16 декември 2005

Блогот на Лебовски од хрватски „Космополитен“

[лекториран]

Блогот на Лебовски го препорачува Букаро, кој за него вели дека е еден од најдобрите и најпосетуваните блогови во Хрватска, како и успешен пример од нашето блиско соседство за тоа како од блогер се станува укоричен писател. Освен издавањето збирка раскази, од кои поголем дел веќе се објавени на блогот, Лебовски има и редовни машки шовинистички колумни [од машки агол] во хрватската варијанта на женскиот месечник „Космополитен.“

Блогот изобилува со интересни написи од животот и од делото на авторот, а особен шмек му дава тоа што по секој од нив се прикажани и многубројните коментари од читателите.

Политиката во врска со нив се сведува на следната најава: „Публиката може да ги одбере своите писатели, но писателите не може да ја одберат својата публика. Со други зборови, понекогаш вашите коментари ќе ги снемува, но не поради проблеми во работата на серверот.“

Од аспект на употребливост, маана е што линковите до колумните на Елвис Џ. Куртовиќ се отвораат во нов прозорец. Минималистичкиот дизајн не остава можност за дополнителни согрешенија.

Календарот што покажува во кој ден од месецот има или нема нови писанија и можноста читателот да го контролира прикажувањето на коментарите директно на страниците со текст се добри дополнителни функционалности.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блог.хр)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: хрватски
Адреса: http://lebov.blog.hr/

Нема коментари: