05 април 2005

Официјалниот веб-сајт на градот Сиетл

[лекториран]

Сиетл првобитно било име на индијански поглавар познат по својот еколошки говор (внесете „Chief Seattle" на Гугл). Потоа името го добило едно приморско гратче на Тихи Океан, кое се развило преку обезбедување услуги за китоловци и други морнари, особено „женско друштво" (според Курт Кобејн). Потоа Сиетл прераснал во важен индустриски, уметнички и туристички центар, познат по среденоста, достапноста на природни убавини и како родно место на гранџот.

Градскиот сајт им е пред се наменет на граѓаните на Сиетл и информира за услугите што ги нудат локалната самоуправа и нејзината организациска структура (сосе адресар за контакти со службениците), работата на градоначалникот и Советот (со видеозаписи од заседанијата), овозможува плаќање сметки за комуналии и јавни услуги и сл.

Цел на градот е „да стане национален водач во користењето технологија за драматично проширување на граѓанското учество и јавната расправа". Посветеноста на локалната самоуправа, која се огледа и од документите достапни на сајтот, во комбинација со тоа што 75 отсто од граѓаните имаат пристап на Интернет од дома (50 отсто од нив широкопојасна врска), овозможила забележителни резултати на полето на е-демократија.

Градскиот веб-сајт им е посветен и на туристите, за кои се обезбедени информации за знаменитостите (гробот на Брус Ли, куќата на Бил Гејтс) во посебен оддел, кој нуди „виртуелни тури" и е преполн со релевантни линкови, како оние до Зоолошката градина и Аквариумот. Преку поврзаниот сајт (www.seeseattle.org) може да побарате на домашна адреса по пошта да ви испратат информативен пакет.

За сите горенаведени на градскиот сајт е поставен и календар на настани, кој може да се пребарува и сортира според датум и вид на случувања.

Веројатно како последица на историскиот развој, до овој веб-сајт водат уште неколку адреси (cityofseattle.net, www.seattle.gov).


Дополнување: еднократно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ и други
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: минимално
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ci.seattle.wa.us

Нема коментари: