18 февруари 2010

Создадете свое креативно видео брзо и лесно

“Мешер“ е одличен сервис во кој се искомбинирани алатки кои овозможуваат создавање видео во кое ќе бидат измешани песни, слики и видео материјали во една целина. Со ваквиот производ вие ќе можете да се пофалите како сте си го поминале летниот одмор, да честитате роденден, да изненадите некоја ваша драга личност или пак едноставно да ја покажете вашата креативност.

За да ги користите услугите на овој веб портал, потребно е да се бесплатно регистрирате преку стандардната постапка, оставајќи ги вашите лични податоци. За да можете да ги вметнете посакуваните елементи и ефекти на видеото, студиото работи на принцип "повлечи и додај", а алатките кои се понудени за обработка на вашиот проект се многу лесни за употреба. Самиот сајт располага со огромна база од илјадници видеа со високо квалитетна слика и музички спотови од разни жанрови. Сликите и видеата можат да бидат прикачени и од компјутерот на корисникот. Изработеното видео, многу лесно, потоа може да биде споделено на Фејсбук, Мајспејс, да се испрати преку имејл или пак директно да се вметне на некој сајт или блог.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.masher.com

17 февруари 2010

Онлајн честитки за секоја пригода

Овој сајт нуди одлична можност, на креативен и интересен начин, да честитате некому нешто или едноставно да испратите поздрав до некоја ваша драга личност. Сервисот има база од илјадници честитки за каква било пригода и настан (родендени, свадби, годишнини, честитки за нова година, за денот на вљубените, за први април...).За користење на услугите на овој веб-сајт не е потребна никаква регистрација, а за испраќање на онлајн честитките нема да потрошите ниту денар. Постапката е брза, лесна. Честитките се поделени во категории во однос на поводот за кој се наменети и преку нивно одбирање, сајтот ви ги понудува оние кои се наоѓаат во нив. Откако ќе ја одберете честитката која ви се допаѓа, постапката за испраќање е многу едноставна. Го впишувате вашето име и вашата имејл адреса и името и адресата до која што треба да стигне честитката, соодветно на празните полиња. За да биде постигнат ефектот на честитката, одбирате една мелодија од понудените и, доколку сакате, можете да оставите и некоја порака.

Мала мана на овој сервис е тоа што честитките не пристигнуваат веднаш и ќе треба да почекате неколку часа. По пристигнувањето на честитката на адресата на која е испратена, добивате известување за тоа дека честитката успешно пристигнала и уште едно соопштение кога лицето кон кое сте ја испратиле честитката, ја отворило. Честитките исто така можете да ги прикачите на вашиот блог или веб-сајт преку копирање на ХТМЛ кодот или нејзиниот линк.


Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.123greetings.com

16 февруари 2010

Згответе нешто вкусно со продуктите кои ги имате дома

“Суперкук“ претставува веб-локација која може да биде многу корисен во секое домаќинство. Неговата намена е да ви помогне да зготвите вкусно јадење, а притоа да ги употребите само продуктите кои ги имате дома или пак само оние кои вие ги сакате. Сајтот е направен во 2008 година и постигнува одлични резултати, често наоѓајќи се помеѓу најдобрите 50 веб-локации.Сајтот располага со огромна база на рецепти за приготвување на јадења за каква било прилика. Во полето “додади“ ги впишувате состојките кои сакате да ги искористите и тие директно се префрлаат во рубриката “Моја кујна“. Потоа на листата ќе ви бидат прикажани сите рецепти кои можете да ги направите со нив. Доколку додадете или пак да отстраните некоја состојка, листата со рецепти автоматски се обновува и ги прикажува само рецептите кои остануваат после промената. Доколку од набројаните продукти сакате да потенцирате некоја состојка како главна, селектирајте ја во вашиот список и рецептите во кои доминира ќе се подредат како први. Сајтот исто така ги прикажува и рецептите во кои се содржани вашите избрани состојки, но и оние за кои ви се потребни и други состојки кои ги немате наведено. Откако ќе одберете едно од понудените јадења во листата, сајтот ќе ве префрли на страницата на која се наоѓа рецептот и ќе ви ја прикаже постапката за негово приготвување.

За користење на овој интересен сервис нема потреба од регистрирање, но доколку сакате истото можете да го направите бесплатно. Креирањето на ваш личен профил може да ви биде од корист доколку сакате да си ги зачувате омилените рецепти или пак да ги отпечатите состојките кои ви недостасуваат за подготовка на саканите јадења, во вид на шопинг листа која сајтот сам ќе ви ја генерира.


Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен, прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.supercook.com

15 февруари 2010

Дигитално пишување без одвлекување на вниманието

„Дарк копи“ е едноставна онлајн алатка за пишување чија цел е да овозможи куцање на текст без одвлекување на вниманието со дополнителни елементи на екранот.

Почетната страница е веднаш подготвена за користење без потреба од регистрација и најавување. Веднаш може да се пишува во предвидениот квадрат или со клик да се премине на користење на алатката на цел екран. За оваа цел, се отвора нов прозорец од прелистувачот.

Концептот е едноставен и се базира на идејата на „Рајт рум“ – кој е уште еден ваков софтвер од комерцијална природа. За разлика од него, дарк копи е бесплатен за неограничено користење. За проверка на правописот се користи вградената алатка во прелистувачот, додека документите на крајот се зачувуваат во „.txt“ формат.

Црната заднина и зелените букви кои трепкаат ќе ви овозможат ослободување на умот и целосно посветување на пишувањето, без никакви пречки во работата.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: darkcopy.com

11 февруари 2010

Каде ќе купувате за денот на вљубените?

Дали веќе размислувате каде ќе купувате овој Свети Валентин? Сакате да изберете нешто квалитетно а брзо, без да ви одземе многу време? Или можеби се наоѓате далеку од своите најмили, а би сакале да им ја изразите вашата љубов и грижа со романтичен букет? Еве едно предлог решение за вас.

“Флауершоп” е првата македонска интернет цвеќарница каде можете да купувате различно аранжирани букети и некои други помали подароци за секакви пригоди: од родендени, свадби, крштевки и други свечени погодности, до изразување сочувства, благодарност, па дури и деловни подароци. Основан уште во 2004 година, кога онлајн купувањето во Македонија воопшто и не беше возможно, Флауершоп првично беше наменет за странски купувачи кои сакаат да останат во контакт и да им испраќаат подароци на своите најблиски во Македонија. Денес, со се поголемата пракса на онлајн купување и кај нас, услугите на оваа интернет цвеќарница се лесно достапни и за сите граѓани во Македонија.

Подароците можете да ги купувате според пригода или според цена, при што самото купување се врши многу брзо и едноставно. Без потреба од претходно регистрирање, многу лесно, откако ќе го изберете подарокот само означувате “додај во кошничка” и продолжувате кон безбедносната веб-страница за плаќање. Овде ги внесувате вашите лични и финансиски податоци за извршување на трансакцијата. Плаќањето се врши исклучиво преку интернет и тоа во моментот на правењето на нарачката. Доколку поседувате Пејпал сметка, плаќањето можете да го извршите со неа, во спротивно ги внесувате деталите на вашата кредитна/дебитна картичка.

Вашиот подарок може да биде испорачан на која било валидна адреса во Македонија при што не треба да доплатите ништо за вршење на испораката. Единствено што би можело да се забележи е дека цветните аранжмани презентирани на сајтот се прават од сезонски цвеќиња, така што во случај истите да се недостапни, се врши замена со друга боја или слични цвеќиња. Како и да е, свежината и квалитетот на букетот се очекува да останат исти.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен, соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски, англиски
Политика за приватност: има
Адреса: flowershop.com.mk

09 февруари 2010

Интересен сервис со можност за заработка преку споделување видеа

“БлипТВ“ претставува платформа за креаторите на веб шоуа, кој нуди беплатен хостинг, дистрибуција до други мрежи, необврзна можност за маркетинг со добивање удел од приходите од рекламите и управување со видеата согласно потребите на корисникот. Создаден е во 2005 година, а денеска тој има 22 милиони гледачи кои имаат можност да гледаат преку 2.4 милиони епизоди (видеа).
За да можете да станете корисник на овој сервис потребно е да направите свој профил, преку кој ќе можете да прикачувате свои видеа. Бесплатниот профил овозможува прикачување на видеа со максимално времетраење од 2 часа и помала брзина за прикачување. Така што, за видео со времетраење од 10 минути ќе треба да почекате околу половина час. Доколку сакате да имате претплатнички, односно професионален профил, кој ќе ве чини 8 американски долари месечно или 96 американски долари годишно со што би добиле и 2 дополнителни месеци бесплатно, видеата кој ќе ги прикачувате ќе можат да бидат со времетрање до 6 часа и брзината за прикачување ќе се зголеми во зависност од интернетот кој го користите. И двата профила овозможуваат можност за заработка преку додавање на реклама, која би се појавувала пред почетокот на видеото и заработената сума би се делела 50:50 помеѓу создавачот на содржината и “БлипТВ“.

Сервисот исто така овозможува симнување на скоро сите поставени видеа на сајтот бесплатно, вклучувајќи ги и оние кои ги има транскодирано во флеш. Видеата кои ги имате поставено на сервисот исто така можат и директно да бидат дистрибуирани на многу други сервиси како што се Јутјуб, Фејсбук, Ајтјунс, Вимео, МСН видеа и на многу други сервиси и мрежи.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.blip.tv

25 јануари 2010

„Животот е мојот филм“

Неодамна, на Јутјуб, македонската онлајн публика имаше можност да погледне неколку кратки филмови во насока на превенција од употреба на разни дроги. Можеби веќе сте наишле на некое од овие филмчиња и вашата љубопитност завршила тука. Но, ако сакате да ги најдете сите филмови на купче или пак дополнително да се информирате на ова тема, „Животот е мојот филм“ е локацијата што ви треба.

Се работи за веб-сајт зад кој стои Владата на Република Македонија и претставува обид за подигнување на свеста кај младите за штетните влијанија од консумирањето на дрога. Филмовите се кратки, по неколку минути, но квалитетно изработени и базирани на типични приказни. Ефектите, глумата, камерата и воопшто целосната изведбата на видеата се за пофалба.

Сајтот има и друга намена - да служи за информирање за прашања поврзани со оваа проблематика. За таа цел, постои секцијата прашања и одговори. Овде можете да прочитате одговори на прашања кои порано ги поставиле посетителите на сајтот, како и вие да поставите свое. Богат со текстуални содржини е и делот Од ”А” до ”Ш” за дрогите, а за оние кои сакаат да придонесат во креирање на некаква транспарентна слика за консумирањето на видовите дроги во Македонија, можат да изберат која од наведените наркотични средства во анкетата ја имаат пробано.

Недостаток на сајтот е што нема нови содржини, барем во секцијата новости и што нема пребарувач за полесно доаѓање до саканите информации. Логото на веб-сајтот е доминантно и делува дека треба да го кликнете за да ве насочи кон почетната страница, што не се случува, бидејќи линкот кон „дома“ е поместен во десниот горен дел од страницата. Од сајтот може да се избере приказ на албански јазик, каков во моментов воопшто не постои.

Се надеваме дека проектот ќе се развива со побрзо темпо во иднина и дека ќе го има посакуваното влијание врз оние на кои најмногу им е наменет.

Дополнување: сега за сега нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен, соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.zivototemojotfilm.com.mk



Во моментот на пишување на оваа рецензија, албанската верзија на сајтот не беше активна. Промената се случи по објавувањето на рецензијата во дневниот весник „Време“ на 30.01.2010.

20 јануари 2010

Лесен начин за комуницирање онлајн

„Тајничет“ претставува одлична платформа за аудио и видео комуницирање без потреба од плаќање и без никакви ограничувања. За употреба на овој сајт се што треба е да направите ваш личен кориснички профил, или пак доколку имате Твитер или Фејсубук профил, можете да ги искористите истото корисничкото и истата лозинка за да се најавите и за да го употребувате сервисот.

Комуницирањето се одвива преку пристапување во одредена соба за муабетење, која може да ја создаде секој корисник и истата има капацитет до 400 корисници, но со само 12 видео сигнали одеднаш. Собите за муабетење се распоредени во категории (технологија, вести, спорт, музика, комедии, игри...) во зависност од тоа каква е замислата на креаторот, што да се разговара во истата. Овој сервис може да се користи и за деловни состаноци, затворен круг на луѓе, конверзација еден на еден итн. во зависност од желбите на комуникаторите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, интересен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.tinychat.com

16 јануари 2010

Македонски сервис за микроблогирање

„Микроблогер“ е, едноставно кажано, македонски „Твитер“. Се базира на истиот концепт, со некои дополнителни можности и секако, интерфејс на македонски јазик.

За да се почне да се користи, заинтересираните посетители на сајтот, треба да испратат барање за имејл, после што во своето сандаче ќе добијат известување со линк кој ќе ги проследи до кратката форма за регистрација. По ова, регистрираните корисници можат да пристапат до разни опции кои овозможуваат додавање на корисници во листата на следени, дополнувања во профилот, додавање на слика итн., како и поставување на текстуални пораки, линкови до видеа, слики, други страници или закачување на фајлови од компјутер.

Една од позначајните разлики во однос на Твитер е можноста за коментирање на твитовите, приклучување во групи, како и во должината на текстуалните пораки кои за 20 знаци можат да бидат подолги од оние на популарниот сервис.

На сајтот му недостасува листа на често поставувани прашања или помош, за да биде јасно секој дел и секоја опција на што се однесува. Исто така, не може да ги оправдаме печатните грешки кои се среќаваат низ имињата на менијата и опциите. Со оглед на тоа дека е нов сајт, може да очекуваме дека грешките ќе бидат поправени и функционалноста подобрена. Во секој случај, достапноста на македонски сервис за микроблогирање може да привлече повеќе корисници од Македонија, одошто привлекува, во светски рамки користениот, твитер.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: микроблогерски
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: mikrobloger.com

14 јануари 2010

За љубителите на фотографијата

„Фотограф“ е онлајн магазин за љубителите на добрата фотографија и фотографирањето како процес и како уметност. Според досега достапните содржини може да се заклучи дека се работи за нов веб-сајт во развој, кој ветува и како концепт и како содржина.

Концептот на сајтот е специфичен бидејќи, за разлика од повеќето сајтови од овој тип кои се наменети за напредна група на фотографи, овој им овозможува и на тоталните почетници да научат некои основни техники на фотографирањето. Покрај техниките за почетниците и за напредните корисници, на сајтот можат да се прочитаат упатства за правење на фотографска опрема во домашни услови, тестови за апарати и интервјуа со познати и креативни фотографи, како и да се гледаат галерии заради инспирација и мотивација.

Фотограф можете да го посетувате редовно или повремено во интервали кои ви одговараат, но за посистематизирано добивање на најинтересните и најпопуларните статии во вид на неделник, можете да се регистрирате преку имејл. Корисни информации можат да се најдат и на форумот, по огласите и во секцијата за натпреварите кои се моментално актуелни кај нас и во светот.

Зад проектот стојат неколку онлајн ентузијасти од Македонија чија цел е да постигнат, пред сè, квалитет во содржините, но и квантитет, како и презентација и ширење на фотографијата на македонското поднебје. Тие работат волонтерски што му додава дополнителна вредност на производот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пристоен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: fotograf.mk