08 април 2005

Асоцијација за компјутерска машинерија

[лекториран]

Асоцијацијата за компјутерска машинерија (АЦМ) е првото светско образовно и научно компјутерско здружение, основано во 1947 година. Денес има повеќе од 80.000 члена низ целиот свет (професионалци и студенти) и служи како извор за јавноста за авторитативни публикации, иновативни конференции и визионерско лидерство во областа на ИКТ (информациско-комуникациски технологии).

Асортиманот на дејности на АЦМ е навистина широк, и за сите нив може да се дознае преку официјалниот веб-сајт. Важен дел од нив е следење на развојот и на постигнувањата и доделување годишни награди, меѓу кои и престижната Турингова награда, наречена според еден од основачите на модерната информатика, британскиот криптограф Ален Туринг.

Друг аспект е споделувањето знаења преку конференции, пред се оние што ги организира АЦМ, како што е, но и настани на други организации, кои може да се вметнат во содржајниот календар на сајтот. Настаните на АЦМ се „објективна арена за дискусија на најновите идеи, кои често меѓусебно се спротивставени", а нареден таков е „Паноптикон", петнаесетта годишна конференцијата на тема „Компјутери, слобода и приватност" (www.cfp2005.org), кој ќе се одржува од понеделник во Сиетл.

На веб-сајтот има и дигитална библиотека со огромен број научни публикации, собрани во текот на повеќедецениското постоење и „Водич за компјутерска литература" – библиографска збирка со повеќе од 750 илјади наслови, кои директно ги пријавуваат големите издавачи. Овие ресурси се делумно достапни јавно, а додека членовите на АЦМ (за професионалци годишната членарина е 99 долари, а за студенти 42) имаат целосен пристап и до нив и до другите публикации и форми на комуникација на здружението.

Употребливоста на сајтов ја нарушува повремената употреба на фрејмови.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: www.acm.org

Нема коментари: