20 август 2004

Блогот на Јован

[лекториран]

Како што може да се дознае од сајтот на неговиот блог, Јован Петров е момче од Македонија што признава дека е „зависник" од Интернет, којшто почнал да го запознава во далечната 1992 година.

Добро за сите нас е што прилично добро го има запознаено, бидејќи неговиот блог се прочу по објавувањето на анализата „Провајдерска војна - во име на народот", којашто ја објави Метаморфозис, а потоа ја имаат пренесено и други веб-медиуми, како Риалити Маседониа.

Во анализата, г. Петров (инаку, стручњак за ИТ) има изнесено видување на тековните интерни проблеми со Интернетот во Македонија, од корисничка перспектива: разните можни опции, како и конкретни предлози што може да влијаат на подобрување на состојбите (воспоставување бекбоун, укинување на монополот на МАРНет според светските искуства, укинување на лихварската концесија од 15.000 евра годишно што државата ги бара од провајдерите, со што се оневозможува на помали фирми да нудат вакви услуги...).

Освен „Провајдерската војна", која би требало да биде лектира за секој што го интересира македонскиот Интернет, блогот содржи неколку други постови и има една голема мана: нема нови. Се надеваме дека оваа состојба ќе се подобри по враќањето од летните одмори.

Инаку, искористен е стандардниот шаблон (темплејт) на Блогер (www.blogger.com), што може да го користи секој што веќе користи електронска пошта преку мејл, оти интерфејсот му е многу сличен на Јаху или Хотмејл, само што наместо испратена порака, добивате напис објавен на сајт. Ова треба да претставува поттик и за луѓе со помала технолошка упатеност од Јован да си отворат свој блог и да почнат да ги изнесуваат своите размислувања од областите за кои се стручни и упатени.

Дополнување: засега прекинато
Функционалност: многу добра
Код: интерна апликација
Дизајн: стандарден блогерски
Навигација: стандардна
Клучни зборови: нема
Гугл-ранг: 0/10
Бројач: нема
Јазик: македонски и англиски
Лекториран: не
Адреса: jovans.blogspot.com

[Дополнение: блогот е префрлен на http://jovansblog.dobroutro.com/]

Нема коментари: