18 јануари 2006

Некромантус: „класични“ игри, но во „Флеш“

[лекториран]

Некромантус е псевдонимот што го користи Ремус Маринеску, програмер од Бакау, Романија, кој работи со технологиите „Флеш“ и „Шоквејв“.

Најголемо и најважно постигнување на Некромантус е правењето на веб-верзии на популарни игри, кои на времето бараа врвни хардверски и софтверски ресурси. Покрај тоа што претставуваат демонстрација на способностите на применетите технологии, примерите се одлична илустрација за тоа до каде е достигнат напредокот на мултимедијалните можности што се земаат здраво за готово.

Flash Warcraft
Така, кај Некромантусот може да играте „Дум“, „Квејк“, „Воркрафт“, „Диабло“, „Херетик“, некои со целосни мисии, некои во демо-варијанта. Иако некои веб-сајтови се имаат обидено да ги симнат и да ги инсталираат кај себе, игрите се така направени што претежно може да се играат само од овој веб-сајт.

Освен игрите за ПЦ, Маринеску има направено и верзии на некои од легендите за Спектрум, како „Дизи“. Тој исто така одржува и архива со верзии на игри за овој компјутер наменети за емулатори.

На располагање за симнување е и колекцијата на техно-нумери во МП3-формат, кои тој ги компонирал, како и можности за интеракција: книга за гости, форум и модул за муабет (чет).


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: necromanthus.com

Нема коментари: