05 април 2006

Урсула К. Ле Гвин

[лекториран]

Урсула К. Ле Гвин (р. 1929) е една од најзначајните современи писателки на научна и епска фантастика, а како романсиерка и поетеса е едно од големите имиња на американската литература воопшто.

Визуелно, нејзиниот веб-сајт ја одразува атмосферата на нејзините дела, особено на серијалот „Земјоморје“ (Earthsea), кој во последно време е актуелен поради филмски адаптации како ТВ-серија и анимиран филм од познатото јапонско студио „Гибли“ на Хијао Мијазаки.

Во истиот дух, информациската архитектура ги следи принципите на ненападност и оставање можности за избор на посетителот, на пример преку нудење различни верзии на исти содржини - во форма погодна за печатење, со чист текст, или со линкови и со слики.
Веб-сајтот на Ле Гвин нуди биографски и библиографски информации, најави на јавни настапи, како и увид во процесот на пишување преку артефакти како скици, коментари, забелешки, мапи и слично, но и преку есеи на темата. Исто така, достапни се и делови од нејзиното творештво - извадоци од романи, раскази и песни.

Како и некои други познати автори, Ле Гвин има ставено ембарго на комуникација преку електронска пошта и експлицитно нагласува да не и се испраќаат ракописи на увид - оти „рецензирањето дела во развој е во надлежност на платени, обучени професионалци како консултанти за пишување и агенти-застапници на писатели“. Но, обожавателите што ќе и испратат пликови со соодветно количество поштенски марки од неа може да побараат автограм во форма на Ex Libris (лист или налепница што се вметнува во почетокот од книга).


ЗА ВЕБ САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ursulakleguin.com

04 април 2006

Репортери без граници

[лекториран]

Мисијата на меѓународната организација „Репортери без граници“ е одбрана на слободата на печатот, односно слободата на изразувањето во целиот свет. На нивниот веб-сајт тие ги евидентираат нападите врз слободата на печатот низ целиот свет, функционирајќи како „новинска агенција за слобода на печатот“.

Друга функција на веб-сајтот е спротивставување на цензурата, преку објавување написи чие објавување било забрането во нивните матични земји. Преку веб-сајтот се одвиваат и активности за обезбедување спонзорства и за организирање на Денот на слободата на печатот - 3 мај.

Покрај написите за настаните, има линкови што овозможуваат подобро запознавање со претходните настани во дадената земја, годишни извештаи и известувања за медиумите. Исто така, застапени се линкови до материјали од околината, на пример ако се работи за настан во Уганда, леснодостапни се и материјали за други делови од Африка.

Преку веб-сајтов се потпишуваат и петиции, во посебни рубрики се претставени новинарите што се водат како исчезнати (да не се заборават), како и властодршците што ја загрозуваат слободата на медиумите, наречени грабливци на слободата на печатот (predators of press freedom).

Една исклучително интересна содржина достапна на веб-сајтов во ПДФ-формат е целата книга „Прирачник на блогери и сајбер-дисиденти“ (Handbook for Bloggers and Cyber-Dissidents), која нуди и технички и политички знаења од оваа област.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: приспособлива
Пребарувач: има
Клучни зборови: само на насловни
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: француски, англиски, шпански
Адреса: www.rsf.org

03 април 2006

Станување човек

[лекториран]

„Станување човек“ е одличен пример за пренос на содржини од еден медиум во друг. На него со употреба на Флеш е адаптиран цел документарен филм за постанокот на човекот, во кој водител е познатиот палеонтолог Дон Џохансон. Притоа, не се работи за „просто“ ставање видеозаписи на веб, туку за целосна преработка со користење на предностите на новиот медиум.

Задржана е звучната подлога, која зафаќа помалку простор, додека видеоелементите се заменети со фотографии на кои се додадени анимирани ефекти што го создаваат впечатокот на движење. Користејќи ги можностите за интеракција, во текот на филмот дејството може да се паузира за да се добијат информации на ниво на енциклопедија за темата за која станува збор во моментот.

Од тие причини веб-сајтов е исклучително интересен не само за заинтересираните за палеонтологијата и за љубителите на аустралопитекусите и неандерталците (најпопуларните пралуѓе во Македонија), туку и за специјалистите за графички и веб-дизајн, анимација и интерактивни апликации, како и културна применета политика.

Убавината на дизајнот и богатството на знаења што го нуди веб-сајтов, чиј сеопфатен ефект е нарушен од аспект на употребливост, со користењето рамки и отворањето на повеќето странични линкови за вести и центарот за учење, во нови прозорци.
Авторите, кои го изработиле во 2001 година, препорачуваат користење широкопојасна врска за пристап, но употреблив е дури и на модемска врска од 56К.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: баталено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш/ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.becominghuman.org

01 април 2006

Агол – електронско списание за култура и уметност

[лекториран]

Електронското списание „Агол“ за свој издавач го има здружението „Неготински круг“, чија мисија е „промоција на принципите на децентрализација и демократизација во сферата на културата и културната политика, преку едукација, промоција и дистрибуција на културно-уметнички вредности“.

„Агол“ неодамна го објави своето шесто издание. Со редовниот месечен ритам и интересните теми (литература, музика, стрип и филм) постепено ја гради репутацијата на македонската интернет-сцена.

Освен за промовирање и подигање на нивото на општа култура кај публиката, ваквите иницијативи се важни и од аспект на задоволување на приоритетната потреба наведена во Националната стратегија за развој на информатичко општество - зголемување на количеството содржини на локални јазици.

Од аспект на употребливост, кај дизајнот на веб-сајтов би требало да се отфрли употребата на рамки, кои спречуваат директно линкување и цитирање конкретни содржини (на пример, од страна на блогерите). Линковите што се отвораат во нови прозорци би требало да се отвораат во истиот, а добро би дошол и лекторски ангажман. Дизајнот изгледа поинаку во „Интернет експлорер“ и во „Фајерфокс“, што исто така укажува на потреба за ревизија.

Меѓу другите оригинални е-списанија на македонскиот интернет, кои не се копија на печатено издание и обработуваат поширок круг на теми од областа на културата и уметноста, се влијателниот ветеран „Блесок“ основан во 1998 година, подзаспаната „Агора“ од 2002 година, како и „Плагијат“ од 2005.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: рамковен
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: agol.negotinskikrug.net

31 март 2006

Хумористот Том Велер

[лекториран]

Веб-сајтот на хумористот Том Велер е пример за тоа како со едноставен дизајн и добри содржини може да се постигне одличен ефект.

Веб-сајтот се состои од насловна страница и интернет-верзии на неговите две книги: „Миними“ (1982) со афоризми и карикатури, како и линк до содржината на „Глупава наука“ (1985), која на Интернет ја поставил некој негов обожавател.

Во своите книги, кои може да се сфатат и како пародија на „Кусата историја на времето“ на Стивен Хокинг или „Космос“ на Карл Саган, Велер го објаснува „животот, универзумот и се друго“ во стил со којшто Даглас Адамс ја има обработено научната фантастика, а Лери Гоник историјата. За „Глупавата наука“ Велер ја добил највисоката награда од жанрот научна фантастика „Хуго“.

На веб-сајтот има и неколку рецепти и откачени линкови, кои го дополнуваат хумористичниот впечаток.

Сите содржини се безбедни за гледање од работа, со исклучок на тоа што при првото вчитување во некои прелистувачи може да се чуе гласно квакање, оти во кодот е вметнат таков звучен запис - но со релативно застарен метод. Шатката, која е и симбол/лого на веб-сајтот, е вметната и како омилена икона (favicon).


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.tweller.com

29 март 2006

Фабрика 1019

[лекториран]

„Фабриката“ на калифорнискиот фотограф Џефри Скот го има насочено своето производство на комбинирање на реалноста, односно работа со живи фотомоделки, со фантазијата - пренесување во имагинарен свет преку употреба на декор и дополнително ретуширање.

Дизајнот на веб-сајтов има многу недостатоци, од употребата на рамки што го попречуваат пристапот од машини за пребарување, предолгите страници исполнети со неуедначен текст, отворањето на некои од надворешните линкови во нови прозорци, нападни рекламчиња за купување на сликите во галеријата… во основа, прекршување на некои од основните правила на употребливост.

Арно ама фотографиите се одлично изработени, а во голем број случаи може да послужат како коментар за современи општествени појави на глобално ниво, не само во земјата на нивниот настанок. Дополнително, според древното и непишано правило на веб-дизајнот, на уметничките веб-сајтови им се дозволува употреба на темна (црна) заднина.

Она што плени на веб-сајтов е хуманиот однос на фотографот кон моделките за кои тој пишува како за рамноправни соработнички при изработката на делата: „Луѓето се толку многустрани што ми дозволуваат да ја илустрирам нивната вистинска природа, а над се, да ги одведам на визуелно емотивни места за кои тие не знаеле дека постојат во нив. Кога го пронаоѓам тоа… тоа ја прави сликата. Мала мисла. Моментна емоција. Одредено чувство. Заробено, сè во една слика, засекогаш“.

Ова е потврдено и со тоа што Скот има ставено и линкови до веб-сајтовите на моделките, односно портфолија преку кои и други фотографи може да ги пронајдат и да им понудат ангажмани.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.factory1019.com

28 март 2006

„Најдобрите“ веб-сајтови

[лекториран]

Меѓу многуте веб-сајта што презентираат ранг-листи со други веб-сајтови, „Веб 100“ се истакнува со тоа што ако на Гугл се напише „ best sites“, линкот до него се појавува на првото место. Постигнувањето на оваа авторитетна позиција е резултат на примената на оптимизација за машини за пребарување и на угледот на двајцата автори со комбинирани работни искуства од информатика, новинарство и од претприемништво.

Овој водич нуди прегледен и концизен список на сто „најдобри“ веб-сајта, поделени по категории: десет најдобри, уметност и забава, бизнис и трговија, компјутери и Интернет, образование и референци, влада и политика, здравје и медицина, вести, спорт и рекреација, наука и технологија, како и „друго“. За секој од сајтовите има кратка описна рецензија и линк.

Основни недостатоци на вака направената топ-листа се неколкуте вида пристрасност. Таа е амероцентрична - речиси сите веб-сајтови се од САД. Едновремено, во погледот на јазик таа е англоцентрична - авторите се „слепи“ за веб-сајтови на други јазици, освен на англиски.
Да се тврди дека во светот нема добри веб-сајтови надвор од овие две множества би било премногу арогантно, но истата тема се провлекува и на другите слични листи на веб-сајтови, како што е „Најдобрите веб-сајтови на светот“, која функционира на сличен принцип.

Иако авторите на „Веб 100“ велат дека не примаат предлози за дополнување на листата, не би било лошо читателите да им укажат на „конфликтот на интереси“, кој ниту го споменуваат и за кој можеби не се ни свесни.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.web100.com

27 март 2006

„Девијантна“ уметност

[лекториран]

Веб-сајтот „Девиант арт“ претставува стожер на виртуелна заедница на луѓе што сакаат да се изразуваат и преку текстуални медиуми (колумни, коментари, форуми), но пред се визуелно, преку објавување дигитални фотографии, цртежи, слики и колажи.

Секој од членовите добива сопствен пот-сајт, идентификуван со терцијарен домен, направен од спојување на корисничкото име со .deviantart.com. Така на пример, се направени и адресите на веб-сајтовите на младите уметници од Македонија: royalgirl.deviantart.com, endeneu.deviantart.com, silik.deviantart.com, she0ne.deviantart.com, flavrsavr.deviantart.com, ivan-bliznak.deviantart.com и многу други…

За корисниците се собираат најразлични податоци што тие доброволно ги даваат, кои потоа се обработуваат и презентираат во вид на листи и статистики.

На насловната страница и официјалниот блог се презентираат и особено квалитетни дела, што е уште еден начин за јакнење на репутацијата на уметникот во рамките на заедницата. Можноста за поставување линкови кон надвор овозможува одложена комуникација и со други веб-сајтови и блогови.

Пренатрупаноста со содржини и нивното комбинирање на разни начини малку го отежнува снаоѓањето од почетокот, но откако ќе му се фати редот, Девиантарт може да стане постојан извор на интересни искуства.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.deviantart.com

25 март 2006

Чандра - рендгенска опсерваторија

[лекториран]

Чандра, рендгенската опсерваторија на НАСА, сместена на универзитетот „Харвард“, го добила името според покојниот индиско-американски нобеловец Субрамонјон Чандрасајкар (1910-1995).

„Чандра“ е всушност вселенско летало поставено на сателитска орбита околу Земјата, во кое е сместен телескоп со рендгенски зраци (Џ-раѕ). Благодарение на телескопот овозможено е попрецизно снимање далечни вселенски појави, како супернови, маглини, пулсари и слично.

Целиот веб-сајт е изведен во основен ХТМЛ-код, што го прави многу брз и компатибилен со сите системи. Покрај тоа, се нуди и верзија што е „само текст“, односно без графички или други дизајнерски елементи, која е уште побрза, а и згодна доколку се сурфува преку мобилни уреди или со ептен бавна врска.

Веб-сајтов претставува одличен образовен ресурс, и поради обемните информации што ги презентира (за самата опсерваторија, но и општо од астрономијата), но и поради едноставните интерактивни елементи како користењето обичен квиз како алатка за проверка на знаење - посетителите се канат да гласаат за некој од одговорите, а кога ќе го дадат гласот покрај тоа колку за што гласале, им се укажува и на точниот одговор.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: chandra.harvard.edu

24 март 2006

Блогот Фаједоглејк

[лекториран]

Колективниот блог „Фаједоглејк“ (буквално „оган-куче-езеро“) е едно од упориштата на американската левица. Негови членови се претежно писатели и други уметнички наклонети личности, кои ги искажуваат своите мислења и ставови за најразлични теми, а особено за политика и општество.

Меѓу нив е и Џејн Хашмер, која освен што е писателка е и продуцентка - нејзин најпознат филм е „Родени убијци“. Зборувајќи за културната енергија, таа ги споредува блоговите со панк-сцената од 1970-тите:
„Музичката индустрија во тоа време беше надуена, на крајот на силите и неповрзана со публиката. Директорите на издавачките куќи беа зафатени со купување часовници ‘ролекс’ за РЕО Спидвагон... Нив сосема ги ужасна кога слушнаа дека децата плаќаат по 3 долари за билет за добротворен концерт на ‘Клеш‘ во полза на марксистичката младина во 1978..., но дури и за децата беше очигледно каде е енергијата, во која насока се поместува духот на времето. Панкот стана светилник за креативните луѓе од сите видови, а и по толку години неговата сенка се уште е поголема од она што можеа да го предвидат трговците на корпорациската култура.

Мислевме дека панкот и енергетската контракултура, која тој ја произведуваше ќе траат вечно, но не беше така. Набргу беа готови. Уживајте во блоговите додека можете“.
Рангот на Гугл на блогот моментално е од 2 од 10, што е добар пример, кој го илустрира правилото на гуруто на употребливоста Јакоб Нилсен за потребата од регистрирање сопствени адреси што порано. Имено, блогов првобитно бил воден преку Блогер, користејќи ја адресата firedoglake.blogspot.com. Таму сега е сместена архива на текстови, која сè уште има ранг 6 од 10.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: вордпрес (ХТМЛ)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: англиски
Адреса: www.firedoglake.com