25 февруари 2005

Опус деи (оцрнети во „Кодот на Да Винчи")

[лекториран]

Опус деи (Божје дело) е католичка верска организација во која членуваат или со која се служат некои од негативците од романот „Кодот на Да Винчи" на Ден Браун. Мисијата на организацијата е помагање на луѓето да „го пронајдат Бог во работата и секојдневниот живот".

Основачот на Опус деи, Хоземарија Ескривиа (1902-1975), Католичката црква (www.vatican.va) го има прогласено за светец во 2002 година, со што тој има повисок ранг на пример од Мајка Тереза, која се уште не е светица, туку има титула на блажена. Генерализираните и не толку имплицитни обвинувања за нетолеранција, лихварство и волја за моќ по секоја цена изнесени во романот, повикувајќи се на сајтот на ОДАН (www.odan.org) имаат далеку пошироко влијание од расправа за литературни вкусови.

Токму поради тоа, една од најуочливите содржини на веб-сајтот на Опус деи е одговор на обвиненијата изнесени во „Кодот". Така, на пример, тие велат дека наспроти карикатуралната претстава на терминаторскиот Сила, во Опус деи нема калуѓери, дека католичката црква од која се дел не одобрува никакви криминални ниту неморални дела, дури ни во име на добри намери, дека описите на активностите и организацијата се извртени и неточни, особено во однос на дискриминација на жените или култистичкото однесување итн.

Ваквите ставови ги потврдува најочигледниот современ пример на глобално ниво: спротивставувањето на папата на почнување на војната против Ирак.

Веб-сајтот на Опус деи има верзии на повеќе јазици, кои се однесуваат на земјите и на народите кај кои католицизмот има поширока застапеност. При тоа е нарушена конзистентноста, бидејќи преводите не се комплетно пресликување на основните содржини, но од друга страна, тие претежно се однесуваат на локалните состојби, па се порелевантни за посетителите од таму.

Инаку, и другите институции споменати во „Кодот на Да Винчи", како парискиот музеј „Лувр" (www.louvre.fr) и Кралскиот колеџ од Лондон (www.kcl.ac.uk) имаат сајтови што вреди да се посетат.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски и други
Адреса: www.opusdei.org

Нема коментари: