17 декември 2005

Новинарот Ендрју Саливан

[лекториран]

Ендрју Саливан е уредник и новинар по потекло од Англија, а неговиот блог е еден од највлијателните во САД - во просек има по околу 50.000 посети на ден. Темите со кои се занимава се покажуваат интересни за јавноста во неговото општество: хомосексуалност, верба, политика, култура, луѓе и Војната. Во дебатите за смислата и улогата на САД на глобалната сцена, Саливан е застапник на провоените ставови и често е центар на разни контроверзии.

Веб-сајтот, освен блогот, содржи и оддели за написите на Саливан објавени во печатот, како и интервјуа што ги прави преку е-пошта или инстант-месинџер. Во делот „клуб на книгата“ тој дава препораки за читање книги, кои може на лице место да се нарачаат од Амазон, а ги објавува и писмата од читателите, без наведување на нивните лични податоци.

Креаторите на содржини на веб со години водат „тивка дебата“ на тема линкови за отворање нови прозори. Некои од нив своите ставови ги преточуваат во зборови, како Јакоб Нилсен, додека повеќето учествуваат преку примена на една од алтернативите. Саливан, на пр. отвора нови прозорци за линковите кон надвор, особено кога при коментирањето ја линкува оригиналната вест или напис. Оваа алтернатива овозможува останување на неговата содржина во почетниот прозорец, со трошење дополнителни ресурси на корисникот. Неговите политички противници од Ентајвор пак, таквите линкови ги отвораат во истиот прозорец. Наспроти опасноста читателот да остане на сајтот каде што го упатиле, останува и можноста за враќање – преку копчето за назад (Back). Ефективноста на ова копче често се потценува, но не и од најголемите интернет-компании, како „Гугл“ и „Јаху“, кои го користат истиот принцип, веројатно со добра емпириска подлога за таквата одлука.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има два
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.andrewsullivan.com

Нема коментари: