04 мај 2006

Диг

[лекториран]

Диг (анг. откопување, откривање, сфаќање) е веб-сајт за технолошки вести, кој комбинира неколку модерни технологии (социјално букмаркирање, блогирање, РСС) со нехиерархиска уредничка контрола. Корисниците сами ги објавуваат и самите одлучуваат за тоа кои стории ќе бидат промовирани.

По внесувањето дадена сторија (линк), корисниците може да и доделат гласови („дигови“) и, ако собере доволно, таа се појавува на насловната страница, овозможувајќи посетеност и популарност за содржината. Преку делот „Диг спај“ може да се „шпионира“ каква е тековната состојба во врска со статусот на сториите, вкусно дополнето со соодветни дизајнерски решенија, како промена на бојата и транспарентноста на приказот.

Овозможено е и директно вклучување на сториите во блогови поставени на главните светски сервиси, меѓу кои и Блогер. Освен тоа, корисниците може да ги додадат линковите од Диг на своите веб-сајтови, со целосна контрола врз видот: од насловна, само оние за кои гласале или оние за кои гласале некои други одбрани корисници на системот.

Овој веб-сајт може да им биде од голема полза на сите оние што би сакале да промовираат информации за напредокот на технологијата во Македонија, а со тоа и да го издигнат угледот на земјата кај оние што го водат развојот на светско ниво.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.digg.com

Нема коментари: