02 септември 2005

Наука во живо

[лекториран]

„Наука во живо“ ги објаснува најновите истражувања за нашата планета, од човечка биологија, преку животинскиот свет до природните сили. Тоа го прави не само со редовно пренесување вести (оригинални и агенциски) туку и со спротивставување на погрешните сфаќања на научните откритија, одговарајќи на нив со куси, но концизни и понекогаш духовити анализи.

Темите на овие „гласови на разумот“ се најразлични, од штетноста на егзорцизмот (истерувањето зли духови, односно кај нас раширеното „баење“, особено при „лекување“ на луѓе со вистински психолошки нарушувања, кои нанесуваат огромни штети низ светот), до постоењето на духови, бигфут, па се до разоткривање на лажните тврдења во „Кодот на Да Винчи“.

Според сопствениците, целната публика на овој веб-сајт се луѓето од мобилната елита, кои поседуваат „интелектуална љубопитност, глад за идеи, настани и нешта што ја минуваат линијата, која го дели академското од фраерското, кои повикуваат на ангажман и имаат врска со животот.“

Информациската архитектура на сајтов е солидна, па на пример, кај секој напис има релевантни фотографии во две верзии: мала на страницата што води до поголема, како и линкови до сродни вести. Пофално е и што за сите информации се наведува точниот извор, често и преку линкови, што овозможува понатамошно истражување или разгледување.

Изведбата на сајтов е во обичен ХТМЛ, при што страниците се додаваат рачно, што веројатно одзема поголеми човечки ресурси и ја зголемува можноста за погрешни линкови, наспроти користење решение со динамички пристап до база на податоци. Сепак, можно е сопствениците да ја донеле одлуката да не преминат на нова технологија поради големото количество веќе архивирани написи, чие пренесување е можно да чини поскапо од потенцијалните предности за даден период.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секој ден
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.livescience.com

Нема коментари: