27 мај 2004

Ирачка Басра

[лекториран]

„Полковникот Џон Бојд рече дека најголема слабост што една личност или нација може да ја има на морално ниво, кое е највисокото ниво на војната, е ако постои контрадикција помеѓу она што го кажува и она што го прави. Од тоа, сметам дека следува оти основната дефиниција за психолошки операции (амер. psyops) во современите војни од четврта генерација не го опфаќа она што го кажуваш, туку она што го правиш“, вели американскиот експерт за воена стратегија Вилијам С. Линд (www.antiwar.com).

Авторите на сајтот „Ал Басра" велат дека првобитно го основале (во април 2003 година) за да ги претстават историјата, културата, традициите и уметноста на градот Басра. Арно ама, војната и окупацијата ги натерале „да го сменат правецот за да обрнат внимание на тековната ситуација преку напори на посетителите да им се обезбедат факти и извештаи за империјалистичкиот терор против Ирак, на арапски и на англиски јазик и преку мултимедија. Најпосле (историски гледано) отпорот против сите окупатори почнувал во Басра.

На веб-сајтот има најразлични содржини: од фотогалерии (меѓу кои и оние со мачењето на затворениците во Абу Граиб), линкови со вести, преку видеа, флешови, до можност за симнување на ирачки патриотски песни и пауер-поинт презентација во која се измешани сцени од филмот за Исус „Страдание" со фотографии од војната.

Дилетантскиот дизајн изведен во ХТМЛ се одликува со грдост, ама на најголем дел од илјадниците посетители (според независниот бројач) и на машините за пребарување кои го имаат високо рангирано изгледа дека тоа не им пречи.

Мана на веб-сајтов е што линковите, дури кон сопствените страници, ги отвора во нов прозорец. Покрај тоа, во некои од страниците има вметнато и аудиофајлови кои „се полнат" во заднина и ако сте на модем може сосема да ви ја задушат линијата, а тој процес може да се прекине само ако го затворите целиот прозорец. Така, додека ја гледате страницата со фотографии на маскираните борци од Фалуџа, почнува да свири песна на арапски, при што ако ја оставите страницата отворена, ќе утврдите дека е комплетна ем-пе-тројка.


Дополнување: секојдневно
Брзина: релативно брзо
Функционалност: ефектно
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и арапски
Адреса: www.albasrah.net

Нема коментари: