30 јули 2008

Нов пребарувач „Кул“

„Кул“ (Cuil, се чита Cool), е нов пребарувач кој ги пребарува и рангира страниците според нивната содржина и релевантност. Пребарувањето се врши на тој начин што откако ќе се пронајде клучниот збор по којшто сте пребарувале, се анализира и остатокот од содржината на страницата, нејзиниот концепт и врските кон страницата.

Кул користи многу различен пристап за прикажување на резултатите. Наместо да прикажува листа, тој ги прикажува резултатите во три колони (ова може да се промени и во две колони). Десниот агол на врвот од страницата е резервиран за слични пребарувања, поделени во категории, кои вообичаено прикажуваат пет или десет предлози, а потоа со приближување на курсорот врз предлогот се прикажуваат подетални информации. Овие категории се прикажуваат и во јазичиња.

Една од главните предности на Кул е тоа што нуди приватност. Додека се пребарува со Кул не се собираат и зачувуваат лични информации.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.cuil.com

25 јули 2008

Дигитален архив на македонскиот јазик

Дигиталниот архив на македонскиот јазик на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика на МАНУ е наменет за промоција на ретки книги и материјали поврзани со македонскиот јазик во дигитална форма.

Досега на веб-сајтот на дигиталниот архив на македонскиот јазик се објавени 13 дела, но со текот на времето тој ќе се надополнува со нови ракописи, материјали и ретки книги. „Со овој дигитален архив, можноста за продорот на македонскиот јазик, литература и култура во светот ќе биде зголемена, а материјалите ќе станат подостапни. Научниците, лингвистите, проучувачите на културата, историјата и традицијата на Македонија и на македонскиот јазик отсега ќе имаат пристап до ресурсите кои би им помогнале и би ги поттикнале тие проучувања, а со тоа би придонеле за поширока афирмација на македонскиот јазик во светски рамки.“

Дигиталниот архив на македонскиот јазик е бесплатен за користење, пребарување и преземање на материјалите. Објавен е под Криејтив комонс лиценцата наведи извор која сугерира наведување на изворот на преземените дела во случај на нивно објавување на други веб-локации, со што се овозможува и референцирање на податоците од самите дела кое е неопходно при научна комуникација.

Дополнување: во почетна фаза
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски и англиски
Адреса: damj.manu.edu.mk

Бидете фанки онлајн!

„Бифанки“ е исклучително интересен веб-сајт кој особено ќе ви се најде во моментите на здодевност - како кога седнувате пред компјутер по навика, го отворате прелистувачот и веќе не знаете што да правите. Ова е еден од оние сајтови кои ќе ви овозможи да си играте на уникатен начин, притоа ќе ви дозволи да отидете со креативноста до незнајни граници.

Обединува неколку можности на популарните програми за графичка и видео обработка, но специфично е што тие се сведуваат на опции за „картунизирање“ на вашите фотографии. Тоа значи дека откако ќе ја изберете саканата фотографија, ќе можете да направите таа да изгледа како да е извадена од некој цртан филм или можеби повеќе, како слика од стрип. Варијанти има повеќе, а колку веродостојно ќе делува производот, најмногу ќе зависи од вас.

Покрај стандардна обработка на вашите фотографии во вид на стрип, себеси ќе можете да се сместите во некоја средина или ситуација, како всушност добивате т.н. „јуаватар“. Сработеното можете да го споделите преку имејл, како обична обработена фотографија, или пак како електронска честитка со порака, можете да го поставите на некоја од вашите страници за социјално вмрежување, да го зачувате како слика на вашиот компјутер, да го материјализирате во печатена форма или само да го зачувате во вашата „бифанки“ галерија.

Најново на „бифанки“ е најавата на опцијата за изработка на видео од различни стрип слики со можност за додавање на аудио. Оваа опција ќе ви овозможи да се почувствувате како вистински видео артист и монтажер, а во меѓувреме додека „видео картунајзерот“ да стане достапен, испробајте ги опциите кои се сега на располагање. За да добиете идеја што се можете да постигнете со „бифанки“, разгледајте ги советите, придружени со видео.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.befunky.com

22 јули 2008

Она што ви е вам важно - секогаш на дофат

Ако сте од оние луѓе кои им се радуваат на малите симпатични и практични додатоци кои го дооспособуваат интернет прелистувачот Мозила фајрфокс и имате страст кон одредена работа, хоби или пак потреба од одреден тип на информации, тогаш веројатно треба да знаете за „алот“.

„Алот“ е сервис кој е уникатен по својата природа. Нуди можност за преземање на толку различни алатници (Тоолбарс) кои се вградуваат во прелистувачот, колку што постојат различни области што тимот досега ги има покриено. Па така, се занимавате со фотографија, сакате да испробувате нови рецепти во вашата кујна, често да менувате десктоп позадини, љубители сте на некој спорт, зависни сте од новите озборувања за светските ѕвезди или едноставно ви треба попрактичен начин за редовно известување за временската прогноза - пронајдете го вашиот соодветен алот алатник.

На почетната страница досега се понудени 24 типови на содржини за кои можете да си обезбедите посебен алатник, а уште 4 други се веќе во подготовка. Кликнете на саканиот за да видите што тој ќе вклучи во вид на копчиња и полиња за пребарување кои секако ќе ви станат на дофат, доколку го преземете и инсталирате. Алатниците се специјализирани за конкретно пребарување од областа која е во интерес на корисникот, а доколку тој не е задоволен од понуденото, возможна е негова едноставна деинсталација од системот.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.alot.com

21 јули 2008

Нов видео сервис за корисни содржини

„Уочдуит“ е нов сервис за споделување видео содржини кој оние кои го користат истовремено и го развиваат. Овозможува поставување на нови видеа од страна на регистрираните корисници, прегледување на истите од страна на сите останати, како и можност за нивно рангирање според популарноста која ја стекнале како резултат на гласовите на посетителите. Дополнително, како што секој слободен видео сервис овозможува, и овој ја поддржува опцијата за вградување на овде поставените видеа на страниците од други веб-сајтови и блогови.

На некој начин, сајтот нуди платформа за видеата на корисниците кои немаат истите каде да ги постават. Нуди можност за споделување на забавни, но и корисни видеа, особено на оние од типот „како да направиш нешто “. Веб-сајтот претставува комбинација од најдобрите „како да направиш нешто“ видеа и оригинална, од корисниците создадена содржина со што се креира една заедница и воедно средиште за корисниците кое може да им помогне да усовршат некоја вештина, да развијат некоја нов квалитет или пак едноставно да научат нешто ново на визуелен начин.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: англиски
Адреса: www.watchdoit.com

Известувања за работите за кои сакате да бидете во тек

Еден од модерните сервиси кои ќе ви помогне да дознавате новини за одредени работи кои лично вас ве интересираат, на дневна основа и тоа сосема бесплатно, е Алертс. Регистрирајќи се на овој веб-сајт, можете да изберете за што и на кој начин да бидете известувани. Сакате да го знаете распоредот на летови од одредена локација, цените на хотелите, дневниот хороскоп, цената на бензинот, резултатите од некои спортски напревари, или да добивате потсетници за родендените на вашите блиски, како и потсетници кои претходно самите сте ги создале, а се однесуваат на некоја конкретна обврска која треба да ја исполните и многу други, се дел од информациите кои можете да ги добиете. Начинот на кој можете да ги добивате овие информации исто така дозволува избор и тоа помеѓу имејл, смс, телефонски повик на фиксна линија и РСС, со напомена дека македонските оператори се уште не се поддржани. Ова малце може да делува разочарувачки, но сервисот и понатаму може да биде корисен. Ако ништо друго, препорачајте им го на вашите роднини и пријатели со привремен или постојан престој во странство. Може да биде одличен за времето во кое живееме и максимално да ги задоволува нашите потреби од информации за кои најчесто немаме време.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: ww.alerts.com

17 јули 2008

Направете линк од било кој текст

„Тајнипејст“ е веројатно најпростиот, најчистиот, најненатрупаниот и најпразниот, а сепак функционален веб-сајт кој би можеле да го посетите. Неговата намена е да создава линкови од текстовите кои посетителите ќе ги ископираат во празното поле предвидено за тоа. Со кликање на копчето сабмит, текстот се зачувува во вид на линк кој директно може некаде да се употреби. Која би била потребата од тоа да правите линк од текст со посредство на веб-сајт како „тајнипејст“, кога секој веб-сајт или друг тип на документ во кој би требало да вклучите линк, сигурно и самиот го поддржува тоа, останува дискутабилно. Веројатно за подолги текстови кои не мора да бидат посебно опишани преку линкуваниот израз, ова може да биде практично решение. Дополнително, доколку некои од корисниците на новите технологии кои немаат искуство во поставувањето линкови, добијат потреба да направат некој, овој сајт би им дошол како олеснување.

Веб-сајтот кој се состои од едно празно поле за внесување текст и две копчиња од кое едното ја креира врската, а другото води кон почетната страница и позадина во градиентно сина боја е достапен, оригинален и привлечен и секако наменски. Дури и да не гледате за што може да ви се најде, посетете го чисто за да видите како функционира. Пријатно ќе се изненадите.

Доколку ви се допадне можноста што „тајнипејст“ ја нуди, истата можете да ја користите и во склоп на вашиот прелистувач Мозила фајрфокс, бидејќи е достапен во вид на екстензија за него.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: tinypaste.com

Виртуелен свет од „Гугл“

„Гугл“ неодамна лансираше нов експериментален проект под името „Лајвли“ кој овозможува виртуелен живот во тридимензионален свет во кој жителите можат да се дружат и да четуваат.

„Лајвли“ не е нова идеја која досега не е видена на вебот. Жителите на т.н. „секнд лајв“ (втор живот) знаат што значи да се живее во виртуелен свет уште пред неколку години, а и корисниците на модерните видео игри се сведоци на едно такво доживување. Сепак, новиот експеримент на гугл, додава една поинаква компонента на можностите за комуникација помеѓу интернет корисниците кои досега не се служеле со друг сервис сличен на овој.
За да станете жител на „Лајвли“, најпрво треба да го инсталирате софтверот на вашиот компјутер, после што можете да почнете да го градите вашиот изглед и имиџ, додавајќи му на вашиот аватар анимирани емоции, гестикулации и карактеристики. Потоа можете да изберете соба во која ќе влезете за да почнете интеракција со тамошните жители. Доколку не ви се допаѓа изборот, едноставно напуштете ја собата и појдете на пример на некој остров.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен и едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.lively.com

14 јули 2008

Сервис за комуникација со себеси и со остатокот од светот

Брзото време во кое живееме наложува темпо на извршување на обврските кон кое сите мораме постојано да трчаме за да не заостануваме. Во таа трка со времето, голема е веројатноста да забораваме на одредени важни работи кои треба да ги направиме или пак да ги пренесеме на некој друг. Доколку се препознавате во погорните зборови, „Сендбл“ е вашиот спас. Тоа е бесплатен онлајн сервис кој овозможува неколку важни и корисни работи кои можете да ги завршите од едно место, а ќе ви понуди и евиденција за направеното во секое време.

Накратко, сендбл овозможува праќање на имејл, смс и пораки на сајтовите за социјално вмрежување низ едноставна, кратка и бесплатна постапка. Овие пораки можете да ги испратите веднаш во моментот на нивното создавање или пак да ги закажете за некое идно време. Сервисот функционира за сите или повеќето земји во светот, меѓу кои и за Македонија.

Понатаму, можете да си водите лични забелешки, да си меморирате потсетници, да ги групирате онлајн контактите итн. Особено интересна е можноста за изработка на лични реклами кои ќе се додаваат во склоп на пораките кои ги испраќаат корисниците на „снедбл“, секогаш кога клучните зборови употребени во рекламата ќе се поклопат со содржината на пораката.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: sendible.com

09 јули 2008

Терминологија

„Терминологија“ претставува проект кој им е наменет на корисниците кои и самите можат да придонесуваат кон неговиот развој. Претставува локација на која може да се најде различна терминологија вклопена во различни речници, а посетителите кои ќе решат да регистрираат членство, ќе добијат право да гласаат за поимите, да оставаат коментари, како и самите да започнат свој проект-речник и истиот да го исполнуваат со термини, или да дополнуваат некој кој е веќе креиран.

Сајтот моментално го сочинуваат 13 речници. Некои од нив се: информатичкиот речник, речникот за превод од српско-хрватски на македонски јазик, речникот кој го содржи македонскиот превод на КДЕ, философскиот речник итн. Над 100 000 зборови се сочинети во овие и во останатите досега понудени речници.

Целните области и различните јазици се посебно истакнати на почетната страница од каде директно може да им се пристапи, а пребарувачот овозможува барање на термин вклучен во речникот кој е моментално назначен.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски, англиски
Адреса: terminologija.org.mk