе“ и „Дете“. Во секоја од овие категории може да најдете статии, видео содржини или пак рубрики поврзани со горенаведените теми. Интересни се и алатките кои можат да се користат: календар на овулација, калкулатор на крвни групи или пак калкулатор на срцеви отчукувања.

Доколку, сепак, не можете да најдете одредени информации во некои од веќе објавените содржини, може да се вклучите на форумите на порталот и да побарате совет од луѓето со слични интереси на вашите. Ако сакате, може да креирате и албум со слики или видео од вашето дете и истите да ги споделите на сајтот.

Сите содржини на порталот се бесплатни. Имате и опција да добивате персонализирани содржини со пополнување на едноставен прашалник.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пристоен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: -4/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.ringeraja.mk

13 јануари 2011

Огласуваме, огласуваат, бараме оглас...

„Огласуваме“ е веб-сајт на кој, како што кажува и самото име, може да објавувате и пребарувате огласи од секаков тип, во повеќе категории.
Веб сајт за објавување и пребарување на огласи
Пребарувањето на огласите е навистина организирано. Тие се категоризирани во неколку генерални групи, како: недвижен имот, возила, електронска опрема и други.  Главните категории се понатаму поделени во неколку поткатегории, на кои ако кликнете, ви се отвора прозорец во кој може да ја дефинирате целта на огласот (пр. купувам, продавам, менувам) или пак регионот од каде сакате да најдете одреден оглас. Во секој случај, може да ги пребарувате и сите огласи без никаква спецификација.

Доколку пак сакате да објавите ваш оглас, тоа може да го направите многу лесно. Прво изберете категорија во која сакате да се објави огласот, а потоа пополнете го едноставниот формулар. Во овој дел ќе најдете и препораки за поефикасно огласување.

Сајтот е навистина практичен, функционален и со лесна навигација.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има 
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: oglasuva.me

10 јануари 2011

Сите на кафе пауза за заслужена релаксација

„Кафе пауза“ е нов, брзорастечки, македонски веб-сајт од забавно-информативен карактер. Тоа што го прави овој сајт различен од останатите македонски портали е сериозниот, аналитичен пристап во написите, авторските текстови базирани на лични истражувања и пријатниот, релаксирачки дизајн.
Веб-портал за релаксација, забава и едукација
Содржините на кафе пауза опфаќаат теми од областа на уметноста, филмот, музиката, технологијата, животот, како и занимливости од секаков тип. Нови написи се објавуваат секојдневно, повеќе пати во текот на денот, а на крајот на неделата се поставува и неделен преглед на најпосетуваните содржини. Две интересни карактеристики на овој сајт се редовните рецепти за интересни кафиња кои многу лесно може да си ги приготвите, како и разните сеопфатни написи во областа на астрологијата.

Сајтот е отворен за читателите преку опцијата за предложување нови содржини, како и за објавување гостински текстови. Кафе пауза може да ја читате и на профилите на Фејсбук и Твитер кои секојдневно се освежуваат.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, свеж
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.kafepauza.mk

07 декември 2010

Листај, учи, информирај се!

„Лист“ е блог на македонски јазик каде што може да најдете корисни информации од повеќе области од интернет сферата. Овде редовно се објавуваат постови во неколку категории: веб дизајн, графички дизајн, програмирање и сл., а има и дел каде можете да се информирате за одредени настани или да прочитате интервјуа со личности од македонската ИТ сфера.
Блог со совети и информации од интернет сферата
Постовите се напишани на разбирлив и едноставен начин и се многу корисни дури и за луѓе кои не поседуваат напредни технички вештини. Најчесто се во вид на совети, кои можат да ви помогнат во различни ситуации и да ви дадат идеи за подобрување на вашата бизнис марка.

Во делот „Бесплатно“ можете да најдете постови за бесплатни содржини кои може да ги користите, како на пример: шаблони, фонтови или икони, додека категоријата „Инспирација“ ќе им се допадне на дизајнерите и фотографите на кои секогаш им е добредојдена туѓата креативна работа за будење на своите мајсторски сетила.

