09 декември 2005

Интернет-кафиња низ светот

[лекториран]

„Сајбер-кафиња“ претставува база на податоци за повеќе од 4.200 интернет-кафиња и јавни точки за пристап на Интернет во 140 земји низ целиот свет. Тие може да се пребаруваат по земја или по град, а податоците содржат начини за контакт, цени, капацитети, работно време и слично.

Ваквиот начин на пополнување овозможува пренос и споредби на податоци за кои инаку би бил потребен контакт со луѓе на теренот. На пример, може да се дознае дека цената за еден час пристап на Интернет во Македонија и во Индија е околу 1 долар, во Кина е два, на Фиџи - 3 долари, во Грција - од 3 до 4, во Андора и Аргентина - околу 5 долари, во САД е околу 6 (или 10 центи по минута), во Австралија - од 7 до 10, а во Замбија дури 10-12 долари.

За жал, некои од податоците изгледаат застарено, на пример за некои интернет-кафиња од земји од ЕУ цените се во старите валути, а не во евра. Сајтов како пример за тоа што може да направат за клиентите го одржува компанија што нуди софтверски решенија за електронска трговија, а грижата за содржините им е препуштена на сопствениците на интернет-кафињата, кои добиваат пристап до базата да внесуваат и да ги менуваат податоците.

Македонија на сајтов е претставена без дискриминација - под уставното име, и тоа преку девет интернет-кафиња од различни градови. Некои од нив имаат и веб-сајтови, чиј рејтинг на машините за пребарување е издигнат благодарение на тоа што до него води уште линк поврзан токму со клучниот термин од нивната област.

Фин дизајнерски „момент“ на сајтов е користењето иконче (т.н. фавикон [или фејвајкон]) со лого, кое се појавува во листата на обележувачи (букмаркс, фејворитс) и во јазичето (таб) во „Фајерфокс“ до неговото име.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.cybercafes.com

Нема коментари: