03 септември 2005

Факти за религиите

[лекториран]

Овој амбициозен енциклопедиски веб-сајт има за цел да ги презентира фактите за светските религии и теми поврзани со религијата од „објективна, академска перспектива“, на пристапен начин.

Во основа, сите текстови се напишани во афирмативен стил, со фокус на духовните активности и на обичаите. Отсуствуваат обработки на контроверзни историски настани и движења поврзани со религиите (крстоносните војни, џихадот), и критиките упатени до некои од нив, особено во врска со новоформираните. Како извори на информациите често се користат официјалните сајтови на дадени религии – ако ги има.

Религиите опфатени со сајтов се: баха’и, будизмот, кинеската религиозна традиција, старогрчката религија, христијанството, хиндуизмот, исламот, џаинизмот, Јеховините сведоци, јудаизмот, скиентологијата, сикизмот, таоизмот и вика (вештерство).

За секоја од религиите се презентирани лист со основни информации, речник на поими, хронологија, историја, како и детални објаснувања на верувањата, симболите, празниците, важните личности, е-книги, линкови и разни други содржини. Особено се интересни табелите и графиконите со кои се прави споредбена анализа на сектите во рамките на една религија, или религиите се споредуваат една со друга.

Сајтов се издржува преку реклами за книги и огласи од „Гугл“. Вториве се интегрирани во самиот дизајн и понекогаш е тешко да се разликуваат од содржините на страниците, што веројатно ги прави поефективни (се елиминира „банерското слепило“), но исто така го пренасочуваат вниманието и кликањето од линковите до оригиналните текстови.

Техничката изведба е со чист ХТМЛ, што ја помага видливоста пред машините за пребарување. Информациската архитектура и навигациските елементи со одлично разработени со употреба на структура на разгрането дрво, така што посетителите секогаш знаат во кој оддел се наоѓаат, но и лесно може да преминат во некој друг или до насловната страница.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: приспособлива
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.religionfacts.com

Нема коментари: