26 август 2004

„Маседониа срч" - пребарувач на Македонија

[лекториран]

„Маседониа срч" (Macedonia Search) е еден од најстарите македонски портали, основан од Здравко Стафилов – Мунем и Зоран Глигоров – Цезар. Иако низата трансформации, и во однос на изгледот, функционалноста и уредувачката политика, низ кои помина сајтов имаа разновиден исход, тој сепак останува едно од позначајните места на нашиот интернет-простор.

Во минатото, овој сајт беше едно од местата каде што често првпат кај нас беа применувани и испробувани разни иновативни програмски и други технологии. На него своевремено беше поставен првиот вистински македонски пребарувач, сервис за електронска пошта, автоматизирани галерии, анкети, модул за вести, флеш-видеоиграта „УЧК инвејдерс" (пародија на „Спејс инвејдерс"што се уште може да се најде преку Гугл со клучните зборови „UCK Invaders"), имаше акробации со имиња на поддомени, промоција на позитивни трендови и иницијативи, интернет-радио (МИР) итн.

Дел од старите содржини се уште се активни, иако не се во прв план (достапни преку минијатурни линкови на дното на првата страница). Тоа се архивата на вести (последната од јануари), архивата на знаењето (подолги категоризирани написи), галериите на фотомодели „очни јаболка" (eyeballs) и „најсекси модели" во кои посетителите можеа да праќаат свои слики и да гласаат (некои се поприлично разголени и сочни). Како маана може да се забележи дека листата на линкови до медиуми (од десно) на македонски и особено на англиски јазик за и од Македонија не е баш освежена.

Во моментов, главни делови на сајтот се Директориумот со линкови (се внесуваат рачно) и скриптите што овозможуваат автоматско преземање содржини од други сајтови (курсни листи, временска прогноза) и нивно презентирање на едно место. Ова е особено полезно во однос на дневните вести: МС овозможува на едно место да ги добиете и споредите насловите (директни линкови) од А1, „Нова Македонија", „Утрински весник", „Дневник", „Време" и „Вест".


Дополнување: автоматско
Функционалност: добра
Брзина: брзо
Код: АСП
Дизајн: минималистички
Навигација: стандардна
Клучни зборови: има
Гугл-ранг: 6/10
Бројач: нема
Јазик: македонски
Лекториран: не
Адреса: www.org.mk

Нема коментари: