[лекториран]
Адресата на веб-сајтот „Глупави апликации" стоеше некое време како топик на влијателниот ИРЦ канал сеир (#seir) на Андернет, а штом е таму, автоматски добива почетна оцена плус во категоријата функционалност. Како и обично, посетата на овој сајт ги оправда очекувањата: на него навистина се претставени неколку апликации (компјутерски програми чија цел е да завршат некоја работа) и тие се навистина глупави (што ви овозможува многу смеа).
Финтата на сајтов е што е направен следејќи го шаблонот на други сајтови преку кои програмери се обидуваат да продадат свои направи. За секоја од глупавите апликации има посебен оддел, во кој е поместена страница за симнување (download), снимки на екранот (screen shots), често поставувани прашања, форум, финти и трикови, изјава за печат и оддел „што е ново".
Апликациите се „лансирач на команден промпт", „одбројувач на време", „пронаоѓач на датотеки (фајлови)", „проверувач на статусот на логирање", „генератор на случаен број" и „гледач на време". Сите се заштитени марки (trade mark).
Така на пример, „пронаоѓачот на датотеки" функционира така што ако сакате да најдете некоја датотека, односно фајл, прво ви отвора прозорче од Виндоус експлорер за разгледување (browse) преку кое ја пронаоѓате, а потоа ве известува во кој директориум (folder) се наоѓа таа. „Одбројувачот на време" одбројува од десет до нула. „Кога ви треба да одброите што било за период од десет секунди, нема да најдете посоодветна апликација од оваа", вели воведот.
Без разлика што сајтов е статички, свежината на неговиот хумор ќе ве тера да му се враќате одвреме-навреме.
Дополнување: неопределено
Брзина: многу брзо
Функционалност: одлична
Технологии: HTML
Дизајн: сезона 1999
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/10
Бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.stupidapps.com
Нема коментари:
Објави коментар