[лекториран]
Видеоиграта „Човеколик вонземјанин" ја продолжува традицијата на дводимензионални аркадни (пукачки) игри, која замре кон средината на деведесеттите како резултат на отворањето можности за 3-д графика (посилни компјутери, подобар софтвер, како оној од Вулфштајн и Дум). Арно ама, во последниве неколку години, дводимензионалната анимација, а со неа и таквите игри, полека се враќаат на сцената, пред се во веб-варијанта, благодарение на развојот на Флеш.
Играта ве става улога на симпатичен вонземјанин чијшто брод заринкал на земјава и треба да ги преживеете нападите на властите. Изведбата ја следи формулата што ја постави класичната игра „Зелена баретка" (Green Berret) - јунакот трча од лево кон десно и на секој екран треба да ги испотепа „лошите", а на крај на нивото и нивните „шефови". Стилот на цртање потсеќа на некои од поекспресионистичките италијанските верзии на Пајо Паторот, кои се појавуваа во Микијев Алманах – со малку позамачкани линии, но ефективни. Анимацијата е одлична, а геговите и буквално крвави.
„Вонземјанинот" има доживеано толкав успех (над 6 милиони играчи) што деновиве излегува купечка варијанта за конзоли. Денешниот сајт е посветен токму на неа, и преку него може да дознаете нешто повеќе за тимот што ја прави играта (http://www.thebehemoth.com/), да погледнете како изгледаат сцени од неа преку слики и видео (во Флеш), како и да купите производи на истата тема (играчки, скејтборди). Единствено што недостига на сајтот е информацијата каде може да ја најдете и да ја играте претходната (веб) верзија. Тоа може да го сторите тука: www.newgrounds.com/portal/view.php?id=59593.
Интересно трикче на сајтот е дека најгорната фотографија се менува по случаен редослед при секоја нова посета, но од аспект на употребливоста ова не е толку ефективно, бидејќи се троши процесорско време и брзина на пристап на вчитување на новата слика при повторна скорашна посета, а не е овозможен линк до галерија во која би можеле да се видат сите такви фотки.
Играта не е лесна, но е дефинитивно заразна, па може да се случи да ви треба многу време за поминување на нивоата. Затоа не се препорачува да ја испробувате од работно место.
Дополнување: често
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: базиран на текст
Клучни зборови: само на насловна
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/10
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: http://www.alienhominid.com/
Нема коментари:
Објави коментар