21 март 2007

Како се прави тога, за тога-забава

[лекториран]

Тога-забава е журка под маски во која сите носат тоги или облека слична на тога и сандали. Тинејџерската комедија „Животинска куќа“ од 1978 година прикажува тога-забава на американски универзитет, по што ваквиот вид забави навистина станале општоприфатени и постојани.

Веб-сајтот „Како се прави тога“ дава совети и пренесува искуства за оваа интересна општествена активност, која во Македонија е малку занемарена во последните 1.600 години, наспроти фактот дека земјава била дел од Римското Царство многу подолго од кое било друго, дури и Османлиското.

За разлика од здруженијата за жива историја, односно реконструирање на начинот на живот во минатото преку стриктно придржување до научно докажаните сознанија, тога-забавите имаат многу послободен однос кон историјата. Целта е шегобијна дружба за сите - иако е пародија на античките оргии и симпозиуми што имале врска и со практикување сексуалност.

Сепак, за успешна тога-забава мора да се следи едно важно правило: тогите не треба да се прават од креветски чаршафи. Купување соодветно обоено платно, односно штоф во продавница, и негово кроење според едноставните упатства и дополнување со накит носи многу поголем степен автентичност и подвижност. Потребниот штоф од 4 до 6 метри е и поевтин од чаршаф.

Дизајнот на сајтов е старомоден, содржините не се поделени на страници таму каде што може, а некои од нив се врз основа на материјали (искази и фотографии) испратени од љубителки на тога-журки низ целиот свет, што му дава особен шарм.


Дополнување: баталено
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.howtomakeatoga.info

Нема коментари: