27 август 2010

Македонската Твитер заедница - тематски сортирана на едно место

„Твитер“ е сервис кој се користи ширум светот од многу луѓе со различни профили и лични интереси. Заради брзината и честотата со која се споделуваат твитовите (пораките кои се праќаат преку сервисот Твитер), следењето на она што навистина одговара на личните кориснички интереси станува особено тешко. Едно решение за класификација на пораките според регионот и според типот на содржини што се споделуваат, овозможува македонскиот сервис „140“. Тоа е сервис за категоризирање на македонските кориници на твитер и нивните постови според предметот на нивните интереси.

На почетната страница можете да ги прегледувате содржините и корисниците кои ги споделувале, групирани во неколку популрани категории. Приказот според категории пак, овозможува детален преглед на последните пораки од регистрираните корисници на сервисот за дадена тема. Паралелно можете да ги видите и последните членови кои се приклучиле кон дадена категорија, како и да видите по колку членови брои секоја од нив.
Категоризирање на македонските кориници на твитер и
нивните постови според предметот на нивните интереси
Актуелните теми за кои дискутира македонската твитер заедница се излистани од десната страна и претставени со хаш тагови, како новите корисници би можеле да се вклучат во некоја од дискусиите. Опционално можете да ги видите и сите тагови кои биле употребени во испратените пораки преку сервисот 140 и воедно преку твитер.

Сајтот има и своја посебна блог-страница на која креаторите даваат упатства за новите корисници на твитер и известувања за новитети кои му се случуваат на сајтот.

140 е производ на волонтерска работа. За да биде релевантно и сеопфатно место за добивање брзи информации, треба да се освежува од што поголем број на корисници. Во моментов заедницата пријавена на 140 брои околу 450 членови. Придонесете за зголемување на оваа бројка – регистрирајте се на 140.mk уште денес. Како резултат на тоа, не само што ги имате сите предности од организираниот начин на информирање, туку добивате и нов канал за промоција на вашите твитови пред најверната македонска твитер публика.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: 140.mk

26 август 2010

Вашите омилени блогови на едно место

„Блоглавин“ е едноставно идеалната веб-локација за сите оние кои паралелно сакаат да следат повеќе блогови. Сајтот овозможува следење на омилените блогови на корисниците на едно место, на едноставен начин.

При вашата прва посета на овој веб-сајт, ќе ви биде понудено креирање на кориснички профил преку кој подоцна ќе можете да ги прелистувате блоговите кои ги следите. На почетната страница на блоглавин се прикажани најпосетените и највисоко рангираните постови од изминатата недела. Покрај опцијата да пребарувате блогови според нивното име, блоглавин ги групира блоговите и според тема и посетеност. Откако ќе го изберете блогот кој сакате да го следите, се отвора неговиот профил на кој пишува колку луѓе го следат, која тема тој ја обработува, колку постови објавува неделно во просек, кус опис на блогот и слични блогови на тој.
Профил според вашите лични интереси за информирање од популарни блогови
Откако ќе ги изберете сите блогови кои ќе ги следите, нивните нови постови ќе се појавуваат на вашиот профил веднаш откако ќе бидат објавени. На блоглавин има и опција постовите кои ви се допаднале да ги обележите за подоцна да можете да ги разгледувате. Секоја новост која веќе сте ја отвориле автоматски се означува како прочитана.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: bloglovin.com

25 август 2010

Следете ги најновите светски вести, коментари и осврти со Гардијан

„Гардијан“ претставува онлајн издание на истоимениот весник кој постои уште од 1821 година. Најновите вести од светот, спортот, патувањето, бизнисот, културата, модата, книгите и уште многу други области можете да ги најдете тука. Овој сајт го привлече нашето внимание, заради можноста за инстантно дознавање на најновите вести, како и за читање на најновите содржини од блоговите со само еден клик.

Гардијан е типичен портал за вести, богат со многу области на покривање, но и со дополнителни сервиси за неговите посетители. Така на пример, на него е поставен огласник за вработување, за да им се овозможи на посетителите полесно да најдат или да понудат работа. Тука се и временската прогноза, сервисот за пронаоѓање сродни души, крстозборки, квизоиви, игри и уште многу други.

Читајте светски вести на светски начин
Разгледувањето на содржините на Гардијан е задоволство за посетителите и заради богатството од мултимедијални содржини во секоја форма: аудио, текст и слики. Притоа, читањето вести и разгледувањето на останатите содржини е секако бесплатно.

Сајтот си има сопствена верзија прилагодена за читање преку мобилен телефон.

Дополнување: редовно
Брзина: средно
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема 
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.guardian.co.uk

24 август 2010

Бесплатен месечен онлајн магазин

Технологијата оди напред, а со нејзиниот напредок се менуваат и навиките на луѓето. Делумно, ова е резултат од потребата за следење на трендовите, но веројатно многу повеќе, тоа се должи на зголемените можности кои ги добиваме благодарение на новите технологии. Ако сте од оние луѓе кои прифаќаат технолошки предизвици по секоја цена, ве предизвикуваме да го читате месечниот магазин „Аплоуд“, онлајн.

Онлајн списание за технологија на македонски јазик
Магазинот аплоуд е и тематски посветен на технологијата, претставувајќи ги во месечни изданија најновите и најинтересните трендови во оваа област, со особен акцент на гаџетите. Магазинот изгледа буквално како печатено списание, само што начинот на кој би се користело тоа е малку поинаков и побогат со можности. Бидејќи се работи за веб-изданија кои се креираат со помош на популарниот сервис за оваа цел – „Ишју“, линковите на страниците се активни, можете да гледате видеа директно во магазинот, како и да лизгате низ делови од страниците со глувчето, за да откриете содржини кои земаат повеќе од предвидениот, ограничен простор.

Ви препорачуваме да го разлистате актуелното издание, секако доколку не ви пречи да читате од вашиот компјутерски екран. Пристапот до списанието е бесплатен, а на располагање добивате секогаш достапна содржина на македонски јазик.

Дополнување: месечно
Брзина: средно
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема 
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: upload.mk

20 август 2010

Работи што никој не ми ги кажал

„Работи што никој не ми ги кажал“ е веб-стрип на Алекс Нориега од Барцелона. Всушност се работи за блог кој наместо текстуални постови нуди кратки стрипчиња или карикатури со негови размислувања и анегдоти.

Иако ритамот на појавување на нови постови не е секојдневен, сепак се одржува прилично постојан континуитет од неколку неделно (со исклучок на годишни одмори) што овозможува јакнење на емоционалната врска со читателите (брендирање).

Стилот на цртање е понекогаш експериментален, но секогаш на прилично високо ниво, а нарацијата има елементи и магичен реализам карактеристичен за пошироката култура од која потекнува авторот.

Со оглед на тоа што стрипот ја користи лиценцата на Криејтив комонс наведи-извор-некомерцијално-без-адаптирани-дела сликичките како такви може да се споделуваат и објавуваат на ваши сајтови, но без интервенции во нив, на пр. замена на текстот со превод на друг јазик.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: основен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: stuffnoonetoldme.blogspot.com

18 август 2010

Стрипот за Мула Пиаз, наследникот на Настрадин Оџа

Мула Пиаз го опишуваат како комбинација на традиционалниот источен мудрец и шегобиец Настрадин Оџа и американскиот стрип Дилберт. Од едниот ги има наследено логиката и хуморот, а од другиот интересот за новите технологии. Добронамерниот хумор го прави интересен за читатели од целиот свет.

Зборот „мула“ кој кај нас може да се преведе како „оџа“ во случајот, како и со Настрадин кој потекнува од Турција, има пошироко значење на народен мудрец, наспроти ригидната интерпретација на свештеник.
Стрип: логика + хумор + нови технологии
Со оглед на тоа што излегува двојазично, веб-сајтот на стрипот има иновативен интерфејс кој овозможува промена на јазикот од персиски на англиски со еден клик по стрип. Со оглед на тоа што насоката на читање на овие два јазици е сосем различна, тоа бара и замена на целиот стрип, кој е преработен соодветно слика по слика.

Лоциран во современ Иран, тој се соочува со ситуации за кои понекогаш има одглас во странските медиуми - како цензура и следење на комуникациите од „морални“ причини, крадење споменици пред нос на полицијата, но и други секојдневни проблеми како поскапување на лебот. За разбирање на некои од авантурите не е лошо да се биде во тек со алтернативни извори на информации од светот, како Глобал војсис на македонски.

Пример на искористување на можностите на медиумот е можноста читателите да предложат сценарио за приказна.

Дополнување: неделно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: имаа
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: персиски (фарси) и англиски
Адреса: www.mullahpiaz.net

24 јули 2010

Научете сами да блогирате и да користите социјални медиуми

Да се биде во чекор со технолошките предизвици не е лесно. Да се учат нови работи, да се искусуваат сосема непознати светови и да се сфати големата важност од сето тоа е тешко за многу луѓе со различно или без искуство во областа и на различна возраст. Но, пак, сето тоа не значи дека треба пред време да се откажуваме. Ако не сте научиле досега, отсега можете тоа да го направите сами – научете се да блогирате и да ги користите новите медиуми преку крајно едноставните упатства на e-learning.mk.


Алатка за само-едукација на современи теми
поврзани со користење на интернет
Сајтот им е наменет на сите луѓе кои сакаат да научат нешто ново на овие теми, како и на оние кои веќе ги користат ваквите алатки, а сакаат да се потсетат за некои од понапредните можности кои тие ги нудат. Се што е поставено на веб-сајтот може да се пренесува и преработува и на други онлајн медиуми или дигитални изданија, се додека се почитува условот кој го предвидува Криејтив комонс лиценцата „Наведи извор-Сподели под исти услови 2.5 Македонија“ (секој може да прави копии или адаптации на содржините, се додека го наведува нивниот извор и нивниот развивач и потоа го споделува своето дигитално дело на сличен начин.

Веб-сајтот е развиен од страна на Фондација Метаморфозис во рамките на проектот „Поттикнување на локални е-содржини“ и засега опфаќа само неколку теми за кои се обезбедени детални инструкции во вид на текст и слики. Во понатамошниот период, овде ќе се објавуваат и други материјали од сличен тип, така разработени за да од нив може да учи секој и наученото да го примени во пракса.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има 
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: e-learning.mk

22 јули 2010

Поедноставете си ја работата онлајн

Постојат повеќе начини на организирање на вашите работни обврски и проекти, а со „Скајлајт“ тој процес е навистина поедноставен. Сервисот претставува онлајн организер со чија помош ќе ги подредите вашите проекти и ресурси, каде може да ги поставите вашите контакти и важни документи и потоа да им пристапувате од веб во кое било време.

Организирајте си ги вашите проекти, задачи, контакти и документи
Користењето на сервисот започнува со кратка регистрација. Откако ќе го креирате профилот, сами ги штиклирате типовите на работни задачи кои сакате да ги работите. Задачите може да ги редите и организирате по принципот на повлечи и додај. Сите проекти, активности и документи се наредени според последната активност во временска рамка, односно, оние кои последни сте ги работеле ќе се појават како први. На крај, за завршените активности може да си спремите извештај, директно на сајтот.

Без оглед дали сакате да користите детален план на задачи, или само да ги организирате моменталните работни активности, скајлајт е идеална веб-локација за поедноставно работење.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, интересен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: skylightit.com

20 јули 2010

Праќајте видео пораки преку електронска пошта

Сигурно ви се случило да треба да испратите имејл, а да сте мрзеливи за да пишувате. За оваа ситуација особено корисен е сервисот „мејлву“, со кој може да праќате видео записи во форма на имејл пораки.


Сервис за праќање имејл пораки во видео формат
За да почнете со праќање на видео записи, потребни ви се само прелистувач, камера и микрофон, а регистрацијата на сервисот не е задолжителна. Времетраењето на едно видео може да изнесува до една минута, а истото може да го пратите само до една имејл адреса. Откако ќе му пристапите на сервисот, почекајте тој да ги пронајде вашите камера и микрофон и потоа  дадете му пристап до нив. Снимете ја вашата порака, потоа пополнете ја формата и испратете ја пораката. Интересна опција е можноста за поставување рок на пораките. Ова значи дека може да поставите датум до кој смее да остане видеото на сервисот. По истекот на тој датум, видеото ќе се самоуништи.

Форматот на видеата е поддржан од повеќето паметни телефони, па така можете да уживате пристап до нив и од вашиот телефон.

Дополнување: нерелевантно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, интересен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: mailvu.com

16 јули 2010

Креирајте си CV онлајн

Доколку сакате да имате правилно напишано CV, а притоа да биде достапно и онлајн, ви го препорачуваме веб-сервисот „Јас“. Овој веб-сервис ви овозможува брзо и лесно креирање CV, кое потоа можете да го симнете во PDF формат или како ворд документ, а исто така ќе го имате онлајн и во секое време ќе може да го промените, како и да го праќате на други во вид на линк (www.jas.mk/korisnicko-ime).


Сè што треба да направите е да го посетите сајтот и да се регистрирате. Тоа се прави преку формата во десниот дел на почетната страница „Направи CV".

Веднаш по регистрацијата ќе ви се отвори форма на CV со празни полиња кои треба да ги пополните со ваши податоци (име и презиме, телефон, град...) Откако ќе завршите со пополнување на полињата, го зачувувате вашето CV и веднаш можете да го видите.

Откако ќе се регистрирате, на вашиот имејл ќе пристигне порака со линк до страница за активација. Со кликање на овој линк, го активирате CV -то и тоа ќе стане достапно на сајтот. Доколку пораката не се појавува, побарајте во Spam или во Junk фолдерот.

Со тоа што вашето CV постои онлајн, другите лесно може да ве најдат, сеедно дали преку Гугл или пак преку пребарувачот на Jas.mk, се разбира доколку како опција имате избрано CV -то да е јавно. Ако пак изберете тоа да не е јавно и поставите код за заштита, CV -то ќе можат да го гледаат само одреден број луѓе, на кои при праќање линк до CV-то ќе мора да им го пратите и кодот.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом : има
Гугл ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: jas.mk
Автор на рецензија: Билјана Севриевска (Б.С.)