[лекториран]
Иксот во името на сајтот „икс-мкд“ потекнува од англиското „екстрим“ (не групата со хитот „мор ден вордс“) и се однесува на екстремните спортови: возење скејтборд, ролери или сноуборд; нуркање и параглајдерство.
За секој од спортовите има посебна рубрика (на сајтов наречени се портали), а на првата страница се вчитуваат најновите информации за секој од нив и се појавуваат ако се помине со покажувачот од глувчето врз икона-линк (рол овер). Ова доведува до впечаток на пренатрупаност, иако содржините се релативно оптимизирани, па оваа страница не се вчитува премногу бавно.
Арно ама влегувањето во некоја од внатрешните рубрики може да значи подолго чекање ако сте поврзани со обична телефонска линија, а авторите и намерно ставаат видеоклипови и други содржини што не се погодни за брзо симнување. Користењето фрејмови и слични тракатанци веројатно е причина за нискиот ранг на „Гугл“.
Добра страна на сајтов е што го прават ентузијасти и што создава чувство на градење заедница. Неговите членови, кои се од Виена до Велес, испраќаат фотографии од своите доживувања и постигнувања, а освен за спортовите, има информации и за игри поврзани со нив и друго. Стилот на пишување е жаргонски и американизиран (странските зборови, како и на македонскиот сајт за „Линукс“, и на оној од „Мајкрософт-Македонија“, не се увезуваат според правописот, туку се напишани на оригиналното писмо).
Дополнување: често
Брзина: падни-стани
Функционалност: средна
Технологии: ХТМЛ
Дизајн: пренатрупан
Навигација: густа
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски и англиски
Лекториран: не
Адреса: xmkd.com
Нема коментари:
Објави коментар