01 септември 2005

Ретрокраш

[лекториран]

Името „Ретрокраш“ доаѓа од англиските изрази „ретро“ (нешто во врска со стилот и модата од минатото, помешано со носталгија) и „краш“ (не фабрика за чоколади, ниту судир, туку интензивно ненадејно вљубување). Авторот Роберт Бери е навистина вљубеник во поп-културата од минатото, која ја користи и како тема на содржините и како графичка подлога.

Главни делови на сајтот се архивата на написи на разни теми, галериите со ретро-женски и форумите. Без разлика на тоа што сексуалноста е честа тема низ содржините, порнографски материјали отсуствуваат. Написите се комбинација на оригинални слики и фотографии и вицкаст, понекогаш исклучително ироничен текст. Фотографиите се понекогаш преголеми и се добива впечаток на пренатрупаност, како и потреба да се скролува, што ја нарушува употребливоста.

Стилот на пишување и целата работа на сајтот се блогерски непосредни, но без специфичен блогерски софтвер. Се обработуваат и теми, кои деконструираат некои начела што се земаат здраво за готово. На пример, различните парадокси поврзани со примената на супермоќите на Невидливата Девојка и Господин Фантастик од „Фантастичната четворка“ додека водат љубов, или кои се најфраерските возила од поп-културата, со особен осврт на количката на Супер Марио и штицата за сурфање на Сребрениот Сурфер.

Особено интересни се интервјуата со разни ретро-ѕвезди, од кои повеќето се познати и на нашата публика од разни ТВ-серии, како „Малата куќа во преријата“, „Гратчето Пејтон“, „Војводите од Хазард“ или филмови како „Трон“ и џемсбондовскиот „Дијамантите се вечни“.

Иако на сајтот нема апликација за РСС во текстуален формат, интересно е дека е овозможен „поткаст“, односно, емитување на аудиосодржини на ај под-уред (iPod) преку РСС.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.retrocrush.com

Нема коментари: