04 април 2005

Десетте години на „Јаху“

[лекториран]

Неодамна порталот „Јаху" прослави десет години постоење. По тој повод, тие објавија посебен потсајт посветен на стоте „моменти" (и во скопскиот младешки сленг овој збор се користи како синоним за „случувања") што, според нив, го одбележале овој период. Тие се однесуваат и на настани од историјата на компанијата, но и на нешта коишто влијаеле на вкупниот развој на Интернет и на вебот, своевидна ретроспектива на „нетот" (мрежата), односно „нетроспектива".

Иако како примарно средство за создавање на веб-сајтот е избран „Флеш", правилата на употребливост се запазени со подготвување верзија на сајтот во „обичен" ХТМЛ-формат, кој ги покрива сличните функционалности во комбинација со Јаваскрипт и користење слоеви.

Секој „момент" е всушност посебен напис, опремен и со можност за посетителите да остават свои коментари. Во нив содржината е дадена преку концизен текст, карактеристична фотографија/илустрација и линкови до споменатите личности, ентитети или веб-сајтови.

За оние поупатените во развојот на Интернет, кои „беа таму на времето", овој сајт може да послужи како носталгичен споменар, од којшто сепак ќе научат дополнителни работи. Сите оние кои допрва се запознаваат со новите технологии би било добро да го прифатат како задолжителна лектира и од стручен аспект, но и како средство за развивање на нивната „општа култура".

Јаху неодамна отвори и сервис за блогирање, а според најновиот Плагин, и мрежа за развој на слободен софтвер, како начин за стекнување нови идеи и решенија.


Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш, ХТМЛ, ЈС
Дизајн: графички
Навигација: приспособлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 0/10 (тазе сајт)
Јазик: англиски
Адреса: birthday.yahoo.com

Нема коментари: