29 јуни 2006

Јотофото

[лекториран]

Јотофото е пребарувач за фотографии што бесплатно може да се користат. Се работи за снимки лиценцирани под некоја од таканаречените „копилефт“-лиценци, како Криејтив комонс или ГНУ ФДЛ, што ги прави особено погодни за употреба на блогови или други видови веб-сајтови.

Особено е полезен за графички дизајнери, веб-дизајнери, наставници и студенти. Меѓу другите, го препорачува и еден од највлијателните македонски блогери, Гудбајтс.

Јотофото ги има сите функционалности потребни за пребарување, приказ и преземање фотографии, особено можностите за пребарување според тип на лиценца и големина, како и логички операции со клучните зборови.

Дополнителна функционалност на сајтов му ги овозможува користењето нови технологии, како блог за бележење на техничките надградби, и правењето додавка (екстензија) за разгледувачот Фајерфокс со која се овозможува подиректно пребарување на нивната архива.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: yotophoto.com

15 јуни 2006

Отворена употребливост за подобар слободен софтвер

[лекториран]

„Отворена употребливост“ овозможува поврзување на програмерите што развиваат софтвер со отворен код и експертите за употребливост. Со тоа, обете гранки на софтверската индустрија имаат можност да си помогнат меѓусебе.

Веб-сајтот служи како платформа за заедничко работење, преку која може од една страна да се пријавуваат проекти чиј софтвер е со отворен код, а од друга страна да се пријавуваат стручњаци за употребливост што би сакале да придонесат со своите експертски мислења и примена на стандардите, како ИСО 13407. Целокупната активност е стриктно на доброволна база, за доброто на заедницата.

И во светски рамки, оние што развиваат софтвер најчесто не се свесни за значењето на употребливоста, сметајќи ја како „уште еден фичр“ што може да се додаде на проектот. Правилната перцепција е дека употребливоста мора да стане интегрален дел од развојот на софтверот, преку вклучување соодветни стручни лица во тимот на долгорочна база.

Во рамките на проектот се влезени 136 проекти, меѓу кои и значајни претставници на слободниот софтвер, како графичката околина КДЕ и програмата за обработка на слики ГИМП.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.openusability.org

31 мај 2006

ЕСА - Европска вселенска агенција

[лекториран]

И во овој број „Време“ продолжува со акцијата за објавување на рецензиите на студентите на Институтот за информатика од Скопје.

ЕСА - европскиот пандан на НАСА поседува убаво уреден официјален веб-сајт пребогат со текстуални и со мултимедијални информации за постојните и за идните програми. Специјалниот мултимедијален дел е и најпосетениот дел од сајтот.

Дури и покрај огромниот број страници, навигацијата е релативно лесна и непроблематична. Сепак, на моменти останува впечатокот дека можете лесно да залутате доколку не знаете што точно барате.

Големиот број слики, звуци и снимки од вселената го прават прелистувањето низ страниците вистинско уживање.

Сајтот постојано се дополнува со најнови научни и технолошки новости поврзани со астрономијата. Содржи и голем број научни статии од светски истакнати автори. За најмладите има посебно уреден дел од сајтот преку кој на шарен и сликовит начин им се приближуваат одредени тематики од вселената.

Со други зборови, сајтот на ЕСА претставува огромна база информации и знаење, рај за секој љубител на оваа научна област, но и за обичните корисници, кои сакаат само да уживаат во убавите содржини.

Како единствена негативност може да се истакне малата пренатрупаност бидејќи целата содржина може да се подели на неколку различни сајта. Сепак, тоа е само мал минус во однос на сите плусови на овој сајт.

Рецензент:
Игор Стојановски
, Институт за информатика


ЗА ВЕБ - САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
РСС/Атом: нема
Гугл ранг: 8/10
Јазик: сите јазици на земјите од ЕУ
Адреса: www.esa.int

30 мај 2006

Музејот „Лувр“ во Париз

[лекториран]

Во овој број и во наредните седум објавуваме рецензии од студентите на Институтот за информатика од Скопје, напишани како семинарски трудови по предметот Интернет, во рамките на заеднички проект на ИИ, „Време“ и на фондацијата „Метаморфозис“.

Музејот „Лувр“ има прекрасен сајт од кој ќе бидат задоволни сите посетители, а особено љубителите на уметноста. Самиот музеј е нешто што не смее да се пропушти при посета во Париз, но и посетата на сајтов дава можност да се добие вистинска слика за тоа што претставува тој.

Според информации достапни на сајтот, во периодот од 2002 до 2004 г. тој имал приближно 6 милиони посетители - речиси исто колку што имал и самиот музеј, а посетителите се грубо поделени во четири категории: луѓе што планираат да го посетат музејот па бараат конкретни информации, потоа луѓе што се интересираат за колекциите во музејот, а не планираат да го посетат, луѓе што ги интересира уметност и случајни посетители.

Сајтот има способност да го задржи вниманието, навигацијата е прегледна, но обемна, решена преку паѓачки и странични менија, кои опфаќаат општ опис, историја и опис на колекциите, фино поделени по групи со кратки описи преку кои може да се стигне до подетални информации. Следуваат описи на тековните, минатите и на идните изложби, како и другите настани во музејот.

Исто така, се нуди добра визуелна претстава преку панорами, виртуелни прошетки и голем број слики низ сајтот.

Ако сте можеби иден посетител на „Лувр“ можете да најдете информации за работното време, мапи на музејот, распоред, препораки за тоа што би требало да се види и можност за купување билети преку Интернет. Исто така, преку сајтот имате можност за купување сувенири, книги, цедиња...

Рецензент:
Моника Митревска, Институт за информатика


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: многу често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: јсп (Java server pages - динамички)
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: француски и англиски
Адреса: www.louvre.fr

29 мај 2006

Таратур, уште еден македонски „забавен портал“

[лекториран]

Има ли смисла на пазар што е веќе заситен со понудата од еден доминантен ентитет (Он.нет) и негови имитатори, да се додава уште еден играч од ист тип, само затоа што доминантниот фактор е пример за успех? Од тој аспект, авторите на ‘порталот со забавни содржини наменети за разведрување и подобрување на расположението‘ Таратур заслужуваат пофалба поради нивото на нивниот оптимизам.

Како и другите слични проекти, кај содржините се главно вести за бизарни настани без линк до изворот на информацијата, како и видеоклипови и фотографии со слична тематика. Маркетиншкиот елемент што го брендира сајтов се алузиите на елементи од локалната култура, од името до отворање рубрика за историја наменета за ‘борба со странските пропаганди‘.

Од аспект на употребливост, добро е што до секој линк за видеоклипче стои неговата големина и претставувањето на членовите на тимот преку фотографии. Она што може да се поправи е нападноста на банерите за реклами и тоа што линкот на форумот се отвора во скокачки прозорец што освен што непотребно троши ресурси, отвора и можност за компромитирање на безбедноста кај понеискусните сурфери, кои може [несакајќи] да ја исклучат заштитата на општо ниво.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Јазици: македонски
Адреса: http://www.taratur.com

Дополнение: Реакција на рецензијава од Таратур.

26 мај 2006

Археолошки дневник

[лекториран]

Археолошкиот дневник за кратко време се избори за место меѓу водечките македонски блогови, преку презентирање информации за областа што, наспроти тоа што е од огромно значење за една култура, во македонската и општа и академска јавност со децении тоне во занемареност.

Изобилството вести од земјата и од светот, но и аналитички написи, дополнети со објаснување поими, го прават овој веб-сајт интересен за поширока публика. Ведрата и шармантна „газдарица на блогот“ го дополнува добриот впечаток со елоквентност и со јасен стил на пишување, непренатрупан со стручни термини, без мистифицирање, како и со критичката настроеност кон темите што ги обработува.

Видливо позитивно влијание има и зголемувањето на употребливоста преку оптимизирање елементи на дизајнот и примена на позитивни искуства во практиката на работење.

Овој блог неодамна беше посочен и поради наглиот пораст на линкови кон него, измерен со алатката Технорати мак топ. Иако ова сè уште се нема одразено на рангот на Гугл, многу е веројатно дека ефектот во таа насока ќе се појави во почетокот на јуни.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП (друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазици: македонски
Адреса: arheo.blog.com.mk

16 мај 2006

Ала Сеиф ал-Ислам, Египќанец што блогира од затвор

[лекториран]

Манал и Ала се египетски блогери, кои истовремено нудат информатички услуги како хостирање и одржување на веб-сајтови. На 7 мај, Ала бил уапсен поради протестирање на темата слобода на говорот и независно судство во неговата земја, во рамките на чистка во која биле собрани и десетици други активисти.

Иако затворен, Ала има испратено неколку текста што се појавиле на неговиот блог, на кој тој веќе подолго време користи хумор за да ги критикува ограничувањата на слободата на изразување и забраните на политичко блогирање.

Во знак на солидарност, отворен е блог за петиција за ослободување на Ала (freealaa.blogspot.com), проследен со акција за „бомбардирање на Гугл“. Бомбардирањето се состои во тоа што се бара од корисниците на Интернет низ светот да постават линкови до блогот, при што текстот на линкот треба да биде англискиот збор за Египет (Egypt). Целта е кога некој ќе бара информации за Египет на Гугл, линкот со информацијата за Ала да се појави што повисоко на списокот на резултати. Ова е директна примена на сознанијата од областа на развој на веб-решенија наречена оптимизација за пребарувачи (search engine optimization).

Блогот на Манал и Ала се базира на платформата Друпал, која се користи и во Македонија како подлога за сервисот Блогерај.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП (Друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: англиски и арапски
Адреса: www.manalaa.net

09 мај 2006

МаФест - Макарски фестивал на стрипот

[лекториран]

Макарска е област во Далмација позната по туристичката понуда, а Макарскиот фестивал на стрипот е настан што првпат се одржува годинава, од 19 до 21 мај. Иако е прв, Фестивалот не е „од вчера“, туку доаѓа како продолжение на долга низа понеформални собирања на стрип-ентузијасти, почнати од 2002.

Опитните Хрвати не пропуштаат во се што прават да вметнат и евроинтеграциска компонента, па на Фестивалот специјален гостин ќе биде еден од најголемите живи стрип-цртачи, Белгиецот Херман Хупен. Херман е автор на легендарните серијали „Бернар Принс“, „Команча“, „Џеремаја“, „Боа Мори“… и еден од носителите на француско-белгиската школа на стрипот.

Организатор на фестивалот е НВО „Мозаик на стрипот“, а тој се одвива со поддршка на локалната самоуправа на Макарска и на низа локални фирми.

Дизајнот на веб-сајтот е компактен, без непотребни елементи што би го оптоварувале вчитувањето или би го одвлекувале вниманието од содржините, визуелно заморувајќи ги посетителите. Целта на дизајнерот била да ја заврши работата на најефикасен начин, а не да се размавтува со анимации и слични несуштински тракатанци, кои се карактеристични за македонските сајтови од ваков тип.

Информациската архитектура е јасно поставена, овозможувајќи им лесно снаоѓање на посетителите и брзо пронаоѓање на информациите што ги интересираат. Покрај самиот фестивал, се промовира и Макарска, а и Хрватска, што е додадена вредност за сите партнери во проектот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: наменски
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: хрватски
Адреса: www.mastripfest.com

05 мај 2006

Луди клонови

[лекториран]

Блогот „Луди клонови“ му е посветен на фотографското клонирање, односно, правење фотографии на кои еден лик се појавува повеќе пати.

Додека во минатото за вакво нешто беше потребно да се има расипан механизам на фотоапаратот што не го преклопува филмот како што треба, во денешно време доволна е употреба на програма за обработка на фотографии. На сајтот дури има и упатство за клонирање во Фотошоп.

Фотографиите се поделени по категории: луѓе, домашни галеничиња и се друго. Повеќето се со висок квалитет, а се прават така што делови од повеќе слики снимени од едно исто место се комбинираат во една. За некои од фотографиите, кои не се направени со стандардна постапка, авторите даваат објасненија на марифетите и методите со кои го постигнале клонирањето.

Освен што е забавно да се прават и споделуваат, веб-сајтов имал објавено и конкурс за најуспешно клонирање, со награди од по 50 долари за одбраните фотографии. Ова е одлична шанса за промовирање на македонските уметници од оваа сфера, оти се бараат фотоси од целиот свет - колку поразновидни, толку подобро.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: текстуален
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: crazyclones.com

04 мај 2006

Диг

[лекториран]

Диг (анг. откопување, откривање, сфаќање) е веб-сајт за технолошки вести, кој комбинира неколку модерни технологии (социјално букмаркирање, блогирање, РСС) со нехиерархиска уредничка контрола. Корисниците сами ги објавуваат и самите одлучуваат за тоа кои стории ќе бидат промовирани.

По внесувањето дадена сторија (линк), корисниците може да и доделат гласови („дигови“) и, ако собере доволно, таа се појавува на насловната страница, овозможувајќи посетеност и популарност за содржината. Преку делот „Диг спај“ може да се „шпионира“ каква е тековната состојба во врска со статусот на сториите, вкусно дополнето со соодветни дизајнерски решенија, како промена на бојата и транспарентноста на приказот.

Овозможено е и директно вклучување на сториите во блогови поставени на главните светски сервиси, меѓу кои и Блогер. Освен тоа, корисниците може да ги додадат линковите од Диг на своите веб-сајтови, со целосна контрола врз видот: од насловна, само оние за кои гласале или оние за кои гласале некои други одбрани корисници на системот.

Овој веб-сајт може да им биде од голема полза на сите оние што би сакале да промовираат информации за напредокот на технологијата во Македонија, а со тоа и да го издигнат угледот на земјата кај оние што го водат развојот на светско ниво.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.digg.com