Се прикажуваат објави со етикета спорт. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета спорт. Прикажи ги сите објави

28 мај 2009

Македонски портал за мажи

Ако тргнеме од претпоставката дека интересите и вкусовите се разликуваат кај различните полови, тогаш оправдано е да постојат и веб-сајтови кои се наменети за едниот и за другиот вид публика. Сајтови за понежниот пол биле рецензирани во рамките на оваа рубрика, а на машката македонска публика денес и го претставуваме men.mk - едноставно, веб-сајт за мажи.

Сајтот изгледа прилично задоволително на прв поглед, дизајнот е пристоен, содржините се уредно и логично поставени, а навигацијата - едноставна, по малку и специфична. Главното мени во горниот дел од сајтот се состои само од линковите: насловна, галерија, контакт и РСС, што е многу некарактеристично за македонските сајтови, за кои претежно се практикува необична комбинација од линкови во главното мени или негова пренатрупаност. Ваквата поставеност на men.mk е во склад со она што следува подолу, а тоа се содржините претставени со наслов, сликичка и краток вовед, што значи дека посетителите избираат што ќе читаат врз основа на она што ќе им го привлече вниманието, а не врз основа на некаква поделеност, односно категоризација. Пристапувањето според категорија сепак може да се постигне преку групацијата од линкови поставени во долниот дел од веб-сајтот, под содржините. Страничната лента започнува со презентација на спортски вести, а продолжува со содржини на тема здравје и нега, слајд шоу галерија со убави жени, коментари и најпопуларни написи.

Вака среден, веб-сајтот е примамлив за користење. Содржински, помеѓу останатите, покриени се темите: мултимедија, лајфстајл, технологија, хоби, колумни итн. Секој напис е проследен со датум на објавување, но никаде нема информација за авторите на содржините, креаторите на веб-сајтот, ниту пак извор на презентираното. Како и да е, според архивата до која може да се пристапи, веројатно се работи за веб-сајт регистриран овој месец, па како за почеток ветува доволно, а за понатаму, им посакуваме успех на сите кои стојат зад неговото одржување.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има (еден)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.men.mk

08 мај 2009

Гевгелија на полноќ

Нешто повеќе од едноставно претставување на гардот Гевгелија претставува сајтот ГВГ Миднајт. Според анкетата која е во моментов актуелна на сајтот, може да се забележи дека најчесто е посетуван од публика на возраст 14-21.

Сајтот изобилува со разновидност од содржини и тоа токму онакви какви што младите најчесто сакаат да следат: забавни, спортски и филмски вести, потоа вести од областа на автомобилизмот, технологијата, музиката итн. Како посебна категорија, издвоена од останатите новости во менито, е онаа која ги вклучува новостите поврзани со случувањата во градот.

Овој веб-сајт секако го следи и ноќниот живот во Гевгелија, што е поткрепено со соодветна фотогалерија. Како и повеќето забавно-информативни сајтови, и овој нуди можност за играње онлајн игри, гледање интересни видеа и читање неделен хороскоп.

На сајтот му недостасува подобра и посеопфатна категоризација, освежување со нови содржини кое би се следело според датумот на објавување и поправање на некои визуелно-технички недостатоци. Добро е што посетителите имаат можност да видат точно кој стои зад содржините на сајтот, иако секој текст не е посебно потпишан. Една голема забелешка мора да се даде на позицијата на линкот барај, која се наоѓа сосема незабележително на дното на страницата, така што новите посетители би добиле впечаток дека пребарувач воопшто и не постои.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.gvgmidnight.com.mk