Блогот е достапен под лиценцата Наведи Извор 2.5 од Криејтив комонс, така што со содржините можете да правите сè, сè додека го наведете изворот.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, чист, прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: list.mk

02 декември 2010

Советник за патувања

Доколку сè уште не сте одлучиле што ќе правите за празниците кои се ближат, „Трипадвајзер“ може многу да ви помогне. Станува збор за бесплатен сервис кој нуди голем број услуги со кои може да ги планирате вашите патувања.
Сајт со совети за патување
Преку овој сајт можете да пребарувате информации за летови до сите дестинации во светот, да ги проверувате цените и да правите резервации. Резервациите на летовите најчесто се вршат преку „Expedia“ , којашто е и сопственик на овој сервис. Исто така, можете да пребарувате хотели и хостели, како и да прочитате критики од претходни патници. Трипадвајзер нуди и совети за тоа што би можеле да правите во градот кој планирате да го посетите (на пр.: кои тури се нудат таму, кои позначајни места вреди да се посетат, во кои ресторани да јадете и сл.) . Сајтот препорачува топ дестинации во светот и топ работи кои може да ги правите додека сте таму.

Доколку сакате, можете да се регистрирате на сервисот и да креирате сопствен профил. Трипадвајзер препорачува да го направите тоа преку вашиот профил на Фејсбук, но не е задолжително. Интересна апликација која може да ја користите со регистрирањето, е мапата на патување на која можете да ги обележите сите градови кои ги имате посетено и потоа истата да ја споделите на Фејсбук.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски, италијански, јапонски...
Адреса: www.tripadvisor.com

24 ноември 2010

Време за радио

„Радиотајм“  е онлајн сервис кој ви нуди можност да пристапите до вашите омилени радио станици во светот, онлајн, преку вашиот компјутер или кој било друг поврзан уред.

Сајт за слушање радио станици од различни жанрови
Она што е интересно е дека сервисот, со кликнување на табот „Локал“, веднаш ги пронаоѓа локалните радио станици. Ви преостанува само да ја изберете станицата и да уживате. Не е потребна регистрација, ниту симнување на дополнителен софтвер. Регистрацијата пак, нуди дополнителни можности како: зачувување на омилените станици или ажурирање на локација.

Доколку сте заинтересирани за одреден жанр на музика, сервисот има оформено повеќе групи на радио станици од што можете веднаш да изберете некоја според вашиот вкус. Освен музика, сервисот нуди и станици на кои може да слушате дискусии на одредени теми како: бизнис, технологија... или пак спортски радија. Нуди и дополнителна можност за пребарување на сите радија според: локација, музика, дискусија или спорт.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, италијански,
француски, шпански...
Адреса: www.radiotime.com

22 ноември 2010

Блог за македонскиот јазик

„Лектор“ е македонски блог чија цел е да ги доближи правилата на македонскиот стандарден јазик до интернет читателите. На овој блог редовно се објавуваат обемни постови за јазичната писменост и правилната употреба на македонскиот правопис и граматика.

За разлика од текстовите во толковните речници и учебниците, постовите на лектор се пишуваат на многу поразбирливо ниво и се карактеризираат со модерни примери, блиски до нашето секојдневие. Покрај информациите кои се споделуваат преку самите постови, редовно се развиваат дискусии во коментарите под постовите во кои се разменуваат мислења и нови корисни податоци.
Блог за правилна граматичка и правописна употреба на македонскиот јазик
Голем дел од содржините на блогот се во вид на практични совети за правилната употреба на македонскиот јазик во електронската комуникација. Така, ќе најдете техники за пишување на добра семинарска работа и деловна е-пошта, а меѓу другото и написи за правилна употреба на интерпукциските знаци сместени на вашата тастатура.
Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен, функционален
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: lektormk.blogspot.com

16 ноември 2010

Македонски веб-сајт за вдомување миленици

Според безбројни истражувања, луѓето кои чуваат домашни миленици се посреќни, поуспешни и дури живеат подолго. За да станете и вие дел од ова група, треба да се упатите на сајтот на „Вдоми ме“ и да го одберете новиот член во вашето семејство.

Милениците кои се подаруваат, на сајтот се поставени во делот за водмување, со слика и со одредени нивни карактеристики. Откако некои од нив ќе бидат вдомени, тие се преместуваат во делот вдомени. Освен на овој начин, милениците се поделени и на кучиња/мачки, како и на изгубени/најдени. За да вдомите кое било милениче од сајтот, едноставно треба да го контактирате моменталниот сопственик, односно лицето кое ги поставило сликите.

Зад сајтот стои група на млади активисти кои се трудат да ги спасат животните скитници од улиците, како и оние кои се напуштени од своите сопственици. Сервисот може да го искористите и ако веќе чувате домашно милениче за кое не можете понатаму да се грижите. Со помош на сајтот може да се погрижите тоа да заврши во прави раце.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: vdomi.me